Архива за месец: ноември 2017

Кон „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово прво чедо конечно ни го подари нам, на публиката, надевајќи се дека на моменти непријатните пост-продукциски искуства сепак на крајот ќе имаат исцелувачка моќ врз неговиот филмски ентузијазам, зашто, едноставно, мора да биде така и никако поинаку. Филмот веќе игра на редовен репертоар во „Милениум“ и „Синеплекс“, а прекрасна увертира имаше само две недели претходно, кога на Солунскиот филмски фестивал екипата ја доби наградата од фестивалската публика, што понекогаш е далеку подрага, посуштинска и со многу поголема тежина отколку официјалните награди доделени од жирито, кои честопати се мерат на некаков си (лоби/политички) кантар. Затоа сега Ставревски слободно може да викне: „Солун е НАШ!“, бидејќи, според информациите, само еден филм пред „Исцелител“ добил поголем број на гласови од публиката во долгогодишната историја на престижниот фестивал.

Читај повеќе

Кон српскиот филм „Ветер“ на Тамара Дракулиќ

Селекцијата „СинеБалкан“ на Синедејс финишираше со српскиот филм „Ветер“ на режисерката Тамара Дракулиќ. По прилично темните приказни од балканските простори во изминатите денови, овој филм беше вистинско освежување, бидејќи изобилува со прекрасни кадри од Ада Бојана, крај легендарната плажа во Улцињ, каде престојуваат и фламинго-јата, како доказ дека Медитеранот си има свои скриени бисери кои, за среќа, сè уште опстојуваат како нечепнати еко-системи.

Читај повеќе

Кон рускиот филм „Хармс“ на Иван Болотников

На претпоследната вечер од годинашниот „Синедејс“ имавме несекојдневна можност да го гледаме долгометражното остварување едноставно насловено „Хармс“. Се работи за, воопшто, првиот игран филм за ликот и делото на мајсторот на краткиот зачуден расказ, Данил Хармс, податок кој ни го даде режисерот на филмот, Иван Болотников, кој напомена дека досега приказната за овој руски писател е разработувана во неколку документарци, но не и во игран филм. Интересно, ова е и негово прво, дебитантско остварување кое чекало реализација многу години, за на крај, во стилот на Хармс, до негова реализација да дојде откако во игра влегуваат поддршките од македонската и литванската Агенција за филм, а подоцна и круцијалната, од европскиот „Еуроимаж“. Така, следејќи ја теоријата на апсурдот, во обелоденувањето на ликот и делото на Хармс на големото платно важна улога имаме и ние, така докажувајќи дека, вусшност, во 21 век „сите ние сме Хармс“, заклучи синоќа Болотников.

Читај повеќе

Кон босанскиот филм „Жаба“ на Елмир Јукиќ

Секоја чест за селекцијата „Гала премиера“ во киното „Милениум“, во чии рамки на „Синедејс“ можат да се видат новите остварувања на ѕверки како Акин, Ханеке, Херцог, Озон, но селекцијата „СинеБалкан“ во малото кино „Фросина“ е сепак она суштинското за овие простори. Синоќа на програмата домашната публика повторно можеше да го гледа босанскиот филм „Жаба“ на Елмир Јукиќ, откако истиот доживеа премиера на „Браќа Манаки“ во Битола, па дури се закити и со наградата „Бронзена камера 300“ за работата на кинематограферот Дејан Димески. Тој е дел од македонската екипа во ова остварување, бидејќи филмот финансиски го поддржа и Агенцијата за филм на РМ, дел од парите се обезбедени и од Србија и Хрватска, а финансиската конструкција ја заокружува поддршката од „Еуроимаж“, впрочем, како и повеќето балкански остварувања прикажани деновиве на фестивалот во Скопје.

Читај повеќе

Кон рускиот филм „Нељубов“ на Андреј Звјагинцев

Кога нешто доаѓа „со љубов од Русија“, особено доколку е насловено „Нељубов“, тогаш мора да му се посвети особено внимание. Но, својата особеност рускиот режисер Андреј Звјагинцев ја покажа уште со феноменалниот првенец „Враќањето“ (2003), кој, изненадувачки, веднаш му ја донесе наградата „Златен лав“ на најстариот, Венециски филмски фестивал, а сето понатаму претставува вистинска филмска бајка. Со тоа беше лансирана уште една автентична синеастичка ѕвезда над светското филмско небо, која сè уште силно сјае, бидејќи Звјагинцев, едноставно, нема лош филм. Сите негови остварувања се феноменални. „Прогонство“ уште повеќе ја продлабочува семејната дискрепанца започната во дебитантскиот филм, „Елена“ (2011) е посвета на големата руска „мајка“ од романите на Горки и компанија, а „Левијатан“ (2014) е слика и прилика на корумпираноста воа пост-комунистичкиот период низ целиот Источен блок, кој на режисерот му донесоа „Златен Глобус“ за најдобар странски филм, како и канска „Палма“ за најдобро сценарио.

Читај повеќе

Кон албанскиот филм „Зора“ на Гентијан Кочи

Синоќа во рамките на програмата „СинеБалкан“ на актуелниот филмски фестивал „Синедејс“, во киното „Фросина“ имавме можност да го гледаме албанскиот филм „Зора“, еден ипол час пред настапот на њујоршките шминкери „!!!“ (Чк Чк Чк) во „Денсинг салата“ при МКЦ. Нормално, заинтересираноста за оваа проекција и за концертот беше дијаметрално спротивна, но педесетината посетители во кино-салата мислам дека на крајот не зажалија што го избраа токму овој термин од 21 часот, бидејќи режсерот Гентијан Кочи реализирал прекрасен филм. Ако се има предвид дека, за жал, малку знаеме и следиме она што се случува во современата албанска кинематографија, овој пат мамката плус за гледање на ова филмско дело беше наградата „Срце на Сараево“ која Орнела Капетани ја доби во август за најдобра актерка, што воопшто не е за потценување, бидејќи Сараевскиот филмски фестивал е еден од најценетите и највлијателните на овие простори во годините наназад.

Читај повеќе

Кон бугарскиот филм „Насоки“ на Стефан Командарев

Во рамките на актуелното издание на „Синедејс“ синоќа во 20 часот (реприза денес во 17.30) бевме во можност да присуствуваме на уште една фестивалска проекција на најизвиканиот бугарски филм оваа година, „Насоки“ на Стефан Командарев, откако истиот го отвори и годинашното издание на „Браќа Манаки“ во Битола кон крајот на септември. Филмот кој својата премиера ја доживеа на јубилејното 70. издание на престижниот филмскиот фестивал во Кан во рамките на втората селекција по вредност, „Извесен поглед“ (Un certain regard), преку Сараевскиот филмски фестивал во август, конечно се закотви врз балканските кино екрани, кадешто и му е местото, меѓу оние кои можат да ја препознаат неговата вистинска вредност, балканската публика, која овие приказни раскажани на платното неретко ги почувствувала и врз својата кожа и секојдневно живее/преживува со нив.

Читај повеќе