Едно од најпријатните изненадувања на филмското платно минатата година беше филмот „Конклава“ . На доделувањето на Европските филмски награди во декември незаборавни појави беа оние на Ралф Фајнс и Изабела Роселини, како носители на главните ролји во филмот на Бергер. Прекрасниот пар во зрели години блескаше на сцената и едноставно ме натера да го гледам нивното ново остварување, иако не сум голем љубител на политички трилери. Но возбудата се зголеми кога уште на најавната шпица прочитав дека се работи за адаптација на роман од Роберт Харис, сметајќи дека она што следи не може да биде здодевно, туку напротив.

„Татковина“ на Харис е една од книгите на кои со драго срце можам да им се навраќам во било кое време. Сместена во Берлин во 60-те години на минатиот век, приказната е поставена на претпоставката „што би било кога би било“. Германија е големиот победник во Втората светска војна, а во предвечерието на прославата на 75-иот роденден на Хитлер, непознато тело испливува на површината на едно од градските езера. Романот од 1992 година веднаш доби истоимена ТВ екранизација со Рутгер Хауер и Миранда Ричардсон во главните ролји, со Кристофер Менол во режисерското столче.

Триесет години подоцна, дело на американскиот писател повторно ја бранува јавноста затоа што папата Франциск е со кревко здравје, а сторијата во „Конклава“ ги предвидува нештата во блиската иднина. Таа блиска иднина се остварува токму денес, кога пристигна веста за заминувањето на водачот на Римо-католичката црква. Она што следи во надалеку познатата Систинска капела е токму она што се случува и во самиот филм на Бергер. Неверојатна е моќта на книжевноста, а следствено на тоа и на филмската уметност, да ги антиципира нештата и да им даде природен тек на настаните.

Кога папата ќе почине од срцев удар, „Колеџот на кардинали“, под раководство на неговиот декан, Томас Лоренс од Обединетото Кралство, се состанува за да го избере неговиот наследник. Четворица водечки кандидати се Алдо Белини, прогресивец од САД, Џошуа Адејеми, социјален конзервативец од Нигерија, умерениот Џозеф Трембли од Канада, и домашниот традиционалист Гофредо Тедеско од Италија. Британскиот либерал, кардиналот Томас Лоренс е задолжен да го води еден од најтајните и најдревните настани во светот, избирањето на нов папа, но за жал, нештата не одат како што треба и чадот кој лебди над Ватикан е оној со темната боја. Сето ова е поради мрежата од заговори и интриги меѓу кандидатите кои би можеле да го разнишаат самиот темел на Католичката црква.

Во филм во кој најголемиот дел од дејствието се случува во простор зад затворени врати, морате да имате одлична екипа која замисленото успешно ќе го спроведе во дело. За таа цел, сценографите се погрижиле да направат верна реплика од Систинската капела додавајќи и’ чувство на клаустрофобичност со цел за зголемување на тензиите меѓу протагонистите додека се избира новиот папа. Костимографијата исто така игра на картата на уверливост, враќајќи не’ на ватиканскиот „аутфит“ од 17-иот век, бидејќи, како се вели, „што постаро, тоа подобро“. И се разбира, особено ми се допадна моментот што сценаристот Питер Страган отишол во официјална посета на Ватикан за да ја почувствува атмосферата со цел што поверно да ја адаптира книгата на Харис, по што изјавува дека не почувствувал непријателство од страна на неговите домаќини, но…
Токму тоа „но“ филмофилското око треба да го лови во текот на целото филмско дејствие, бидејќи приказната е само навидум праволиниска. Жанрот „политички трилер“ си има свои правила на игра, но режисерот Едвард Бергер, со оглед на специфичноста на приказната, успеал да ја вметне и онаа алхемиска атмосфера која во голема мера ја вклучува тишината, зад која се крие вистината како додатен квалитет на филмското дело. И покрај тоа што приказната се случува во Ватикан, тој на свештените лица им дава димензија на луѓе од крв и месо, со сите свои доблести и мани. На тој начин дејствието на филмот слободно може да се преслика во било која политичка арена во која лагите и бескомпромисноста се на цена, но на крајот сепак треба да победи чесноста и праведноста. И во случајов, и љубовта кон Бога.

Затоа, убавината во овој филм лежи во скриените детали кои внимателно треба да ги откриете за да можете што повеќе да уживате во целосната слика по неговото завршување. Во тоа сесрдно ви помага и сугестивниот саундтрак потпишан од германскиот композитор Волкер Бертелман, а особено целиот актерски ансамбл во кој, покрај споменатите Фајнс и Роселини, блескаат и ветераните Џон Литгоу и Стенли Тучи. Токму затоа ансамблот беше награден од страна на колегите од „Здружението на филмски и телевизиски актери“ за извонредниот перформанс во филмот.

А кога веќе ги споменавме неизбежните награди, „Конклава“ освои четири статуетки на „Британските филмски награди“, вклучувајќи ја и онаа за најдобар филм, победувајќи го „Бруталист“, а на доделувањето на „Златниот Глобус“ и „Оскарот“ победи во категоријата за „Најдобро адаптирано сценарио“. Но најважно од се’, „Конклава“ е прогласен за еден од десетте најдобри филмови за 2024 година од страна на „National Board od review“ и Американскиот филмски институт, а тоа е и повеќе од добра препорака да го погледнете филмот 😉