Архива за месец: јуни 2019

„2001: Одисеја во вселената“ со проекција во Кинотеката „Златна врата“

Вечерва симболично се простив од Сплит со присуство на проекцијата на култниот филм „2001: Одисеја во вселената“, со што Кинотеката „Златна врата“ го започна одбележувањето на јубилејот „55 години од постоењето“, со проекција на Кјубриковиот филм по повод 50 (и кусур) години од неговата премиера. Ова ми беше прв пат класикот да го гледам на сребрениот екран, во затемнетата сала на кино храмот, во која имаше околу педесетина гледачи, претежно млади луѓе.

Читај повеќе

Спортско ретро интермецо (Грипе, Југопластика, ПОП 84)

Како и нашето „Кале“, и Сплит си има своја легендарна тврдина над градот со име „Грипе“, која датира од 17 век и која одиграла значајна улога во одбраната од Османлиите. До неа се стигнува по една од најживописните сплитски улици, „Радуница“, со карактеристичните далматински камени куќи, која од која поубава. Денес во тврдината се сместени Хрватскиот поморски музеј со илјадници артефакти, и, интересно, средното уметничко училиште. „Грипе“ нуди еден од најубавите погледи врз градот од сите страни, а од нејзините ѕидини се гледа и имењачката, легендарната спортска сала „Грипе“, која, како и „Пољуд“, е изградена за потребите на Медитеранските игри во 1979 година.

Читај повеќе

Сплит, коноба „Хваранин“

Гостите, или подобро, „одомаќинетите“ гости во коноба „Хваранин“ велат дека во оваа прекрасна сплитска кафеана (која се наоѓа на почетокот од старото маало Вели Варош, веднаш по завршетокот на Рива-та кон Марјан) се сретнуваат секој вторник веќе 15, односно 18 години, во зависност дали сеќавањата се повикуваат на почетокот или на крајот од дружбата. Но сите се сложуваат дека ова е вкупно 22 година по ред откако во 1997 година, на нечија иницијатива, веќе не се сеќаваат чија, но тоа не е ни важно, почнале да се собираат токму во овој термин, вторник навечер после осум часот, и така тоа прераснало во дружба со најдолга традиција во Хрватска во поново време.

Читај повеќе

Жилиет Бинош ги освои срцата на Сплиќани

Доделени наградите на 12. Фестивал на медитерански филм Сплит

Синоќа во летното кино „Бачвице“ финишираше 12-то издание на „Фестивалот на медитерански филм Сплит“ (ФМФС), кој оваа година, освен Кинотеката „Златна врата“, доби и трето кино, во предворјето на „Домот на младите“, кое поради одличната посетеност, директорот Ален Мунитиќ најави дека ќе биде простор кој ќе го експлоатираат, секако, во позитивна смисла, и на следните фестивалски изданија. Оваа година ФМФС ги сруши сите досегашни рекорди на гледаност на роекциите, што значи дека фестивалот има нагорна развојна линија, а и како не би имал, кога јуни е полн со туристи, иако поголемиот дел од посетителите, според организаторот, го сочинуваат мештаните кои сè уште не се разбегале по околните острови. Фестивалот го затвори шведското остварување „Занесени“ на режисерите Манс Марлинд и Бјорн Штајн, кое беше надвор од компетиција, и оправдано, бидејќи оваа слатка приказна базирана врз вистинската приказна за војната меѓу два забавни парка за време на Втората светска војна беше баш филм за заокружување на сработеното во претходните десет фестивалски денови. Но, пред проекцијата се случи она што сите го очекуваа, доделувањето на наградите со симболично име „Јадица“.

Читај повеќе

Полуостров „Пељешац“, Хрватска

Вообичаена пракса при гостување на една писателска резиденција е да имате книжевно претставување во градот во којшто претстојувате, меѓутоа, поради екстремно зголемениот број на туристи и бегството на мештаните и локалната книжевна и културна сцена којзнае каде подалеку од Сплит, мудар потег на домаќинот Маја Вранчиќ и нејзината „Удруга Курс“ беше гостувањето на прекрасниот полуостров Пељешац, кадешто, заедно со хрватските автори Игор Рајки и Дени Борозан, во две последователни вечери, дискутиравме на тема „Книжевност во живо: Разговараме за идентитетот“ и „Низ книжевни средби до ревитализација на заборавените места“, притоа, секако, претставувајќи го и сопствентото творештво пред заинтересираната публика. 

Читај повеќе

Спортско ретро интермецо (Шибенка, Дражен Петровиќ)

При денешната посета на прекрасниот Шибеник, неизбежно беше да тркнам и до Дражен. Овој месец, на 07 јуни, се навршија 26 години од неговата прерана смрт, и многумина во медиумите и на социјалните мрежи го поздравија великанот со вообичаеното „Времето лета, капетане“.

Читај повеќе

55 години од постоењето на Кинотеката „Златна врата“ во Сплит

Деновиве во Сплит е актуелен 12. Фестивал на медитерански филм (ФМФС), кој освен проекциите од официјалната конкуренција во ударниот термин од 21.30 во летното кино „Бачвице“, филмовите ги прикажува и во прекрасната сплитска Кинотека во воведниот термин од 19 часот. Сместена на почетокот од централната улица на римската летна резиденција, Диоклецијановата палата, веднаш штом влезете од северната порта низ „Златната врата“, овој филмски храм годинава слави јубилеј 55 години од постоењето, кој пристојно ќе биде одбележан во текот на претстојната есен.

Читај повеќе

Спортско ретро интермецо (Пољуд, Хајдук)

Да си во Сплит, а да не го посетиш Пољуд, храмот на Хајдук, или сплитските „били“, иако е сезонска пауза, навистина е грев. Стадионот кој асоцира на школка со отворен поглед кон морето над јужната трибина, изграден за потребите на Медитеранските игри во 1979 година, долги години беше најубавиот европски, па и светски стадион, чудо на архитектурата, со кровна конструкција која се држи самата, без додатни столбови.

Читај повеќе

Стартуваше 12. издание на Фестивалот на медитерански филм

Синоќа во неофицијалниот главен град на прекрасната Далмација започна 12-то издание на „Фестивалот на медитерански филм Сплит“ (во продолжение:  ФМФС). Сплиќаните, но и туристите со кои градот веќе изобилува (посетителите од азискиот континент со своите фотоапарати во Далмација се најбројни и највпечатливи), на свој начин, опуштено и со девизата „полако“ го наполнија прекрасниот простор во летното кино „Бачвице“ седејќи на тревата, на клупите, на „ѕидчето“ и каде уште не, и создадоа атмосфера типична за овие медитерански простори, овој пат славејќи ја Седмата уметност. Директорот на фестивалот Ален Мунитиќ и останатите гости, според протоколот, ни посакаа добредојде на новото издание на фестивалот, кој нуди богата програма од 70 филмови од 32 медитерански земји, со посебен програмски фокус врз земјите од Јужна Америка и Шведска.

Читај повеќе