Во вторникот, на 04 април, во рамките на кампањата „Читаме современи македонски автори“ која библиотеката „Браќа Миладиновци“ ја реализира од минатата есен, се случи разговорот кој одлично го водеше и модерираше книжевната критичарка Александра Јуруковска, долгогодишниот проследувач на сето она што е возбудливо на македонската книжевна сцена. Во фокусот беше збирката раскази „Двојна експозиција“, која е книга на месецот април во библиотеката, но чепнавме и други теми поврзани со издаваштвото, литературата и воопшто, со културата кај нас.
Убаво искуствено доживување беше настанот на кој присуствуваа и редовните библиотечни читатели, со кои на крајот од разговорот се разви убава дискусија за книжевноста и создавањето на едно литерарно дело. Снимката можеби технички не е супериорна, но се надевам дека тематскиот разговор е провокативен за слушање. Најпрво ѕирнете неколку фотки од настанот, а најдолу е јутјуб-линкот од целосниот разговор.
Секако, благодарност до библиотеката за поканата да бидам дел од оваа прекрасна иницијатива, која посакувам да продолжи и понатаму, претставувајќи ги современите гласови во македонската литература на ревносните домашни љубители на пишаниот збор.