Кон „Филмско око“, жири на ДПМ

„Книгата „Филмско око“ на Игор Анѓелков (2025, Скопје: Или-Или), ја проследува продукцијата на седмата уметност во текот на последните неколку години. Претставува критичка хроника на дадениот период на македонскиот, европскиот и американскиот филм.

Македонската филмска продукција е проследена низ аспектите на нејзината рецепција на светските фестивали и на домашната сцена, потем тематски и во контекст на режисерските авторски опуси, засегајќи битни аспекти на мултимемдијалната уметност. Проследувањето на европскиот филм вклучува филмови од балканската и западноевропската продукција издвоени како значајни остварувања, додека американската филмска продукција е проследена главно низ неколку значајни мегаспектакли.

Критичкото перо на упатениот и пасиониран проследувач Анѓелков го контекстуализира делото во опусот на авторот толкувајќи ги авторските интенции на режисерот во и со дадениот филм, а напати, уметничките аспекти на филмот настојува да му ги долови на читателот осведочувајќи го нивниот учинок и во сопствената доживелица. Вклучува и хроника на неколку европски филмски фестивали (на документарниот, детски и др. филм), со акцент врз значајни филмски остварувања. Завршните два диптиха се осврнуваат на музичкиот аспект на филмската уметност и на два јубилеи на значајни конематографски остварувања.

Критичкиот стил е питок, занимлив и лежерен во ползувањето на стилското разнообразие, вклучително и на сленгот, што хроничарски осмислената книга, во спрега со економичноста на изразот, ја чини занимливо и напати возбудливо четиво за проследувачите на седмата уметност“.

@Кон „Филмско око“ од Игор Анѓелков („Или-или“, Скопје), кандидат за наградата „Димитар Митрев“ на ДПМ за 2025 г. Од жири-комисијата во состав: Наташа Аврамовска (претседателка), Анастасија Ѓурчинова, Ангелина Бановиќ-Марковска.