Колку се важни филмските фестивали за деца и млади? Колку филмовите наменети за (нај)младите влијаат врз нивниот светоглед? Дали тие можат да се соочат со предизвиците во реалниот живот пресликан на големото платно, истовремено учејќи од него? Прашања на кои најдобар одговор даде 28 издание на Интернационалниот филмски фестивал „Шлингел“ од 23 до 30 септември. Беспрекорно организиран, со многу гости од речиси сите филмови и членови на десетина жирија, овој фестивал во симпатичниот град Кемниц во Саксонија, источна Германија, одговори на сите предизвици поставени пред секое издание, нудејќи прекрасна енергија која пред и по секоја проекција можеше да се почувствува меѓу присутните. Филмовите и нивните автори и протагонисти ни „подарија“ приказни во кои се соочуваат со стравот, неизвесноста, љубовта, растењето, созревањето… во различни контексти на општествено живеење во различни делови од светот, и со тоа на најдобар може начин не’ соочија со вечното прашање: Каков свет им оставаме ние, возрасните? Бидејќи, колку и да звучи како клише, светот им останува токму на младите. На тој начин уште еднаш на дело се покажа моќта на седмата уметност, која и покрај популарноста на социјалните мрежи, сепак и понатаму останува неприкосновена, на самиот врв.
Во селекцијата составена од 15 филмови од различни светски кинематографии, сведочевме за борбата со климатските промени во Бразил, за желбата да се биде успешен фудбалер или хокеар, за првата љубов на училиште, за историјата на народите и цивилизациите, за урбаниот начин на практикување на субкултурата, за семејните врски кои го детерминираат понатамошниот развоја на младите… Од ова мноштво на прекрасни остварувања, јас решив да пишувам за два исклучителни филма, моите фаворити во селекцијата, кои оставија силен впечаток врз мене. Тие се како јин и јанг бидејќи доаѓаат од различни кинематографии, и претставуваат одлични репрезенти на филмскиот јазик и начин на размислување од оваа и онаа страна на океанот, сепак, со заеднички точки каде се допираат, а тоа е соочување со стравот и непознатото кои се испреплетуваат со непресушната моќ на детската фантазија.
„Kannawoniwasein – Manchmal muss man einfach verduften!“ (What the Finn?! – A Summer of surprises) на германскиот режисер Stefan Westerwelle е сето она што јас како гледач и филмски критичар посакувам да го видам на големиот екран. Приказната сосема кореспондира со модерните текови на живеење и низ одлична монтажа, сјајна работа со камерата и беспрекорен кастинг не’ води на патување од другата страна на приказната, онаму каде се испреплетуваат реално и можното со некогаш толку посакуваното надреално и фантатсично. Бидејќи без тие елементи на иницијација кон посакуваното, каков би изгледал овој сив и суров свет?
Сместен во рурална (источна) Германија, филмот низ разни потслоеви се обидува да го „разголи“ антагонизмот меѓу селото и градот, меѓу совршено обработените полиња меѓу кои може да видите откачени нудисти, и психологијата на урбаната џунгла, која остава непрегледни траги врз детскиот свет. Оваа приказна низ суптилен хумор истовремено не’ соочува со обата света – оној детскиот, но и со светот на возрасните, чија карикатуралност на моменти изгледа лудо и истовремено тажно и поразително. Затоа, беше задоволство да се присуствува на проекција на остварување за деца во кое речиси воопшто не се присутни „модерните играчки“ со кои тие најчесто го губат драгоценото време. Тие се соочени со природата и отворениот пат пред себе, а морето како дофатлив сон и крајна дестинација за прочистување и промена е оној книжевен момент кој на целиот филм му дава додатна тежина. Секако, метафората со осаменоста на волкот е црешата врз шлагот од тортата.
Еден од најголемите успеси во овој филм е феноменалниот кастинг. Miran Selcuk како Finn, со неговиот љубопитен лик во кој очите отсликуваат се’ што се случува во неговата околина, успева на оригинален начин да се носи со улогата на дете кое се соочува со стравот на отворен пат, откако е разочаран што нештата меѓу неговите родители не функционираат баш најдобро. Како негова спротивност, тука е Lotte Engels како Jola, неговата евентуална и можеби посакувана постара сестра, чија сигурност во постапките надополнета со непресушна доза на авантуризам, цело време го движи филмското дејствие напред, со тоа покажувајќи дека доколку имате сон, истиот и треба да го остварите, без никакви предрасуди. Дури и со трактор, ако треба, иако живееме во 21 век!
Во најдобрата традиција не само на германската, туку и на европската кинематографија како општа одредница, филмот на Вестервеле е современ цитат и одговор на Бони и Клајд во најдобриот манир на филмската љубов кон подвижните слики, во која се преплетуваа американскиот сон и европската фантазмагорична прагматичност.
Различен во својата структура и во пристапот кон раскажувањето на една приказна во која фантазијата се сретнува со реалноста (и обратно), филмот „Echo à Delta“ на канадскиот режисер Патрик Боавен преку ликовите во филмот, и нас како гледачи не’ соочува со загубата и грижата на совест, тие „ѕверови“ кои роварат во секого од нас. Започнувајќи го филмот поетично, со пеперутка од хартија која лета над куќата на едно среќно четиричлено семејство, надополнета со автентична музика отсвирена на пила, режисерот како да сака да ни покаже колку овој свет може да биде прекрасен. Тој и е прекрасен, се’ до моментот кога ќе доживееме загуба на некој од најблиските.
Совршено отсликувајќи ја детската психологија каде верувањето во нешта/нешта е многу посилно од работите во секојдневниот живот, сценаристот Jean-Daniel Desroches успева да ја долови онаа нитка која најчесто недостасува во филмоте за деца и млади – а тоа е уверливоста. Едноставно, им верувате на ликовите кои низ вината која ја носат по немилиот настан мораат да се соочат со себеси, со она што биле дотогаш и со она што ќе бидат во иднина. Во ваквата поставеност на нештата од убава помош се филмските референци кои провејуваат низ филмот, од безгрижното возење на велосипеди низ предградието со алузија на славниот „E.T. The Extra-Terrestrial“, преку опасноста од „Луѓе во црно“ кои може со еден flash-light комплетно да ја избришат вашата меморија, па се’ до незаборавниот „Back to the future“.
Истовремено, овој филм меѓу редови зборува и за тоа колку е силна детската фантазија и колку таа може да се разгори во непосакуван правец доколку тоа и’ се дозволи. Бидејќи, живееме во време на виртуелна стварност каде влијанието на модерната технологија го обликува светогледот на нашите деца, колку ние тоа да не го посакуваме. Или можеби несвесно го предизвикуваме, распнати меѓу едно и друго бесцелно сурфање на екранот од телефонот, барајќи барем за момент мала возбуда која ќе ни го направи денот, додека децата чекаат да им го дадеме потребното внимание!?
Како и да е, филмот на Боавен е слоевито остварување беспрекорно реализирано, кое се обидува да одговори на прашањето „Дали сме сами во универзумот“, и ако сме, тогаш, и покрај тоа што тажно звучи, сепак го имаме заедништвото, кое е се’ што ни треба. Затоа, ајде заеднички да работиме на подобро утре за сите нас. Со ваквата хуманистичка порака, сметавме дека „Echo à Delta“ заслужено ја доби наградата на тричленото жири на Интернационалната организација на филмски критичари на 28 издание на филмскиот фестивал „Шлингел“ во Кемниц.