„Златна палма“ за најстариот режисер во светот

Покрај сиот гламур кој од 14 до 25 мај беше присутен на 61 издание на Канскиот филмски фестивал, на кој вообичаено најголем интерес предизвикуваат филмовите во официјалната селекција за наградите, особен интерес имаше и за придружните настани, не помалку интересни од симпатичните пушачки испади на јавни места на претседателот на годинашното жири, Шон Пен. На специјалните настани веќе неколку години наназад гостуваат значајни имиња кои имаат што да понудат и кажат, поместувајќи ја филмската уметност напред, кон иднината.

Фестивалскиот сегмент „Мастерклас“ уште од 1991 година на канската публика и’ нуди незаборавна средба со значајно режисерско име. Оливер Стоун, Вонг Кар Ваи, Нани Морети се дел од филмаџиите кои низ интересни предавања раскажуваат за својата кариера и поврзаност со седмата уметност. Годинава со фановите се соочи добитникот на „палмата“ од 1994 година, Квентин Тарантино. Интересот за присуство на неговиот „мастерклас“, според очевидците, е незапаметен во досегашната филмска историја.

Министрите за култура на сите земји-членки на ЕУ на 21 мај, датум кој е прогласен за „Европски ден на филмот“, се собраа на едно место за да продискутираат за идните визии и можности за развој на европското кино. Резултатите, според завршниот заклучок од настанот, се повеќе од позитивни, со посебен акцент на развивање на копродукциските проекти на посилните со послабите европски држави, простор во кој би требало да гравитира и македонската кинематографија.

Најзначајниот настан, доделувањето на наградата за животно дело, оваа година имаше и свој куриозитет. Таа му припадна на најстариот филмски режисер во светот, стогодишниот Маноел де Оливеира, во чија чест беше направен засебен фестивалски трибјут, со проекција на голем дел од неговите легендарни остварувања. Свеченоста во преполниот „лимиер театар“ започна со проекција на документарниот филм „Еден ден во животот на Маноел де Оливеира“, по што претседателот на Канскиот фестивал, Жил Жакоб, му ја предаде „Златната палма за животно дело“ на португалскиот режисер, кој беше длабоко трогнат од укажаната чест. По четирите „Златни лава“ од жирито и критичарите на Венециската Мостра, де Оливеира конечно, во годината во која ќе го прослави 100-иот роденден, ја доби и престижната „Златна палма“, нешто за што, според неговите зборови, одамна сонувал.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 27 мај 2008 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *