Брчки

Вчера во Македонската академија на науките и уметностите беше објавен годинашниот добитник на наградата „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, холандската поетеса Анеке Брасинга. По нејзиното претставување следеше поетско читање по повод 21 март, „Светскиот ден на поезијата“, на кое настапија членови на Македонскиот ПЕН Центар и на Друштвото на писателите на Македонија. Бидејќи ја имав таа чест за прв пат да настапам во тој простор, напишав нова песна, насловена „Брчки“.

брчки

се гледам во огледалото
и не ми се допаѓаат линииите околу усните
кои ја влечат насмевката надолу
кон меланхолија, кон тага

ги гледам луѓето околу мене
и на повеќето истото им се случува
гледам во нивните очи
барајќи ја некогашната страст
со која безгрижно им пркоселе на предизвиците
но животот со своите изненадувања
засекогаш го украл правото на трошка среќа

предвреме старееме
поради компромисот што сме го направиле
заради компромисот што го живееме

понекогаш тоа е мал збор
понекогаш голема одлука
но тој збор, таа одлука
е црвот што длаби
длабоко во умот
длабоко во срцето
и остава без сон

и многу пати ќе ги преиспиташ
тој твој збор, таа твоја одлука
но црвот продолжува да нагризува
без надеж за враќање назад

така, лека-полека
предвреме старееме
поради компромисот што сме го направиле
заради компромисот што го живееме

@ насловна слика: „L’empire des lumières“ (1954) – René Magritte

@ фотографија: Владимир Мартиновски