Кон албумот „Бела птица, црн бран“ на Пиколомини (Шарла, CD 022)

На 06 септември во клубот „Ла Кања“ во старата скопска чаршија низ слушачка промоција ни беше претставено новото чедо на Давид Ангелевски пророчки насловено „Бела птица, црн бран“. Албумот беше мудро најавен со и-пито „Дева“ пред само пар месеци низ четири теми, од кои насловната се најде и на новата плоча, иако сугестивната „Кабаре Скопје“ е вистински бисер и се’ уште не ми излегува од главата. Но, „Бела птица, црн бран“ си има своја замислена концепција која функцинора совршено, и десетте теми заокружуваат една целина во која Пиколомини повторно ги потпалува нашите чувства медитирајќи на темите љубов, политика, Скопје, апокалипса, смрт… како и во двете претходни албумски остварувања, „From subway to my way“ (2007) и „Меѓу митови и бомби“ (2014), но овој пат далеку посамоуверено, подефинирано и крајно авторски созреано.

На трагата на вистински граѓански активизам, кој Пиколомини преку презентирањето на квалитетната музика во неговата култна емисија „Логично Скопје“ на Канал 103 секој петок од 20 до 22.30 несебично го споделува со нас слушателите и потенцијалните „граѓани“, првата тема која го отвора лп-то носи наслов токму „О Граѓани“, но не со прашалник на крајот, бидејќи авторот е сигурен дека тие постојат, тука се, меѓу нас, но малку затскриени, исплашени, и како што вели џинглот на радиото, можеби гледаат телевизија. Низ атмосфера во стилот на Crime and the city solutions, темата зборува за изгубените вредности („Непозната рака ме подига, остануваш долу – политика“), низ гитарски риф кој тивко вреска кон „неизвесен поглед во иднина“. Но, оние со ум „во друг свет се сокриле… и продолжиле“. Сепак, дали тоа е решението? Токму затоа и повикот: „О граѓани… каде сте?“

На албумот на Пиколомини има два потенцијални радио хитови, едниот од нив е втората тема „Само на еден ден“ во кој музичарот соработува со Соња Димитриоска, всушност, една од трите гостинки на албумот. Оваа тема има мирис на поетиката на Ристо Вртев од „Архангел“ („Во сонот кој ти доаѓа, чека убиец, во врат ти дише минато, не врти се драги, не заспивај сега ти“), гласот на Пиколомини е нежен и сигурен во себе, уживајќи во топлината на жената во разни бои, додека „храбри нови светови рушат граници, а пола-човек пола машина во чело ти нишани“. Вокалот на Соња се надоврзува и сонливо ни соопштува за „новото сонце во зародиш…“, кое иако се појавува „само во еден фрејм“, сепак е некаква надеж, која, нели, последна умира.

Кристина Горовска од „Бернајс пропаганда“ им дава печат на третата („Викторија“) и петтата тема („Сите трчаат“) за која и го напиша текстот. И додека во „Викторија“ низ бек-ту-бек вокали обата артисти ни пејат за љубовта („замисли зима во која нема пролет… само да си близу, и пролетта ќе дојде“), крајот изненадувачки не’ носи кон прекрасно понирање во себе („но денес посакав да не се вратиш никогаш, за да видам што сум без тебе“) поставувајќи го прашањето, односно, признавајќи го поразот со констатацијата „јас не знам што сум без тебе“. Њу-ордеровската „Сите трчаат“, пак, е дијалог меѓу Давид и Кристина во кој светот е сцена на која артистот се разголува („Поклони се и почнувај, погледни чуден свет позади тебе, пред тебе само јас“), но додека „сите трчаат по нечие време“, крајната „Алелуја“ може да се восприеми во саркастичен или voдуховен контекст, за тоа одлучете сами.

Фасцинацијата на Пиколомини од родниот град е општо познато место кое се провлекува низ неговата работа, а во четвртата тема „Сервис не ваља“ таа љубов на суптилен начин се провлекува низ национал-социјалистичкиот слоган кој опоменува, („…рецесија 30-ти, од лево десница , болка во кичма, веќе никој не игра, светла се гасат, историска предигра“),но и отрезнува („Сервис – не ваља“). Басот во оваа тема ќе ве искине, а клавијатурите цепаат без компас: „Хајл, хајл, хајл, хајл, сервис – не ваља!“ Секако, не ја исклучувам можноста авторот да сакал да потенцира нешто сосема друго, но овој осврт е сепак слободна конзумерска интерпретација на материјалот J

Потенцијалниот fin-de-siecle музичарот продолжува тематски да го опсервира во седмата тема, вториот потенцијален хит, насловен, секако,  „Крај на светот“.  „Европа умира, Сатурн објавува – О, драга вселено, цртам желби на твое синило…“.  И тука влегува моќниот рефрен: „Те чекам ко крај на светот во ноќта што не доаѓа, во тивка соба која е од тебе зависна…“, како расказ на Рејмонд Карвер, во кој главниот протагонист тивко го гаси светлото додека апокалипсата само што не тропнала на вратата.

Осмата тема „Кристал“ низ комбинација од соник-јутовски звуци од вратот на гитарата, со сигурна бас линија и ЕКВ-овски клавијатури, повторно не’ навраќа кон љубовта за Скопје, кое и покрај тоа што неретко се препелка во валканици, сепак успеваме да го пронајдеме кристалниот сјај во него („Хоризонти, Америка, горе-долу слобода – Скопје, ти си кристал“). Интересно, сличната делница на клавијатури продолжува и во следната тема, „Понекогаш слобода“, како сестра-близначка на „Кристал“, во која вокалите на Пиколомини и Надежда Рубен  ја глорификуваат секогаш посакуваната „слобода“ низ зборовите „понекогаш ти си сосема доволна… мила моја“. Преставата за идеалот и за позитивната мисла која никогаш не смее да изостане се провлекува и во (на почетокот споменатата) „Дева“, тема во која за момент провејуваат и стихови на француски јазик, како мал омаж на најпоетскиот јазик на планетата Земја.

И крајот го краси делото, со една голема посвета на големиот Блаже Коневски низ темата „Со љубов Б.К“, односно, поетска комбинација/интерпретација на стихови од неговите песни „Бура“, „Жед“ и „Грабеж“. Тонот е повторно апокалиптичен и синтетизиран, гласот на Давид е мрачен, но крајниот впечаток е дека Градски ѕид отсекогаш давал вокални потенцијали со различен варијабилитет и квалитет.

Со „Бела птица, црн бран“ Пиколомини ја продолжува својата музичка приказна, која испреплетена со издавачката куќа „Шарла“ (одличен дизајн на каверот: Иван Илиев и Тања Вукобрат) ни подарува нова квалитетна музика, која на свој, автентичен начин,  ја испишува македонската музичка историја. И да, мора еден ден да собере сила и да го изведе овој драгоцен материјал во живо 😉

https://pikolomini.bandcamp.com/album/bela-ptica-crn-bran-lp