Текстот со кој настапи промоторката Оливера Ќорвезироска на промоцијата на деби книгата „Кротки приказни“ во ИЛИ-ИЛИ, во тогашниот Центар за култура „Мала станица“:
Првпат кога ги прочитав расказите на Игор Анѓелков, беа КРАТКИ, вторпат – КРОТКИ. Патот од КРАТКИ до КРОТКИ во овој случај беше пат од ракопис до книга, од A до O, од неутралнa дескрипција до поетичка ознака – досетлива, но и функционална и, што е особено важно, соодветна на она што стои зад неа – дваесетината раскази кои почнуваат со број, завршуваат со наслов – непретенциозен, најчесто еднозборен (од 22 расказa сосе нултиот, 4 наслови имаат по два збора, или 5,5 % се двозборно насловени, а 94,5 % имаат еден збор за наслов). Целава оваа математика е тотално непотребна, се разбира, но животот и онака се храни со непотребности, па зошто не би и понудиле малку непотребност и на промоција :-).
Почнувам со навидум бессмислената еволуција на А во О, затоа што ја читам како еволуција сама по себе, како отстојување понекогаш неопходно за вистинскиот вкус. Да се здуши тестото на зборот. Дефинитивно, вистинскиот вкус на расказите на Игор Анѓелков е повеќе кроток и питом, отколку краток и кус.
Без ронка куртоазија, сакам да кажам дека ми претставува вистинско задоволство да позборувам, макар и премалку, прекратко и прекротко за расказите на Анѓелков, неодамна објавени во неговата најнова и прва „вистинска“ книга „Кротки раскази“ – затоа што е зрела проза, суверена во концептот, опстојна во реализацијата, со мерка натопенета во автобиографско и спонтано исушена од патос, од предозираност, од пренапишаност. Буквално од секоја приказна, зад секое чкрапнување на животниот детаљ што ќе се литераризира, стрчи автобиографското, но Анѓелков во збиркава се покажа како чесен раскажувач, ниту го поткаструва, ниту го декорира личното, туку му дозволува да беснее низ текстот толку колку што има сила. Затоа, некои раскази прилегаат повеќе, а некои помалку на него. Во едни „чкрапнува“ одблизу, во други – оддалеку, но во сите чкрапнува во вистинското време.
Непретенциозни, вмрежени со акцент на поентирање, но не како наративно мудрување, туку повеќе како ударна филмска сцена, расказите на Анѓелков се чини дека биле смислени многу пред да бидат напишани. Зашто, ставањето наслов на крајот и не е ништо друго, освен доследност на поентирањето како раскажувачки принцип. Како кога последната ударна сцена ги разоткрива смислата и значењето на насловот на филмот. На ниво на редоследот на расказите во збирката, пак, на ниво на структурата и организацијата на индивидуалните и индивидуализираните приказни, поентата се остварува преку намерното (се разбира!) ставање на трите раскази за смртта на самиот крај, едноподруго, симболично завршувајќи ја книгата со она што секогаш завршуваат животите – со смрт. Ставањето знак на еднаквост помеѓу животот и книгата, е потврда и доказ дека авторовиот текст „… наместо предговор…“ од почетокот на „Кротки приказни“ е антиципација на сè што следи по него, зашто, пишува Анѓелков: „сечиј живот претставува една приказна, автентична и беспрекорно лична, запишана на песокот од непрегледната пустина, преполна со варијации“.
За компактноста на книжевниот проект „Кротки приказни“ сведочи уште еден вонлитерарен, но гласноговорен факт: корицата на збирката. Обрнете внимание на фотографијата на предната и онаа на задната корица: на магарешкиот трн (Onopordon acanthium) и на 2023 или две илјади дваесет и третата, како сакате. Потоа, доведете го тоа во врска со „Трета смрт“, на пример. Ете дозвола збиркава да ја наречам „книжевен проект“. Сè е предвидено, осмислено и обмислено, одмерено и премерено, сè е антиципирано и поентирано, детаљот е поречит од целото, а наративните чкрапнувања на Игор Анѓелков, дефинитивно се во вистинското време за книгата, а се надевам, и за авторот.
Наполно сум сигурна дека секој автор би сакал да има ваква прва книга. Затоа што од неа, ни кога ќе биде на врвот од својата слава, нема да се срами. И, на крајот, му посакувам на Игор наредната книга да му биде добра барем колку оваа.