Откако со месеци наназад го најавуваа како настан par exelance за 2021 година, конечно, на 22 јануари започна продажбата на три од четирите изданија на Кроација рекордс (продолжение на некогаш славниот Југотон) со кои се прославува јубилејот „Четири децении од Новиот бран“. Информациите велат дека за кратко време тиражот е распродаден и дека во моментов се печатат нови плочи, што значи дека љубителите на музиката на некогашните југословенски простори и понатаму милуваат да слушаат музика на драгоцните лонгплејки.
Не знам какви им се понатамошните планови на Кроација рекордс до крајот на годината, но во овој прв налет тие ги реиздадоа „Пакет аранжман“ со црвен винил, истоименото деби на Електрични оргазам во жолта варијанта, култниот и единствен албум „Бистрији или тупљи човек бива кад…“ на Шарло акробата на бело ЛП, а до крајот од месецов ќе се реиздаде и истоименото деби на Хаустор, со што ќе се заокружи планираниот сет од четири плочи по повод јубилејот.
Иако на времето навивав за Партизан, а не за Ѕвезда, во случајов се одлучив за црвено-белата комбинација од едноставна причина што „Пакет“ мора да се има во колекција (а цело време мислев дека заедно со „Одбрана и последњи дани“ на Идоли го поседувам, но испадна дека таа комбинација ми била на ЦД), а највеќе се радувам што конечно го имам албумот на Шарло на ЛП, затоа што истиот во меѓувреме се продава за вртоглава цена од минимум 100 евра, па овој принт ми заврши прекрасна работа. Што се однесува до кецот на Оргазам, го скокнав затоа што повеќе им ја сакам двојката „Лишќе прекрива Лисабон“, а првиот Хаустор го имам одамна, со потпис на маестро Рундек среде чинија, и не би го менувал за ништо на светот.
Музичката, и воопшто, културолошка историја на овие простори вели дека осумдесеттите на Југославија и’ го донесоа „Новиот бран“ (Novi val), најсилниот музички израз во Европа во тој момент. „Пакет аранжман“ со Идоли, Електрични оргазам и Шарло акробата како претставници на белградската школа ја навести музичката револуција на овие простори, на која сепак и’ претходеа Штулиќ со Азра и Хоура со Казалиште во Загреб, словенечките Панкрти кои емитираа панк енергија секаде кадешто можеа да настапат, и нивните соседи, Параф од Риека. Сето тоа го поддржуваа и го проследуваа до конзументите студентскиот магазин „Полет“ од Загреб и списанието „Џубокс“ од Белград.
Интересно, бројот 127 на „Полет“ од пролетта 1980 година бил забранет, бидејќи објавил интервју со голманот Милан Шаровиќ на фудбалскиот клуб „Загреб“, што секако, самото по себе не било проблем, но го ставиле на „дуплерица“ како гол излегува од базен, како ироничен коментар на еротските постери на „Старт“, кој се продавал баш поради нив, а не поради содржината која ја носел. Подоцна истата година, кога е убиен Џон Ленон (John Lennon) во Њујорк, декемврискиот број на „Полет“ излегува со црна насловна страница, иста како седум месеци претходно, кога починал Тито. Таквото изедначување се сметало за скандалозно, и набргу уредникот бил испратен во војска, а редакцијата била распуштена.
Враќајќи се на „Пакет аранжман“, на него ВИС Идоли се застапени со четири теми, од кои три се потсмевање со најголемите системи во 20 век: комунизмот (Маљчики), нацизмот (Schwule uber Europa) и капитализмот (Америка). „Пластика“ е нешто сосема трето. И така, секогаш кога нешто има позитивна нагорна линија во одвивањето на нештата, на крајот – падот е неминовен. Затоа, многумина сметаат дека смртта на Тито всушност беше почетокот на падот на едно време, една прилично убава деценија која на многумина им остана во сеќавање како утопија во пракса, облагородена токму со музиката на „Новиот бран“.
Некогаш силен, превратнички израз кој со своето влијание предизвика тектонски промени на уметничката и медиумска сцена во поранешна Југославија, а денес само носталгија по која тагуваме, ривајвлот кон „Новиот бран“ од страна на Кроација рекордс сепак е одличен потег за да се вратиме на некогашните критериуми кои во меѓувреме отидоа во неповрат. За таа цел, плочите содржат и луксузен буклет, книгички од по 20-тина страници, на кои низ автентични фото едиторијали од тоа време надополнети со актуелни текстови на познати новинарски пера, се потсетуваме колку всушност може да биде добро доколку, почитувајќи ги сите стандарди на една музичка сцена, може да создадеме и (п)од(д)ржуваме свет кој е светол за сите нас.
Никола Кнежевиќ во својот текст за „Пакет аранжман“ насловен „Златен аранжман на минатото чиј полн сјај масовно е откриен во иднината“ не’ потсетува колку сето ова испаднало случајно, благодарение и на добриот нос на Синиша Шкарица, уредникот во Југотон, кој им ги „украл“ на Белграѓани нивните тогашни креативци. Бранко Гавриќ, пак, ја раскажува неговата приказна како дошол до крајниот дизајн на обвивката на плочата, давајќи и’ го и насловот на легендарната компилација, додека Момчило Рајин заклучува дека „Пакет аранжман зрачи со истиот интензитет и после четири децении од неговото појавување“.
Ексклузивниот буклет, порај текстовите, е надополнет со фото сесијата на сите протагонисти на плочата, но и со дописните документи на издавачките куќи и оригиналните магнетофонски ленти на кои бил снимен материјалот во студиото „Друга маца“ на Енцо Лесиќ во Белград. Убав прилог се и оригиналните текстови на песните исчукани на латинична машина, како и пописот на изведувачите аплициран и рачно и машински.
Приказната за Шарло акробата, пак, си има сосема друга тежина. И тие се застапени на „Пакет“ со четири теми, меѓу кои веројатно најхимнична е „Нико као ја“, по што сите со нетрпение го очекувале и нивниот деби албум. Никола Кнежевиќ во воведниот текст пишува за „Тројцата акробати во едногодишна рамнотежа“, колку што и траело нивното постоење, по што Милан ги оформува Катарина II и ЕКВ, а Која, секако, Дисциплина кичме.
И овој раскошен буклет содржи архивски материјали од снимањето на албумот, меѓу кои највреден е дописот од ПГП РТБ до Југотон дека Шарло снимале во нивните студија, но дека не се заинтересирани да им го објават албумот, па, ги прашуваат другарски колегите од Загреб, дали може да ни платите за користење на студиските часови за снимање, а ние да ви ги дадеме лентите со снимките? Неверојатно 😊
Сепак, највреден артефакт се фотографиите од сесијата на Горан Вејвода со членовите на бендот, и неговата приказна како се случило тоа. Одлуката паднала многу бргу да се фоткаат во некој школски двор, затоа што Милан, Која и ВД сакале да седат на клупа и да ги гледаат новите генерации пред себе, на кои всушност и се упатени пораките од нивните песни на дебито. Многу разбирливо, ако се потсетиме дека клучни песни на албумот се „Пазите на децу“ 1 и 2.
За цементирање на култниот статус на бендот чие име го означува алтер егото на најголемиот комичар на сите времиња, Чарли Чаплин, тука се и одличните текстови на Петар Луковиќ, кој не’ потсетува дека Шарло им биле предгрупа на Gang of four во Загреб, а овие велеле „Ниту Англија нема вакви сјајни музичари“, додека Момчило Рајин се осврнува на феноменот дека Шарло бил компактно трио без ниту една соло делница во песните.
Се’ на се’, слушајќи ги новите плочи во мојата колекција, деновиве уживам во ривајвлот на „Новиот бран“ како вредност која, иако во годините кога се појавила сум имал само 6-7 години, сепак, неговото влијание продолжило во текот на двете последни декади од минатиот век, а бенефитите од истото сум ги искористил на најдобар можен начин.