Двојните кански лауреати

Синоќа на затворањето на 79-тото издание на филмскиот фестивал во Кан беа доделени наградите за најдобрите. Колегите од „ФИПРЕСЦИ“ наградата му ја доделија на филмот „Фјорд“ на романскиот режисер Кристијан Мунџиу, кој ја доби и главната фестивалска награда, „Златната палма“. Со тоа претставникот на „новиот романски бран“ во европската кинематографија влезе во групата на двојни лауреати на „палмата“, станувајќи вкупно деветтиот нејзин добитник. Знаете ли кои се другите осум величествени? За нив, во продолжение на текстот.

Првиот што за кратко време два пати се закити со „Златната палма“ е американскиот режисер Френсис Форд Копола. Претставникот на славната „филмска братија“, свежиот здив во Холивуд во 70-те заедно со Скорсезе, Спилберг, Лукас, де Палма… го освои Кан најпрво со „Разговорот“ (The Conversation) во 1974 година, а пет години подоцна тоа му успеа и со незаборавниот „Апокалипса сега“ (Apocalypse now), кога ја подели наградата со „Лимениот барабан“ (The Tin drum) на Волкер Шлендорф, според класикот на Гинтер Грас.  

Кога ќе се спомене „дански режисер“, умот веднаш ни оди кон „лошото момче“ Ларс фон Трир, или можеби Томас Винтерберг. Но пред нивното „Догме“, еден друг Данец доминираше на фестивалот на Кроазета. Бил Аугуст исто така за краток период освои две кански „палми“, во 1988 година со „Пеле, освојувачот“ (Pele, The Conqueror), а четири години подоцна и со „Најдобри намери“ (Best intentions). Овој успех го навести неговиот втор филм „Запа“ (Zappa) во 1983 година, кој ја освои главната награда за најдобар филм во втората фестивалска селекција по важност, „Извесен поглед“ (Un certain regard).  

И регионов може да се пофали со двоен кански лауреат. 31-годишниот Емир Кустурица во 1985 година ја „лапна“ главната награда за прекрасниот „Татко на службен пат“ (Otac na sluzbenom putu), за деценија подоцна, додека на Балканот се’ уште не беа затворени бојните полиња, да триумфира со лудиот магичен реализам во „Подземје“ (Undergorund).

Интересно, десет години подоцна, во 2005 година, Кустурица беше претседател на канското жири, и тогаш „палмата“ отиде во рацете на браќата Дарден за нивниот филм „Детето“. Белгискиот тандем со тоа влезе во зоната на двојни добитници, откако во 1999 година ја добија „палмата“ за прекрасниот „Розета“.

Од далечниот Исток на списокот фигурира филмскиот автор Шохеи Имамура. Долгогодишниот учесник на канскиот фестивал во 1983 година стана лауреат за „Баладата за Нарајама“ (The Ballad of Narayama), a следната декада, во 1997 година, ја подели „палмата“ со Абас Кјаростами („Вкусот на црешите“/Taste of cherry) со филмот „Јагулата“ (The Eel).

Еден од последните квалитетни европски режисери од старата гарда, маестро Михаел Ханеке, исто така е двоен „палмоносец“. Најпрво во 90-те ги полуде фестивалџиите со штракнатиот „Смешни игри“ (Funny games), за потоа триумфално да се врати со „Пијанистка“ (The Piano teacher) со Grand prix 2001, награда за најдобар режисер за „Скриено“ (Cache) во 2005-тата, и конечно, двете главни „палми“ за „Белата лента“ (The White ribbon) во 2009 и „Љубов“ (Love) во 2012 година. Алал вера!

Уште еден се’ уште активен европски режисер со прекрасно портфолио зад себе, се разбира, е британскиот режисер Кен Лоуч. Тој исто така остави завидна трага во Кан со своите филмови, а се закити со „Златната палма“ за незаборавните „Ветрот што го заниша јачменот“ (The Wind that shake the Barley) во 2006-тата, и деценија подоцна, со „Даниел Блејк“ (Daniel Blake).

Од новата генерација европски филмаџии, на Швеѓанецот Рубен Остлунд му успеа да стане двоен кански лауреат. Човекот кој совршено ја прикажува кризата на новото време на големото платно, ги воодушеви жиријата кои му ја доделија главната канска награда за филмовите „Плоштадот“ (The Square) во 2017 и „Триаголник на тагата“ (Triangle of sadness) пет години подоцна. Овој успех го навести со наградата во селекцијата „Извесен поглед“ за „Снежна терапија“ (Snow therapy) во 2014 година.

И на крајот, повторно за актуелниот кански лауреат Кристијан Мунџиу. Во новиот милениум се појави сјајна генерација на романски режисери кои сосема отворено се соочија со распадот на стариот систем и недоследностите на новиот, прикажувајќи како сето тоа влијае врз обичниот човек во поранешната прчија на Чаушеску. Тоа беше препознаено од колегите и им донесе триумф на фестивалите ширум светот. Мунџиу беше меѓу првите кој ја навести таа романска експлозија, добивајќи ја „Златната палма“ во 2007 година за незаборавниот филм „4 месеци, три недели и два дена“.

Не знаеме дали некогаш во историјата ќе се случи и троен кански лауреат, но затоа имаме филмаџии што се закитиле со главните награди (Палма, Лав и Мечка) на трите европски А-фестивали, оние во Кан, Венеција и Берлин. Ги знаете нивните имиња? Чинам дека тоа заслужува засебен текст 😉