пишува: Благоја Иванов
Со најновиот ракопис, романот „Фото синтеза“, Игор Анѓелков несомнено го утврдува своето име на млад автор, чиј првенствен интерес е современоста, како и луѓето кои истата ја живеат, со сите свои животни премрежја. Сказната за животот на главниот лик од романов (раскажана во прво лице), кој живее во Скопје – уште еднаш укажува на тоа. Тој јунак е младич кој го обожувал панкот, што ќе се забележи од неговиот прекар Панк, како и од начинот на облекувањето и на созадавањето на својот општ имиџ. Некои белези од тој период на животот на младичот ќе му останат и кога безделничењето ќе го замени со работа, како фото уметник, обземен од местата од градот кои тој ги открива на инаков начин одошто погледот на незаинтересираниот минувач, како што и убавината на лицата на луѓето ја осветлува на посебен начин.
Градот во кој живее Панк, луѓето во него кои му се блиски, домот и родителите, посветеноста да се открие себеси меѓу сето тоа преку сознавање на одредени вредности што сака да ги сочува со својата фото камера, но и душевни вредности кои се обликуваат во него – ја сочинуваат сказната на романов. Панкот е убавото сакање на раната младост, кој го дожувува и со читањето на книгата „Градина од трње“ од непознат автор панкер, која во првиот дел од романот се преплетува со раскажувањето на катадневните настани поврзани со Панк. Кој, пак, од друга страна, доживува настани кои го обеспокојуваат, настани кои се придружници на современоста во која тој живее.
Токму тие неколку случки што можеа да му ја скршнат катадневната животна патека, ќе бидат причина тој да се реши да отпатува од Скопје во Будимпешта. А причината ќе биде поттикната од поводот дека таму ќе се случи концерт на една светски позната музичка група. Нов град, со нови видици кои ја мамат неговата страст да ги забележи со својата фото камера. Нови лица кои ќе влезат во кадрите од бројните снимки. И едно лице кое ќе го привлече неговото внимание. Не знаејќи, не насетувајќи во прво време дека тоа е лице на девојка кое ќе пробуди убави чувства од едно ново сакање. Што уште поизразито ќе го збогати неговото доживување на Будимпешта. Не насетувајќи дека таа љубов ќе ја прекине насилие, кое го принудува да се врати дома, не можејќи одново да се сретне со својата нова саканица.
Така, во третиот дел од романов Панк е одново во Скопје, одново има можност да работи, во случајов на една бизарна фотосесија. Која го соочува со искушенија кои би можеле да бидат мошне опасни и за неговиот живот. Најубавото сепак си доаѓа: Ержебет од Будимпешта доаѓа кај него. Тој бегаше од Скопје за да реши некои свои душевни состојби. Таа бега од Будимпешта за да реши некои прашања од својот живот. Убав крај, на кој авторот (привидно) не инсистира да му даде некое посебно значење. Тоа се очекува да го
открие читателот на оваа книга.
Романот „Фото синтеза“ на Игор Анѓелков, како што веќе напишавме, е во средиштето на современоста, на она денес со сите негови особености, во кое човекот е подложен на многу влијанија, напати и без да му се видливи. Притисоци морални, социјални, политички. Тие се вкрстуваат во неговата секојдневност и не може да ги одбегне. Некогаш ќе реагира на нив, некогаш тие само ќе поминат низ него. Сето тоа чинам дека може да се насети во овој впечатлив роман за една младост која се бара себеси, напати низ страсти, напати низ размисла за себеси во средината во која живее. Сказната возбудува, колку со судбината на херојот кој ја раскажува, толку со откривањето на стварноста која ја живее. Во еднаш веќе пореметениот поредок на вредностите, се чувствува како тие се разградуваат мошне забрзано во сите области на животот.
Сево ова ме уверува дека овој краток роман ќе најде почитувачи кај читателите, особено кај младите, кои ќе ја прифатат сказната како блиска до нивното искуство, во која ќе ја препознаат интригантноста на кажувањето. Тоа исто така ќе ги привлече и сите
љубознајни читатели кои ја следат нашата современа книжевност.