Филм што ја слави рап-музиката како начин на размислување

На музичката хип-хоп револуција што се случи во последниве дестина години низ светот, откако западна во мала креативна криза, и’ требаше некоја контроверзна фигура за да го врати нејзиниот сјај. На исклучиво „црниот“ урбан израз му се случи белиот мадерфакер – Еминем. Момчето од Детроит си има сопствена приказна која умешно ја претвора во стихови, намножувајќи ги издадените албуми, и потпомогнат од моќната машинерија, музичката индустрија, со текот на годините стана еден од највлијателните музичари, особено кај тинејџерите кои претежно ја следат музичката телевизија MTV. Додајте уште неколку пикантерии, како разни контроверзни изјави по медиумите, одвреме-навреме посета на судот поради различни причини, и идејата веќе се наметнала сама по себе: следниот чекор е експлоатација на успешната приказна и преку филмот, „братскиот“ медиум на музиката.

Дејството на „Осма милја“ е сместено во 1995 година во индустрискиот Детроит. Осмата милја е улицата што симболично го дели градот на два дела, предградието и урбаниот простор. Џими Зајакот Смит (Еминем) е бело момче од предградието, чија единствена љубов во животот е стиховната гимнастика. Соочувајќи се со генерацијата отспротива, афро-американската даунтаун сцена, потпомогнат од неговите црномурести пријатели кои гравитираат околу еден хип-хоп клуб, главниот лик се обидува да ги истакне своите музички способности за да дојде барем до една демо-снимка која можеби ќе му го отвори патот до славата. Паралелно го следиме и неговиот хаотичен живот, во кој раскинува со неговата девојка (Тарин Менинг), а мајка му (Ким Бесинџер) и малата сестра (Кло Гринфилд) се соочуваат со непријатноста да останат на улица додека тој работи во фабриката за автомобили, кадешто во меѓувреме води љубов со новата симпатија Алекс (Британи Марфи).

„Осма милја“ е полуавтобиографска приказна за животот на Марпал Медрс (Еминем), за неговите рани денови, пред да стане славен. Деталите од неговиот живот фино се вткаени во, на моменти, патетичното сценарио што го потпиша Скот Силвер, а го реализираше Кертис Хенсон, во кое, пред се’, се глорификуваат социјално маргинализираните луѓе. И покрај неспорната популарност на артистот, Хенсон и’ одолеа на стапицата филмот да биде само интерпретација на работата на Еминем, давајќи му реалистична нота, снимајќи ги ликовите претежно во крупен план и инсистирајќи на фристајл поетика, постојано форсирајќи ја енергијата на вербалната комуникација преку стиховите. Голем удел во комплетниот изглед на филмот има директорот на фотографија Родриго Прието, чие око фантастично ни ја доловува безизлезноста на осум-милионскиот град, преку снимањето на разрушените згради и очајните маала.

Филмот на Хенсон ја разработува приказната за успехот на белото момче во црното гето, исто како што на Еминем во кариерата директно му помогна хип-хоп гуруто др. Дре, потсетувајќи не’ на старата Мисисипи легенда Елвис Присли, кој миксајќи ги црниот ритам-ен-блуз и белиот рокабили музички стил, стигна до ѕвездите. Присли, како и Синатра, Боуви, Ајс-Ти и др, својата моментна харизма и популарност ја пренесе на филмското платно. Следејќи го нивниот пример, и Еминем, преку изразот на новото време – рап-музиката, и’ порачува на својата генерација која расте врз премисите да има што повеќе пари, да го редефинираат својот статус во општеството, односно, од бунтовници без причина да станат влијателни субјекти, користејќи ги убиствените рими.

Многумина ги крашт копјата околу тоа дали Еминем знае да глуми, но тоа е неспорно после овој филм. Тој дури ги надминува неразбирливите и патетични појавувања на искусните Бесинџер и Марфи. Можеби најдобар впечаток остава Меки Фифер, кој го игра Ем-Си Фјучр од клубот „Засолниште“, фигурата која најмногу му помага на раперот да го пронајде својот пат. Најголема слабост во сценариото е базирањето на целото дејство врз завршната дваесетминутна микрофон-против-микрофон сцена во клубот, иако истата е одлично снимена и изрежирана. Како и да е, останува констатацијата дека не треба да го љубите хип-хопот за да ве понесе енергијата на овој филм, зашто „Осма милја“ ја слави рап-музиката како начин на размислување, како начин на живот и нов вид на уметност, која дејствува како куршум во вистинското место доколку се пронајде вистинскиот збор.

@Текстот е објавен во „Дневник“ на 19 мај 2003 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *