Свидерски тивко и ненаметливо го гради својот книжен пат до вистински мајстор-раскажувач. Тоа ми стана јасно уште во 2019 година, кога авторот на само 28-годишна возраст напиша маестрално дело насловено „Последните денови на Ханс“, кое заслужено влезе во финалето за наградата „Роман на годината“. Да се напише таков психолошки роман за најголемиот сатрап во поновата историја, вешто криејќи ја информацијата од читателот, притоа длабоко навлегувајќи во психологијата на личноста зад која стојат милиони жртви, навистина претставува врвна умешност. За жал книгата, и покрај финалето, не наиде на особен интерес меѓу читателите. Очигледно тоа е резервирано само за добитниците на наградата. А кога сме веќе кај „Романот на годината“, изненадувачки е што новиот, исто така одличен роман „Арагон“ на Свидерски не влезе во вториот круг, меѓу 11-те селектирани дела, особено знаејќи дека дел од нив се „wanna-be“ романи. Но добро, секој со своите книжевни критериуми и убедувања.

Многумина би рекле дека приказната за Евреите и Холокаустот е многу пати (пре)раскажана досега, но доколку и’ пристапите храбро, со талент и отворени очи и срце, тогаш таа приказна мора повторно и повторно да се (пре)раскаже. За никогаш да не се повтори. Добар показател за тоа е прекрасниот роман „Звукот на сончевиот часовник“ на чешката писателка Хана Андроникова, на чија завршна сцена солзите едноставно и природно почнаа да се тркалаат по образите, заокружувајќи ја приказната за човековото страдание на крајот од Втората светска војна, како ниту едно слично на тоа во модерната човекова егзистенција.
Во фокус во новиот роман на битолскиот автор се Сефардските Евреи од неговиот роден град, оние чија судбина завршува во злогласните концентрациони логори на нацистите. Тие живеат спокоен, градски живот со своите сограѓани, во мултикултурна заедница каде занаетот е доблест, а човештината означува квалитетен живот и почит меѓу сограѓаните. Се’ до моментот кога војната ќе тропне на прагот. Но токму таа, војната, ќе ја покаже силината на човековиот дух, како и надежта која се раѓа во најтешките времиња.
Очигледно Свидерски темелно ја прочил културата на живеење на неговите некогашни сограѓани, и низ динамичен ритам и со раскошен раскажувачки стил ни го доближува светот на Сефардските Евреи и сите нивни доблести и слабости – од традиционалните семејни вредности и верувања, до интригите, прељубите и желбите за подобар свет. Романот, повикувајќи се на хебрејската догма, е поделен на три дела: „Овој свет“, „Светот што ќе дојде“ и „Дрвото на животот“. Во нив фигурираат мноштво ликови чии имиња се наслови на поглавјата во книгата. И секој од нив е важен, макар да се работи и за мала, споредна улога во дејствието. На тој начин авторот гради мозаична романескна структура која на крајот ја заокружува со заминувањето од светото место, домот, но не по своја волја.

„Арагон“ отвора многу филозофски теми за размислување, а ја загатнува и темата на вината кај еден од главните ликови, кој токму поради тоа што имал среќа да го преживее егзодусот на неговиот народ, не може да се помири со тоа бреме. Сепак, авторот не не’ води кон патетика, туку кон здраворазумско вдахновение во кое (не)среќата ги шири своите крилја и се сретнува со останатите народи чија судбина е слична на неговата, па така во едно од последните поглавја утехата е неимновност која го враќа духот во телото, како и погледот кон подобро утре. Бидејќи, како што вели Борхес, „нема други раеви освен изгубените“.
Сепак, актуелните случувања на светската политичка сцена даваат нов поглед врз овој дел од историјата. Повикувајќи се на психологијата, често пати сме ја сретнувале тезата дека прогонетиот еден ден (сонува да) станува прогонител, и токму затоа на оваа приказна, длабоко всадена во колективната меморија на човештвото, мораме постојано да се навраќаме и да потсетуваме на неа, затоа што како одминува времето, таа се трансформира и добива нови разорни облици. Токму затоа „Арагон“ е важен момент во македонската книжевност, за оние што знаат да го препознаат. Со нетрпение го очекувам следниот роман на Свидерски.

