Синоќа во МКЦ во Скопје се случи „Земјотрес“ осми пат по ред. Симболично именуван како настан кој ги поместува музичките граници, се чини дека почетокот на февруари, таман откако сме го преживеале долгиот јануари, е идеален термин за сумирање на резултатите од претходната година на музички план.
„Земјотрес во Скопје удира токму во миговите кога луѓето ќе го изумат чувството за заедништво. Кога ќе снема минимален заеднички интерес, кога моралот не е веќе во мода. (…) Генерациите, музичките стилови, па и идеалите се менуваат, но алтернативната културна понуда е есенцијална за поттикнување на духот на новите, се’ побројни сограѓани со пософистицирани естетски потреби“, велат организаторите на настанот, кој имаше одлична посетеност.
Иако имаше повик да се купуват билети однапред (случајно да не снема!), сепак, синоќа билетарата си функционираше нормално. МКЦ оргнизирано ги пречека сите посетители и им го стави на располагање сиот свој капацитет. Денсинг салата беше еден вид меин стејџ, во холот долу постојано шибаше хип-хоп и можеа да се купат це-деа, маици и други нешта, горното фоаје на киното „Фросина“ беше пополноќен денс подиум, а во ќошето долу пред киното беше онаа сцена која, иако тесна, секогаш e највозбудлива.
Првата станица по влегувањето во МКЦ секогаш е музичката продавница „Ап(о)тека“ на Тошо Филиповски. По вообичаената размена на информации за новите изданија и состојбата околу следните енциклопедиски проекти кои се во подготовка, се упатувам кон малата сцена пред „Фросина“, каде за настап се подготвуваа ветераните Владо Манчевски на гитара, Саша Павловиќ на бас и Венцислав Смаќоски на тапани. Сите настапи беа предвидени да се случуваат по околу дваесетина минути (плус-минус), и интересно, сето тоа беше професионално испочитувано. Во случајот со настапот на групата со најегзoтiчно име на нашата алтернативна сцена, Voltaire Mani Al Hakim, многу беше интересен моментот што нивната подготовка за настап исто така беше дел од ритуалот и перформансот. Додека Владо се штимаше, Фрешко се обидуваше со тонецот да го најде звукот на басот додека го плеска со палка од тапани, се појави проблем со светлото. Свирката започна со придушено светло, бендот почна да ја свири долгосвиречката тема која во време од 15-20 минути доживеа различен ритам и звучни нијанси, и одеднаш еден дечко се качи на масичка и ги исклучи светлата. Бендот продолжи да свири во темнина и баш беше кул, па морав да ги фотографирам со блиц.
По некое време истиот момак се качи на масичката и ги вклучи рефлекторите чиј сноп беше тотален дефокус. Но, тоа не им сметаше на легендите веќе да бидат во транс и супериорно да продолжат да ја „возат“ темата. Поезијата на Манчевски е прекрасна, автентична, Фрешко си игра со палката плескајќи го басот, а Венцо успешно ги следи создавајќи свој звучен свет. На крајот, задоволството со малубројната публика е взаемно, бидејќи сепак ова беше само почеток на вечерта.
Морам да го пофалам лајн-апот кој го направиле организаторите на „Земјотрес 8“. На ваков тип настани важно е да проследиш што повеќе имиња кои сакаш да ги видиш, а синоќа тоа, барем за мене, беше идеално наредено. Се префрлувам во Денсинг салата каде само што започна настапот на бендот на Сашко Костов.
Музичарот со еден од најдобрите македонски албуми минатата година („Крик и прашина“), кој, пак, пред некој ден беше прогласен за најдобар екс-ЈУ албум од страна на загрепскиот портал „терапија.нет“, се прошета низ својот материјал отворајќи со тема од последниот албум, па со тема од саундтракот за филмот „Скопје ремикс“, а потоа отсвире уште две теми од претходните албуми. Имајќи ја предвид минутажата, Костов имаше дозиран настап во кој само за момент успеа да го долови лудилото од неговиот минатогодишен самостоен концерт на истата сцена, оставајќи простор за неговиот следен музички перформанс, кој се надеваме дека ќе се случи набргу.
По вообичаената пауза за цигара-муабет пред МКЦ, се враќам во Денсинг салата каде својот настап го привршуваа Culture development. Од она што можев да го чујам во тие десетина минути, има нешто интересно во овие деца, кои дефинитивно треба да продолжат да творат.
И потоа, веројатно пикот на вечерта! После долго време, култните Ласт експедишн повторно на сцена. Салата е преполна, сите ги очекуваат музичките херои од 90-те, откако во претходниот период влегоа во студио и ни ги подарија „Хеј Хо“ и „Срце за себе“. Сецко на гитара е во форма, Сашко на тапани веќе расвирен од претходно, Драган на бас одличен, момакот на гитара (нека прости, не му го знам името) исто така одличен, а Енко, нашиот Еди Ведер, со енергија и вокал како во најдобрите денови.
Откако ја поздрави публиката и побара поддршка од неа, рокна „Срце со себе“. Ласт експедишн звучат фантастично. Искуството си го прави своето, и старите волци звучат светски. Продолжуваат со „Хеј Хо“. Атмосферата расте. Ласт експедишн од 21-от век се моќни. И тогаш, мислејќи дека ќе не’ изненадат со уште нешто ново кое набргу ќе го снимат, па чисто да го напипаат пулсот на присутните, Енко го дели настапот на 21 и 20 век, и неминовно беше по којзнае кој пат да се слушнат големите хитови од минатото „Кељав дабар“ и „Шефе“, кои предизвикаа пристојна шутка пред сцената.
Добив впечаток како да влегов во временска машина во која старите теми, по првите две нови и моќни песни на бендот, како да ми беа непотребни. Затоа, со нетрпение го очекувам новиот албум со 10 нови теми на бендот, кој се надевам дека ќе се случи до крајот на годинава. Мораат да го сторат тоа, бидејќи се’ уште имаат што да кажат! Зашто, „без старца нема ударца“ 😊
Сатницата е одлично стокмена и се симнувам пред малата бина во бифето. Таму Сетстат само што го почнаа сетот. Најдолготрајната петчлена џез банда сигурно не’ воведува во дваесетминутниот настап составен од неколку теми. Васко на сакс е супериорен, Владан мудро се надоврзува, Панче го освежува звукот со современи клавијатурни мастрафи, а ритам секцијата Павел-Гоце отсекогаш била моќна и супериорно го следела и се надоврзувала на звукот од дувачката секција, неретко доживувајќи сопствени луди илуминации. Гоце синоќа беше во транс!
И во рамките на овој настап се случи еден интересен момент, кој случајно го фатив. Само што почнав да снимам, на Панче звукот му отиде по ѓаволите. И додека останатите момци од бендот продолжија да „возат“, Панче и уште еден момак се обидуваа да ги вратат клавијатурите во живот. Сето тоа изгледаше симпатично, и на крајот се’ среќно се заврши.
Да завршам со констатацијата дека Сетстат се фантастични, и синоќа направија можеби најквалитетна свирка. Како да бевме дел од некој њујоршки клуб каде бендот не’ плеска со квалитетен џез, и во моментот ништо повеќе не ви е потребно. А нивниот прв албум, „Сет мејкс сенс“ од почетокот на 90-те, како вчера да го издадоа. Кога летна времето!? Се’ уште ја чувам касетата (иако немам дек да ја пуштам и преслушам), но таа ми преставува значаен артефакт во мојата скромна музичка колекција.
Излегувам надвор на цигара, месечината е на половина копје, ја погледнувам останатата програма, и сфаќам дека таа е наменета за помладата генерација, која синоќа ја имаше во изобилие. Тоа е и една од целите на овој настан, младите генерации да ја преземат улогата на активно следење на домашната алтернативна музичка сцена, а тоа се реализира успешно веќе осма година по ред.
Заминувам со мисла дека веќе не сум во години да го проследам целиот настан, но сосема ми се доволни неколку квалитетни свирки кои ме наполнија со енергија и ми покажаа дека имаме квалитетни момци и девојки кои творат одлична музика. Така било, така и ќе биде. Скопје и по овој музички земјотрес може спокојно да сонува некаква поубава иднина, во која нашата музика ќе биде препознаени и пошироко, во регионални и европски рамки. Затоа, со УМ!
најбољи фест репорт евер