Најпознат настан од областа на културата во Драма е Фестивалот на кратки филмови, кој годинава се одржува по 42 пат. Но, со своето прво издание и големиот интерес пред се’ од младите уметници и љубители на деветтата уметност, Стрип фестивалот има тенденција да стане традиционален и на едно место да ги собира како домашните, така и интернационалните стрип уметници. На неколку локации низ градот се поставени табли од грчките стрип мајстори од старата и новата генерација, како и оние на годинашните специјални гости од Италија. Еве ги стрип-таблите поставени во Археолошкиот музеј на тема – Втора светска војна:
Првото издание на Стрип фестивалот во Драма организира и работилници и разоговори со гостите, како и графити перформанси со познати спреј-мајстори. Овие денови на слободните ѕидови низ градот во живо можеше да се проследи работата на спреј-магионичарите, а еве дел од крајните резултати (меѓу нив има и постари графити распослани низ целиот град):
Информации за изложбата која трае до утре, 22 септември, можат да се видат на секој чекор, од плакатите залепени на влезот на секоја трета продавница, до постерите и банерите на централниот плоштад во Драма. Веројатно ова е еден од начините да се анимираат жителите во овој мал грчки град, каде месецот септември е најфреквентен, а потоа, како и судбината на сите мали градови во провинција, паѓа во длабок зимски сон без многу случувања во него.