Симон Кјер

Синоќа Данците ни скратија уште еден мундијалски сон, се разбира, сосема заслужено победувајќи. Штета за генерацијата која во минатите години не’ радуваше со низа успеси, вклучувајќи го и првото учество на Европско првенство. Синоќа на натпреварот во Копенхаген, во 73 минута во игра влезе Кристијан Ериксен, кој ме изненади што се’ уште игра. Дознавме дека сега e во Волфсбург во Бундеслигата. Веднаш по влегувањето, од корнер го „намести“ четвртиот, и последен гол за Данците. Сето тоа ме потсети на неговата приказна од пред неколку години, и на една фотографија која ми остана во сеќавањата.

Неговото име е Симон Кјер. Тој играше за данската репрезентација и во Милан. Не беше суперѕвезда, не носеше „позлатени“ копачки, не ловеше рекордна плата. Сепак, заработи место во историјата на спортот – не со голови, туку со хуманост.

Кога на ЕУРО 2020, на кое настапи и Македонија, неговиот соиграч Кристијан Ериксен се сруши на теренот поради срцев удар на истиот стадион на кој синоќа се играше натпреварот, капитенот Кјер беше првиот што реагираше. Во клучните секунди, тој дејствуваше инстинктивно: се погрижи Ериксен да не се задави со јазикот и започна со прва помош пред медицинскиот персонал да дојде и да интервенира. Но, тоа не беше се’: фудбалерот се погрижи неговите соиграчи да формираат круг за да го заштитат својот паднат пријател од гладните камери. А потоа – среде хаосот – отиде кај сопругата на Ериксен на трибините, ја држеше за рака, разговараше со неа и ѝ даде поддршка додека нејзиниот свет се закануваше комплетно да се сруши. Оваа сцена собрана во една фотографија вреди илјада зборови. Ниту еден трофеј, ниту една награда, ниту еден мултимилионски договор не тежи толку колку овој момент на хуманост.

Затоа родители – не барајте од вашиот син да стане следниот Меси или Роналдо.
Побарајте од него да стане човечко суштество како Симон Кјер 😉