„Кротко-крајпатни синтези“ (неформална трилогија)

Драги читатели, со радост Ве информирам дека утре од печат ќе излезе една многу драга книга, специјално издание во кое ги реобјавувам моите први три дела: збирката раскази „Кротки приказни“ (2006) и романите „Крај-пат“ (2010) и „Фото синтеза“ (2013). Овој несекојдневен издавачки потег се обидувам да го разјаснам во поговорот од книгата, кој во продолжение можете да го прочитате во целост 😉

Наместо поговор

„Драг сопатнику, сега, откако ги прочитавте трите книги, со надеж дека во секоја од нив пронајдовте барем една реченица која ве допре и која е Ваша и само Ваша, затоа што откако ќе биде објавено, делото веќе не му припаѓа на авторот, туку на читателот, ве замолувам да заземете позиција на слушател, затоа што дојде време авторот да се исповеда. Чувствувам потреба да го оправдам повторното објавување на првите три прозни изданија по голема временска дистанца, за да не остане впечатокот дека потегот е каприциозен и самољубив.

Како долгогодишен учесник во издавачката дејност, реизданијата на делата од домашни автори најчесто се случуваат заради актуелноста на истите и нивната
поширока перцепција како резултат на добивањето на некоја награда, добрата ПР стратегија, и најчесто култот кон одредена личност која најчесто и’ припаѓа на
таканаречената „книжевна естрада“.

Како читател, пак, уште одамна сфатив дека не постојат „стари книги“. Можеби има „застарени“, кои не кореспондираат со актуелниот момент, туку единствено
со контекстот и времето во кое се напишани, но терминот „стари книги“ не функционира од едноставната причина спомената уште во првата реченица од оваа „исповед“: во секоја книга, колку и да не ви се допаѓа, постои барем една реченица која е Ваша, и токму поради неа вредело да се прочита целото дело, било тоа да било напишано и објавено пред педесет, сто или двесте и повеќе години.

Сепак, да бидам искрен, најважниот момент за реобјавување на моите први три книги е оној, авторскиот. Минатата година, на педесеттиoт роденден, ја објавив
својата десетта книга, и почувствував дека тоа е добар повод малку да се погледне наназад. Гледајќи кон почетоците, забележав дека творам во циклуси, најчесто трилогии, токму затоа ова издание и носи поднаслов „неформална трилогија“. Има многу поврзувачки точки меѓу првите три дела кои се надевам дека и самите ги забележавте при читањето. По нив следеа трите публицистички дела со филмска есеистика, а потоа уште една прозна трилогија со моите последни три романи, кои за момент ги разбива збирката „Двојна експозиција“.

На тој начин, достигнувајќи ја „книжевната полнолетност“ (18 години од првото издание), ми беше особено возбудливо повторно да се навратам на првите ракописи кои ја трасираа мојата понатамошна книжевна приказна. Бев многу љубопитен со овој ум да им се навратам на моите први книжевни илуминации, да
се потсетам на мотивите зошто сум ги напишал и да го оправдам нивното постоење во времето. На крајот сето тоа се претвори во една убава авантура во која не би сменил ниту еден збор, задоволство кое еве, го споделувам со Вас, читателите, меѓу кои се надевам дека повеќето се нови, но дека има и по некој „стар“, кој ја купил оваа книга од почит кон некогашните добри вибрации што ги добил од приказните кога тие беа актуелни.

Кротки
Првата збирка раскази „Кротки приказни“ се крчкаше долго време. Дел од расказите најпрво излегоа во самиздатот насловен „Четири“, кои потоа доработени се најдоа во моето прозно дебитантско издание. Приказните долго време „спиеја“ во еден фолдер на првиот персонален компјутер со „дајал-ап“ линија, чекајќи шанса да стигнат до читателите. И тогаш се случи „Или-Или“ приказната, најпрво книжарницата, а потоа и влегувањето во издавачките води, и по единаесет преводи, време беше за објавување на ракопис од домашен автор. На тој начин се отвори прозорецот низ кој влегоа многу македонски млади писатели, кои својата книжевна афирмација ја доживеаја токму во нашата издавачка куќа, со сета поддршка што можеше да им биде дадена.

Оригиналната збирка раскази содржеше и десетина цртежи направени во програмата „пеинт“, со кои сакав да го потенцирам тој дебитантски, почетнички момент на навлегување во светот на литературата и уметноста со првата официјална објава. Сметав дека за нив нема место во реизданието од практични причини, но и за да остане ексклузивитетот кај оние читатели кои го поседуваат оригиналното издание. Корицата на книгата е посебна приказна. „Боцката“ на ридот крај котата со број 2023 е место од моето детство, и сакав да го овековечам тој простор кој потоа совршено се вклопи и во приказната за Борис во актуелниот роман „Ветрилиште“.

Промоцијата на книгата се случи во културниот центар „Мала станица“ на 7 ноември 2006 година, кога заедно со неа читателите добиваа и беџ со насловот на книгата. Впрочем, дарувањето беше практика и со следните две изданија, на читателите да им се подари уште нешто, покрај самата книга. Следната објава, романот „Крај пат“ содржеше ЦД-компилација со музика која совршено соодветствува со еден од ликовите во приказната, додека со секој примерок на „Фото синтеза“ читателите добиваа фотографија од скопските графити (од личната архива на главниот лик Панк).

За „Кротки приказни“ пишуваа Оливера Ќорвезироска, Гоце Смилевски и Марко Петрушевски.

Смилевски во поговорот потенцира: „Иако станува збор за негова прва книга, со дваесетината раскази понудени во збирката „Кротки приказни“, Игор Анѓелков се докажува како автор кој умее да го води раскажувачкото дејствие по углед на најсовремените светски текови на она што денес во светот се нарекува short story, кој ја исцизелирал својата реченица и кој вешто знае да создаде атмосфера во рамките на кусата форма“;
Петрушевски се надоврзува: „Низ дваесетината кратки раскази во оваа збирка, авторот пишува за настани од својот живот, но и за приказни кои ги чул од други. Тоа се парчиња од секојдневието, сосема мали и можеби за некого безначајни, но во кои Анѓелков успева да вдахне метафизика на баналното. Со својот стил, следејќи го принципот помалку е повеќе, тој, на страниците на оваа книга, на шармантен и непретенциозен начин ја брише границата меѓу своите и туѓите парчиња живот“;
a Ќорвезироска поентира: „Наполно сум сигурна дека секој автор би сакал да има ваква прва книга. Затоа што од неа, ни кога ќе биде на врвот од својата слава, нема да се срами. И, на крајот, му посакувам на Игор наредната книга да му биде добра барем колку оваа“, што, ќе се сложите, е одлична потврда за реиздавањето
не само на „Кротки приказни“, туку на сите три книги вдомени во ова издание.

На пат
По позитивната перцепција и рецепција на првенецот, време беше да се јавне чоперот и да се замине на нов книжевен пат. Четири години подоцна се паркирав
на тротоарот и го објавив „Крај-пат“. Првиот роман се крчкаше подолго од очекуваното, но сепак пишувањето роман е сосема поинаква авантура од расказите, кои како приказни постојано тлеат и настануваат со текот на годините, и на крајот ги собирате во збирка со заеднички сензибилитет. Романот бара поинаков пристап, дисциплина и континуитет во пишувањето, што со помали и поголеми паузи ми се случи токму меѓу 2006 и 2010 година.

Прва медиумска љубов ми е радиото, базирана врз љубовта кон музиката. По дванаесет годишен ангажман, мојата „радио-активност“ заврши во 2009 година со
затворањето на Радио Равел. Потоа не гледав простор на ФМ скалата каде што би можел да продолжам со своите музички замисли. Токму таа посветеност кон музичката форма е главниот виновник за настанувањето на приказната во првиот роман, во која еден од главните ликови се обидува да го сними својот прв албум. Во тој период излезе еден фантастичен деби албум насловен „For Emma, forever ago“ на американскиот бенд Bon Iver, плоча која секојдневно ја вртев безброј пати, и како неминовна инспирација и тематски се вовлече под кожата на „Крај-пат“. Резултатот на крајот беше и повеќе од задоволувачки, бидејќи од домашната работилница изнедри и првиот роман, со сите негови доблести и мани.

За корицата на книгата беше задолжен стрипаџијата Игор Јовчевски. Пријателството и заедничката љубов кон деветтата уметност ја крунисавме со соработка во која ја добивме, ако не се лажам, првата корица од македонски автор на која доминира една стрип илустрација. Освен музиката, низ приказната се провлекуваат и многу референци од стрип културата, и токму затоа ваквата корица совршено соодветствуваше со содржината внатре. За подарок-компилацијата која следеше со примерок од книгата веќе пишував претходно.

Промоцијата се случи една студена зимска ноќ, на 26 јануари 2011 година, во никогаш непрежалената „Менада“. Покрај Ќорвезироска како промоторка, сакав настанот да биде збогатен и со музички настап кој совршено би кореспондирал со она што се случува во приказната, и за таа цел настапија „Салеман“ и „Rough riff “ во акустична варијанта, токму онака како и постариот брат во книгата, кој е на трагата на добра музичка кариера уште со деби материјалот издаден на ЦД и ЛП. Фина беше таа јануарска чаршиска ноќ, и секогаш кога ќе се сетам на неа, ми буди прекрасни сеќавања на убави луѓе.

Ќорвезироска во поговорот коментира: „Крај-пат е изразито ‘подмолна проза’ која не те принудува на ништо, а ти како читател, сепак, правиш сè како што таа ќе ти каже! Фрагментарното раскажување се остварува низ одличните ‘филмски резови’ со кои се постигнува ефект на издвојување на несекојдневното за да се исцрта што пореално токму секојдневното. Затоа, романот во најбуквалната и најбаналната смисла на зборот, не се остава од рацете кога ќе почне да се чита. Вакво меко, тивко, а истовремено моќно портретирање на ликовите со минимални и строго селектирани јазични средства одамна не сме прочитале од домашен автор”;
авторот за медиумите изјави: „Многумина велат дека да се напише роман е многу потешко отколку да се сними филм. По збирката раскази од пред неколку години, влегов во таа игра, сепак, почитувајќи го советот на еден пријател, кој ми рече да се обидам да уживам додека пишувам, а дека сето останато и не е толку важно. Се надевам дека во крајниот резултат, во приказната во романот „Крај-пат“, ќе уживаат сите што ќе ја прочитаат, бидејќи таа е сублимат на работите кои ги сакам и со кои, на крајот на краиштата, и професионално се занимавам: литературата, филмот, музиката и стрипот“;
а Милан Дамјановски во освртот кон романот заклучува: „Тоа што е важно е дека со „Крај-пат“, Игор Анѓелков нуди еден роман со свеж пристап и поглед кон нашата реалност, критичен, но во исто време и облагороден со хумор и оптимизам. Пред нас имаме автор кој без многу врева, но сигурно се наметнува на нашата книжевна сцена и на кој вреди читателите да му дадат шанса. Пред вас е роман кој ќе ве однесе на еден интересен пат, а на нас останува да видиме на какви авантури и патишта неговиот мотор ќе го однесе во идниот период“.

Синтеза
Ова е совршен збор кој ги синтетизира сите три реобјавени ракописи во заеднички авторски сензибилитет. „Фото синтеза“ на прекрасен начин ја заокружува неформалната трилогија во која во фокус се младешкиот занес и потрагата по себеси, нешта што ме преокупираа во овој творечки период од животот. Фасцинацијата од фотографијата како уметност, надополнета со панк културата, во градот со „небо во боја на бамји“ изнедрија приказна која се случува паралелно во Скопје и во Будимпешта, и во која, како и претходно, „се издвојува несекојдневното за да се исцрта што пореално токму секојдневното“.

Во текот на пишувањето, со тогаш тазе купениот фото-апарат, исто како и Панк, главниот лик во книгата, шетав низ урбаните сокаци ловејќи ги графитите врз
ѕидовите, фотографии кои потоа послужија како подарок за читателите. Истовремено, при тие фото сеанси, книгата се пишуваше самата од себе. Тој принцип на движење низ градските улици продолжи да биде инспиративен и за следните прозни книги, кои ќе се појават подоцна.

Промоцијата на „Фото синтеза“ се случи еден топол пролетен саботен априлски ден во 2013 година пред книжарницата „Или-Или“, со еден куп гласна панк музика, пијачки, торта и многу драги и насмеани луѓе од различна провиниенција. Тоа беше совршено природна промоција каква што приказната во овој роман и ја заслужуваше. Книгата влезе меѓу десетте кандидати за „Роман на годината“ на „Утрински весник“ (професорот Ферид Мухиќ, член на жирито, при една подоцнежна дружба ми кажа дека романот му бил пријатно освежување од сето останато „веќе видено“ на македонската книжевна сцена), а „Фото синтеза“ беше и финалист за „Рациновото признание“, исто како и повратничкиот роман „Шрапнел“ седум години подоцна.

Благоја Иванов во поговорот на книгата напиша: „Со својата нова книга, Игор Анѓелков несомнено го утврдува своето име на млад автор чиј првенствен интерес е современоста, како и луѓето кои истата ја живеат, со сите свои животни премрежја”;
а Ќорвезироска заокружува: „Ако ги помните „Кротки приказни“ и „Крај-пат“ – тогаш „Фото синтеза“ е одлично „место“ за утврдување на совладаната книжевна
материја: различно од претходните објави на Анѓелков, толку колку што треба за да знаете дека е нешто сосема ново, но и исто, толку колку што треба за да знаете дека сепак е негово и само негово“.

Сумарум
Се надевам дека сето претходно споменато е доволна причина за објавување на ова реиздание на трите книги, уште еднаш докажувајќи дека, колку и нескромно
да звучи, квалитетната литература секогаш го наоѓа својот пат до читателите. Исто така, се надевам и дека „кротките приказни“ и младешкиот дух кој провејува низ „Крај-пат“ и „Фото синтеза“ се релевантни и денес, и дека и тогашната и сегашната цел – обраќањето кон помладата публика, но и кон онаа која сè уште го негува
детето во себе, се остварува во целост.
Ви благодарам“.