„(До)Живеј го Скопје“, воведни текстови

Во понеделник од печат излегува новата книга со скопски графити „(До)Живеј го Скопје“, која ја приредивме со Матеј Богдановски како долгогодишни страсни колекционери и графити-архивари. До сабота, 08 април, трае двонеделната кампања за време на која читателите купуваат ваучер по промотивна цена од 400 денари, а од 10 април книгата ќе можат да си ја подигнат во ИЛИ-ИЛИ, која оттогаш ќе се продава по редовна цена од 550 денари. Во продолжение можете да ги прочитате двата воведни текста на авторите како мотивација да го сторите токму тоа, книгата да стане дел од вашата домашна библиотека како ретко, ексклузивно и скапоцено издание кое содржи скопски графити-мудрости.

„Во 2005 година излезе едно симпатично книже со графити што во издание на „Темплум“ имав чест да го конципирам и да го приредам за македонските читатели. Многу ми е драго, бидејќи претставува мое прво официјално печатено издание на кое сум работел, девет години по издавањето на самиздатот „Четири“ и една година пред излегувањето на првата збирка раскази „Кротки приказни“ (ИЛИ-ИЛИ, 2006). Во 19 поглавја успеав да приредам стотина графити напишани врз светските ѕидови, а на крајот на книжето, како специјален додаток, е дваесеттото поглавје со „скопски графити“, насловено „Скопје, те чекам на крстосницата на Рузвелтова и Орце Николов“.

Се сеќавам дека со денови кружев со велосипед низ градот и ги запишував графитите што моите сограѓани ги оставале на ѕидовите околу нас, како одраз на едно време во кое сме живееле и сме твореле. Во меѓувреме, продолжив да возам велосипед низ метрополата со сè погуст сообраќај, но и, за среќа, со сè поголем избор на графити. За разлика од пред дваесет години, Скопје во третата деценија од 21 век може да се пофали со разновидност во графити-понудата, која Матеј одлично ја „разголува“ во својот воведен текст кон оваа нова графити-книга.

Да, Матеј беше клучниот човек кој еден ден ми пиша дека би било добро да издадеме нова графити-книга за Скопје. Одејќи или возејќи велосипед низ скопските улици ги забележував актуелните скопски графити и ги ставав на „Фејсбук“, каде што наидуваа на прекрасни коментари – од политички до хумористични. Токму по еден таков пост, со Матеј решивме да го изработиме ова книже што се надеваме дека ќе наиде на голем интерес, затоа што претставува артефакт за едно време низ кое сме поминале со будно отворени сетила, читајќи ги пораките на современиците врз ѕидовите околу нас, кои неретко нè замислувале, но и нè засмевале.

Отсекогаш сум ги обожавал графитите како слободна форма на изразување, бидејќи приказната е толку едноставна: имате ѕид, имате спреј во раката, добра мисла или талент за цртеж и магијата се случува веднаш, тука и сега. И не ви треба ништо повеќе! Ова е обид времето да се замрзне во едно шарено книже полно со радости. Затоа, заклучокот вели дека ваквите изданија треба да се случуваат на пет години, бидејќи графитот е променлива категорија – денес е тука, а утре не. Но, книгава ќе го зачува она што лошиот чичко со четката и белата боја во кофата ќе го пребојадиса. Затоа што графитите се општонародно добро, а ѕидовите се јавен простор за јасно и гласно искажување на својот артикулиран став. Така било, а така и ќе биде. За навек. Лонг лив ГРАФИТИ!!!“

Игор Анѓелков

„Графити, некои ги сметаат за вандализам, нагрдување на јавните и на приватните објекти, други, пак, како уметнички израз или улична уметност, еден вид на социјална комуникација преку пораки и мисли испишани по ѕидовите. Што е точно од ова ќе остане уште долго во дискусија, но непобитно е дека графитите се еден феномен, кој опстојува во урбаните средини, особено во големите градови. Скопје, иако можеби не е многу голем град, неговите ќошиња и фасади се носачи на овие привремени пораки, веќе со децении.

Ги има секакви. Некои искажуваат некакви љубовни сентименти, некои луцидни филозофски мисли, други се исмеваат со актуелните политички ликови и настани на своето време, а покрај нив тука се и навивачките, како поддршка за саканите тимови. Без разлика на содржината, некои од нив останаа во мемориите на генерации скопјани и ненаметливо успеаја да станат мимови во урбаната култура на кои им се навраќаме и ги користиме во одредени пригоди.

И јас сум еден од оние љубители на скопските графити. Низ годините ги фотографирав кога ќе налетав на некој интересен, од тие што беа во мојата зона на движење и со тоа се обидував да направам некаква моја мала архива. Со Игор се најдовме со истиот интерес и спојувајќи ги нашите лични фотоархиви тргнавме во оваа авантура, а преку мојот повик на „Фејсбук“ за приложување фотоматеријал и од други „архивари“, кои несебично и со задоволство споделија лични фотки, на мое изненадување, стигнавме до убав репрезентативен примерок на графити и мурали од скопскиот стрит арт.

Нешто што можев да забележам, или ова е барем мој впечаток, а го добив собирајќи материјал за книгава, е дека графитите во градот низ времето еволуирале, односно повеќе ги има такви што се сликовни, со посветено внимание изработени во повеќе бои, а помалку од оние што се само текстуални, луцидна мисла брзо испишана со спреј, а од поскорешниве години сè повеќе има и легални мурали што се нарачани од градот и од повеќе легални места, каде што графити-авторите можат да ја искажат својата креативност, а објекти за ликовна обработка не се само ѕидовите туку и друга урбана опрема, како столбови што служеле за лепење плакати, трафостаници итн.

Секако, не можеме да ги знаеме и да ги опфатиме сите графити што некогаш биле и кои се сега во градот, но ова е еден наш избор на оние што сметаме дека може и треба да останат забележани и од кои успеавме да најдеме некаков фотозапис. Ова е обид да се соберат на едно место и да се зачуваат овие сликовно-јазички содржини, на главно анонимните градски „поети“, бидејќи оваа супкултура е една од оние што му го давала и му го дава шмекот на овој модерен град и затоа што пишаните мисли и слики природно се стремат да бидат ставени во книга, а оваа книга е за вас, прекрасни луѓе“.

Матеј Богдановски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *