И после две декади, се’ уште држи возбудата кога се подготвува нов превод на роман од Бернхард Шлинк. Едноставно, овој германски мајстор на пишаниот збор е вистинска константа, и нема лоша книга. По антологискиот „Читачот“, тој не’ збогати со многу нови искуства преку објавените романи и збирки раскази, бидејќи Шлинк е длабок проникнувач во светлите и темните одаи на човековата психологија. Преводот на македонски јазик е на добриот познавач на неговата книжевна естетика и долгогодишен соработник на ИЛИ-ИЛИ, почитуваната Ксенија Чочкова. „Есента на животот“ од денес е достапна за читателите 😉

Во „Есента на животот“, 76-годишниот Мартин се соочува со немилосрдна дијагноза: му остануваат само неколку месеци од животот. Неговата најголема грижа не е самиот крај, туку оние што ги остава зад себе – младата сопруга и малиот син. Во обид да пренесе нешто што ќе трае подолго од неговото присуство, Мартин започнува да пишува писмо – водич низ животот, исполнет со размисли за љубовта, верата, потеклото и смислата. Но, додека се обидува „сè да направи како што треба“, животот и понатаму го изненадува со нови предизвици и вистини што не може да ги избегне. Со својот препознатлив јасен и длабоко човечки стил, Шлинк создава трогателна и мудра приказна за простувањето, семејството и уметноста да се живее – дури и кога времето истекува.

Бернхард Шлинк (1944г. Билефелд, Германија) е правник, професор и еден од најзначајните писатели од поновата германска литература. Тој ја започнува својата писателска кариера со крими-романи, за кои добива повеќе награди. За својот прв роман со некриминална тематика, „Читачот“, кој е преведен на повеќе од 50 јазици, Шлинк добива бројни награди и признанија. Потоа ги објавил романите „Враќање дома“, „Викенд“, „Жената на скалите“, „Олга“, „Внука“, како и збирките раскази „Бегства од љубовта“, „Летни лаги“ и „Боите на разделбата“. „Есента на животот“ е неговиот најнов роман.
