„КинеНова#10“: Интервју со Срдан Голубовиќ, сценарист и режисер

На десеттото, јубилејно издание на „КинеНова“,српскиот сценарист и режисер Срдан Голубовиќ e „Автор во фокус“, кој истовремено ќе го предводи и тричленото фестивалско жири. Човекот кој зад себе има четири феноменални филмови кои освоија награди на фестивали ширум светот, е професор на престижниот Факултет за драмски уметности во Белград, каде што со години несебично ја пренесува својата љубов кон седмата уметност на своите студенти

Веројатно очекувано, но неизбежно, го започнуваме овој разговор со сеќавање на вашиот татко, почитуваниот југословенски режисер Предраг Голубовиќ, кој остави зад себе околу дваесет кратки и долгометражни дела, заземајќи почесно место во регионалната кинематографија. До кој степен тој беше „виновен“ што се занимававте со филмска продукција? Кои беа неговите методи за воспитување на синот?

Влијанието на татко ми беше клучно, тоа е она влијание за кое не сте ни свесни. А тоа е тука, присутно и формирачко. Не беше среќен кога му кажав дека сакам да се занимавам со филм, се надеваше дека ќе се занимавам со литература. Отсекогаш многу ја сакав литературата, и денес повеќе сакам да читам отколку да гледам филмови. Но, филмот беше мојот избор. Фактот дека пораснав со приказни за филмот, и што познати режисери, актери, луѓе од филмот поминуваа секојдневно низ нашата куќа, беше клучен. Отсекогаш ме привлекувале сликите и отсекогаш сум размислувал и зборувал во слики.

Покрај филмот, г-динот Голубовиќ зад себе остави еден куп песни, кратки раскази, драми, радио драми, критички осврти и есеи… Веројатно таму лежи страста за пишување и раскажување приказни, односно платформата за станување комплетен автор, и сценарист и режисер за сопствените идни достигнувања. А вие, како што кажавте, ја сакате книжевноста, го сакате пишувањето како основа за понатамошна реализација на вашите филмски идеи!?

Мојот татко беше човек со класично образование, човек од литературата. Многу сум му благодарен за тоа по малку старомодно образование што ми го пренесе. Се занимаваше со филм, но секогаш веруваше дека литературата има поголема вредност. И Жика Павловиќ, мојот професор, мислеше така. Ја сакам литературата, но не се согласувам дека една уметност е повредна од друга. Сакав и јас да се занимавам со литература, но не се осмелив да го правам тоа. Не ги сакам луѓето кои се мајстори во сите занаети, кои мислат дека можат сè. Времето на ренесансните уметници заврши. Се школував за режисер и тоа е веројатно сè што ќе правам во мојот живот.

Смртта на вашиот татко се случи во годините кога студиравте филм, во турбулентните години кога војната во поранешна Југославија сè уште траеше. Колку ви беше тешко да ја пребродите таа бура занимавајќи се со филмска уметност? Дали можеби стигнавте до точка каде што беше помисливте дека можеби се е залудно, или никогаш не се покајавте за вашиот избор?

Имав 21 година кога почина татко ми, а неговата смрт ме погоди многу силно. Се борев и работев, и тоа беше веројатно најлошото и најтешкото време што го преживеавме. И можеби тие две работи ме направија отпорен и силен. Многу се трудев да побегнам од кинематографскиот и уметничкиот ефект на мојот татко, се обидував да создадам свој свет, да бидам автентичен. Но, колку што стареам, толку повеќе се враќам на влијанието на мојот татко.

По вашите први кратки филмови, бевте дел од омнибусот наречен „Пакет аранжман“, тоа познато име што го означи почетокот на музичкиот „Нов бран“ во Југославија. Дали сте горди на вашите први достигнувања од денешна перспектива?

Воопшто не бев задоволен од тој филм. Бев само трета година на факултет кога го направив тој филм. Немав време да го поправам сценариото и воопшто немав време да го подготвам филмот. Покрај сето тоа, во тоа време татко ми умираше. Не ми се допаѓа тој филм. Но, научив многу од него. Научив дека никогаш повеќе нема да снимам таков филм. И се држам и ден-денес до тоа. Ретко правам компромиси, и тоа само оние што не влијаат на квалитетот на филмот.

Ви требаше релативно долго време за да го направите вашиот дебитантски филм, но веднаш – хит! „Апсолутните сто“ на почетокот на новиот милениум беше вистинско освежување во српската кинематографија, оптоварена со многу работи од претходната деценија. Што беше клучно тој филм да биде препознаен и надвор од регионот?

Тој филм се случи кога веќе мислев дека нема да се занимавам со филм. Бев задоволен од работата како режисер на музички спотови и реклами. Но, долго време работев на тоа сценарио и долго време го подготвував тој филм. И го подготвував со неколку продуценти, сè додека не добив храброст сам да го продуцирам. Тоа беше храбра, но правилна одлука. „Апсолутните сто“ беше мојата емоција во тој момент и мојот поглед на светот. Бев ужасно лут и тоа е филм за беспомошноста и гневот кои постоеја во мене. Како еден вид на генерациски крик. Тој филм е навистина бесен и затоа толку многу го сакам. Го започнавме снимањето на филмот во времето на Милошевиќ, а за време на снимањето се случи 5 октомври и Милошевиќ стана минато. Кога тоа се случи, на средина од снимањето, знаев дека филмот ќе биде добар.

Следеше „Стапица“, филм кој вознемири многумина, балканска трилер-драма која ретко се снима. И пред сè, Мики Манојловиќ и Аница Добра во сосема поинакво светло, додека Небојша Глоговац ја одигра можеби својата најдобра улога на големото платно.

Мислам дека тоа е мојот најдобар филм како режисер, а сепак филм кој можеби има најмалку врска со мене. Најмалку е личен. Повторно бев бесен додека работев на тој филм, но сега бидејќи пет години по падот на Милошевиќ речиси ништо не се случи, се чувствував како ништо да не се променило. Не живеевме во многу подобра земја и не станавме подобри луѓе. За мене тоа беше големо разочарување. Најголемото богатство што го носам по снимањето на тој филм е работата со Небојша. Тој процес беше одлично училиште за мене. Имавме долги проби, разговаравме и работевме.

„Кругови“ нè враќа во темните 1990-ти, а она што претходно го споменавме за работата со другите актери, овде важи и за Александар Берчек. Метафората за градењето на црква камен по камен и страдањето што е речиси како она на Семоќниот се навистина незаборавни. Вашиот татко работеше со големи актери и актерки од поранешната југословенска школа. Како успевате да го извлечете најдоброто од актерите во вашите филмови?

Тој филм беше многу тежок за мене, но интимно важен. Морав да го направам тој филм, иако работата на него беше исполнета со проблеми и предизвици. Кога ја слушнав приказната за Срѓан Алексиќ, сфатив дека тој е мојот херој,  дека тоа е човек низ чии очи сакав да ги набљудувам сите ужаси од 1990-тите. Херој како од грчките трагедии. Навистина сакав да работам со Берчек и таа соработка беше одлична. Сите ме предупредуваа велејќи дека е тежок, но со мене беше прекрасен. Мислам дека „Кругови“ му беа интимно важни, еден вид лично соочување со сопственото минато. За мене, тоа беше одлично искуство, тој е вистински голем актер. А што се однесува до влијанието на мојот татко, како што реков – колку што стареам, толку повеќе му се враќам. „Кругови“ е мојот прв филм во кој сфатив дека сè што правам има врска со мојот татко, неговото рано заминување и таа празнина што не можам да ја пополнам. Сите мои филмови се за односот меѓу таткото и синот. За присуството и отсуството на таткото. Додека работев на филмот, се роди мојот син. И така, некако, тој круг се затвори.

Во 2020 година, филмот „Татко“ го потврди вашиот избран пат со добивање на награди на престижното Берлинале. Колку фестивалските награди можат да влијаат врз понатамошниот тек на кариерата на еден режисер, отворајќи му нови врати, нови можности за движење?

„Татко“ беше многу важен филм за мене, бидејќи се обидов да раскажам приказна со што е можно помалку дијалог и што е можно повеќе визуелно раскажување. Му пристапив на филмот на таков начин што дијалогот во филмот не е важен, туку дејствијата, чувствата и сликите. Во „Татко“, некако се доближив до филмската поетика на мојот татко. Последната секвенца во филмот е посвета на неговиот краток игран филм „Во пауза“. Отсекогаш сакав да направам филм со што е можно помалку дијалог, а со „Татко“ имав можност да го направам токму тоа. Што се однесува до фестивалите, тие се важни. Особено за нас од помалите земји. Со оглед на тоа што нашите пазари се мали, фестивалскиот успех често е единствениот начин еден филм да преживее.

А сега едно наивно прашање: дали ви се поважни фестивалите, или е поважно да имате што поголема посетеност на филмот во кината?

Домашниот филм повеќе нема публика во кината каква што имаше порано, а денес постои сè поголем јаз помеѓу комерцијалниот филм и она што го нарекуваме авторски филм. Филмот се прави за публиката, тоа е сигурно, но денес таа публика е низ целиот свет. Фестивалите се само платформа за понатамошниот живот на филмот, потоа доаѓаат кината, па телевизијата и платформите. Денес сме во можност да гледаме филмови од целиот свет дома. Значи, и нашите филмови имаат нов живот и нова публика, низ целиот свет. Секако, има многу филмови, сега филмови се снимаат на сите континенти и тие се многу добри, па затоа не е лесно да се стигне до таа публика.

По распадот на југословенската федерација, српската кинематографија остана водечка филмска сила на поранешните територии, продуцирајќи многу филмови и ТВ серии со различен степен на успех. Едно од ретките имиња што се издвоија во квантитативното море на српски филмски режисери е вашето, бидејќи сè што сте снимиле досега вреди злато. Колку е тешко да се остане „автор“ на Балканот, кога знаеме со какви тешкотии се соочуваат филмските режисери за да го постигнат посакуваниот краен резултат, од формирањето на финансиска рамка до политичките интриги низ кои мораат да поминат?

Српското кино се покажа жилаво. И покрај малкуте пари и многу лошите услови, се снимаат добри филмови. А постојано се појавуваат и некои нови, млади автори. Првиот филм е најлесен за снимање, бидејќи тогаш не знаете како тоа се прави и што тоа значи. По успехот на еден филм, очекувате поддршка и полесен пат до следниот филм, но тоа не се случува. Секој пат е исто. Тоа е судбината во која живееме. Со тоа се соочуваат и денешните млади автори кои постигнале успех, а со истото се соочувам и јас самиот, сите овие години наназад.

Колку е важна вашата работа како професор и пренесувањето на знаењето на новите генерации? До кој степен препознавате во нив некаква нова енергија, нов пристап, нова љубов кон подвижните слики?

Колку тие учат од мене, исто толку и јас учам од нив, и уште повеќе од тоа.

Важен елемент во вашите филмови се социјалните теми определени од социо-политичкиот контекст. За ова, потребно е да имате широко отворени очи и храброст да ја разоткриете реалноста во целост. Дали мислите дека Србија може да излезе од вртлогот во кој се наоѓа, почнувајќи да се движи во квалитетен правец кон иднината, која, поради глобалните геополитички настани, очигледно и таа е прилично неизвесна?

Ако не сме храбри, тогаш нема ништо од уметноста. Не мислам само на социјалната и политичка храброст, мислам пред сè на креативната храброст. Уметноста не смее да биде слуга на општеството, туку уметникот и неговото дело мора да бидат дел од општествената реалност. Ситуацијата во Србија е ужасна, земјата е на работ на граѓанска војна, во неформална вонредна состојба која трае веќе долго време. Сепак, постои голема надеж дека работите можат да се променат. Младите луѓе ја иницираа оваа промена, и нема враќање назад. Јас сум оптимист и мислам дека се разбуди огромна енергија, луѓето се ослободија од стравот, свеста на општеството се промени и сигурен сум дека крајот на режимот на Вучиќ е близу.