Музејот „Гунценхаузер“ е музеј и уметничка галерија лоцирана во Кемниц, третиот по големина град во Саксонија, Германија. Содржи 2.459 дела од 270 модерни уметници од 20 век, собрани од трговецот со уметнички дела д-р Алфред Гунценхаузер. Музејот беше отворен во декември 2007 година во присуство на германскиот претседател Хорст Келер и е еден од најважните музеи на модерната уметност во Германија.
Кемниц, поранешен Крал-Маркс-Штад, е еден од ретките градови во поранешниот Источен блок кој не се „ослободи“ комплетно од големите скулптури на своите јавни градски простори. Тоа е паметен потег затоа што не знам дали туристите би навраќале во ова мало место, со оглед на тоа што во непосредна близина е секогаш атрактивниот Дрезден. Големата умна глава на Карл Маркс се’ уште гордо чучи близу до центарот, и секојдневно е посетувана од многу туристи. Сепак, еден локалец ми вели дека е подобро да се сликам пред неа во раните утрински часови кога главите не се усијани, дообјаснувајќи дека на последните локални избори екстремната десница добила повеќето од гласовите, па на нивните членови не им е баш по ќеиф скулптурата на Маркс. Така и сторив.
Но градот не може да егзистира само со една единствена атрактивна точка за посета. Во новиот милениум големиот минхенски колекционер Алфред Гунценхаузер, веќе во поодминати години, решил својата богата колекција да ја отстапи на некој од градовите кој ќе има најдобра понуда и услови за нивно згрижување. Атрактивната зграда изградена во периодот од кога датираат повеќето од сликите во неговата колекција, како и сериозната понуда од тогашниот градоначалник, Гунценхаузер ја прифатил со раширени раце, и по реновирањето и прилагодувањето, Кемниц добива фантастичен музеј на современа уметност, кој денес е еден од најпосетените во Германија.
Зградата на музејот била изградена помеѓу 1928 и 1930 година во стилот на тогашниот актуелен правец во уметноста „Нова објективност“ (или „Нов објективизам“), за потребите на седиштето на Шпаркасе банката, односно, „Здружението за штедење и заеми на Кемниц“. како една од првите високи згради во јужногерманскиот град. Фред Ото (1883–1944), шеф на општинската канцеларија за планирање и контрола на зградите помеѓу 1925 и 1944 година, намерно ги напуштил декоративните елементи и користел светол травертин во беж боја за фасадите. Така, зградата ги покажува своите избалансирани пропорции и јасна структура за подобар визуелен ефект. Естетскиот центар на зградата е поранешната сала, која е осветлена со стаклен покрив. За време на реновирањето, архитектот Волкер Штаб го искористил потенцијалот на постоечката зграда и го минимизирал користењето на структурните доградби и интервенции.
И на почетокот, нормално, Ве пречекува изложбата на групата „FAMED“ насловена „Вистината не е вистина“, базирана според славниот „Капитал“ на Маркс.
Изложбените простории на приземјето беа „окупирани“ од поставките и инсталациите на уметниците од оваа групација, кои славното марксово дело го „разголиле“ низ пароли во различни облици. Каде и да се свртите, во вас ѕверат зборови кои можеле/можат да придвижат широки народни маси.
Едноставно, алудираат уметниците од „FAMED“, ова се времиња во кои повторно и повторно мора да се преиспита вистината, ако таа воопшто успеа/ла да преживее во новит милениум.
И на крајот, ве чека еден голем примерок од една од најславните книги во историјата на модерното човештво, напумпана со воздух, и во неа можете да влезете и да скокате како на трамболина. Да, да, вие сте внатре, во марксовиот „Капитал“, и се блесавите до мила волја.
Многу ми се допадна тоа што, како надоврзување на приказната за Маркс, музејот на своите ѕидови го има и делото „Ленин“ на Енди Ворхол во црна и црвена варијанта. Значи, најверодостојно место на светот каде треба да се најдат овие поп-арт дела е токму тука, во некогашниот Карл-Маркс-Штад, и тоа посетителите знаат да го препознаат и да го ценат. Секако, неминовно е по некое селфи, затоа што тоа е во духот на најпопуларниот правец во уметноста во 20 век, под покровителство на Ворхол.
Како надополнување на поп-арт моментот на првиот кат од музејот, претставени се неколку слики од младиот германски сликар Уве Лаузен, кој за жал, починал на 29-годишна возраст. Неговите дела датираат од средината до крајот на шеесеттите, токму кога поп-артот го достигнува својот креативен врв. А таму, на врвот – фигурира и една патика 🙂
Сепак, настрана популарната уметност која привлекува посетители. Главна компонента на колекцијата, односно, она по што е препознатлив овој музеј, се бројните дела од германскиот Експресионизам. Изложбата се состои од дела на Ернст Лудвиг Кирхнер, Ерих Хекел и Карл Шмит-Ротлуф. Тие се школувале токму во Кемниц и биле дел од експресионистичката група „Die Brücke“. Значи, со еден збор, домашни уметници!
Музејот ја содржи и втората по големина колекција на дела од Алексеј фон Јавленски и Габриеле Минтер, кои биле членови на уште една возбудлива уметничка група наречена „Der Blaue Reiter“. Подоцна, заедно со славниот руски конструктивист Василиј Кандински, ја оформуваат групата „Мурнау“, наречена по истоименото село во Баварија каде твореле во 30-те години, кога Нацизмот го доживувал својот расцут.
Еден значаен дел од поставката со слики од фон Јавленски е посветена на неговиот серијал со портрети, едноставно насловен „Глави“. Меѓу нив има навистина импозантни слики.
Од другите застапени уметници, во музејот во Кемниц може да се видат и делата на Кристијан Ролфс, Пола Модерсон-Бекер и Хелмут Кол, кои не биле дел од некоја група или движење, но според сензибилитетот и интересот за темите кои ги претставувале на своите платна, тие се многу блиски до претставените уметници во „Гунценхаузер“. Одиме по ред. Најпрво две сјајни дела од дамата:
Следат сликите од Кол, кои многу ми се допаднаа, бидејќи ме потсетија на Модиљани:
И оние, технички поспецифичните во изведбата, на Кристијан Ролфс:
Од периодот на Вајмарската република, во музејот „Гунценхаузер“ може да се ужива во делата на правецот „Нов објективизам“, токму оној во чиј дух е изградена и зградата која сега претставува музеј. Најрепрезентативни претставници на ова движење се Конрад Феликсмилер и Густав Вундервалд. Еве неколку ремек-дела од нив.
Веднаш после нив, следи уште еден мал ексклузивитет и куриозитет. Имено, музејот има по една слика од славните имиња Макс Бекман, Анри Матис и Курт Швитерс, како современици на германските сликари застапени на постојаната поставка.
Секако, најмногубројни се сликите на мојот омилен германски експресионист, најрепрезентативниот претставник Ото Дикс, чии дела во срж го доловуваат духот на времето, она пред и за време на Првата светска војна, но и потоа, во 20-те и 30-те години од 20 век, кога се’ се чини модерно и напредно, но тоа подоцна доведува и до голема економска криза, која знаеме како ќе заврши – во уште голема човечка една кланица од светски размери.
Се’ на се’, музејот „Гунценхаузер“ нуди фантастично доживување во малечкиот град Кемниц, и навистина претставува негов репрезентативен дел кој мора да се посети. За крај, видео од роботот-домаќин, кој доколку го „играте“ може да ви претстави дел од колекцијата, но мене ми беше annoying и го избегнав, иако неговиот новоговор го слушав цело време, дури и на најгорниот кат. Ме уништи 🙂
Ех, се шегувам. После толку доживеана убавина, еден робот не можеше да ме извади од колосек! Отидов да искулирам со едно фино кафенце, листајќи го книжето во кое се претставени сите дела од колекцијата. На крајот, секако, и го купив. Не роботот, брошурата за музејот 😉
Пингување: Центар за национална култура и уметност „Жорж Помпиду“ во Париз - Херој на еден ден