„Божиќна молитва“ на Мирко Ковач

Мирко Ковач (26.12.1938 – 19.08.2013) беше наградуван и ценет писател и сценарист. Автор е на неколку романи, збирки раскази, есеи, ТВ драми и филмски сценарија. Познат е по тоа што беше против изградбата на мавзолејот на Његош. Тој сметаше дека постојната капела е добро инкорпорирана во традицијата и дека проектот на Мештровиќ е поврзан со монументалните египетски храмови, кои немаат никаква врска со христијанството, кое било столбот на животот на епископот. Сценарист е на славните филмови „Окупација во 26 слики“ (1978) и „Падот на Италија“ (1981) во режија на Лордан Зафрановиќ, а ко-сценарист, заедно со Живојин Павловиќ и Столе Попов, на култниот филм „Тетовирање“ од 1991 година.

Книгите од различна жанровска провиниенција на Ковач му донесоа многу книжевни награди, а во тие кругови ќе остане запаметен по својата антологиска песна „Божиќна молитва“, во која го опфаќа голем дел од човечкиот род исполнет со злоба, кукавичлук и гордост. Еве ја во превод на македонски јазик:

Жал ми е за сите оние интелектуалци кои гледаат на едно око, кои примаат почести а се прават дека не им е до нив.

Жал ми е за сите оние неслободни луѓе кои стравуваат

над својата егзистенција,

кои станаа робови на сопствената судбина.

Жал ми е за сите оние несреќници кои целиот живот за себе си набавуваат алиби.

Жал ми е за сите оние што слепо се држат за едно место,

бидејќи не се за некое друго место.

Жал ми е за интелектуалците што веруваат дека се миленици на власта.

Жал ми е за сите полтрони, сите оние што примаат мито од ласкавците.

Се молам за оние несреќни доставувачи што побргу да му се вратат на своето Јас.

Жал ми е за сите оние несреќници кои туѓото мислење го соопштуваат како свое.  

Жал ми е за луѓето гладни за власт, жал ми е за сите кариеристи, сите материјалисти.

Жал ми е за сите оние што веруваат дека значат нешто во очите на оние кои не значат ништо.

Жал ми е за оние што немаат сила да речат: Не, кога не може да се каже: Да!

Жал ми е за оние несреќници кои за слободоумноста веднаш бараат награда.

Жал ми е за сите оние кои ништо не знаат за вистината,

и за оние кои никогаш нема да ги отворат очите,

никогаш не излегувајќи од својата месечева градина.

Жал ми е за оние за кои ефемерната слава е – вечност.

Жал ми е за оние скороевиќи кои за себе си набавуваат маски на снобови.

Жал ми е за сите оние што одат на премиери, кои на трпезата ги посакуваат првите места.

Жал ми е за сите оние кои им завидуваат на другите, кои се суетни и не можат да ја излечат гордоста.

Жал ми е и за оние луѓе што мислат дека нивното молчење е принципиелност.

Жал ми е за сите оние несреќници кои целиот свој живот не можат да ризикуваат,

сите оние слабаци кои се тресат над себе, кои го негуваат својот страв,

сите оние интелектуалци кои лесно се одрекуваат од своето мислење.

Жал ми е за сите оние што сакаат да успеат на туѓа штета.

Жал ми е за сите оние луѓе што сакаат да бидат слободоумни, а по природа се кукавици.

Жал ми е за сите оние што ги мразат луѓето поспособни од себе.

Се молам, Господине, за сите несреќници кои самите се причина за својата несреќа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *