„Убавината ќе го спаси светот“, рекол славниот Достоевски. Но дали благородноста на уметноста може да спаси нечиј индивидуален живот? Вечното прашање околу кое низ историјата се кршеле многу копја добива голем позитивен и потврден одговор во филмот „A Fox under a pink moon“, лауреат на наградата „Фипресци“ на 23-тото издание на фестивалот „Millennium Docs Against Gravity“ во Варшава. Во силна конкуренција на еден од најценетите европски фестивали за креативна документаристика, филмот на Soraya Akhalaghi и Mehrdad Oskouei се издвои од останатите остварувања поради сликите кои потоа уште долго остануваат во вас.

16-годишната авганистанка Сораја го снима своето бегалско патешествие со телефон. Таа има неколку обиди за влегување во Европската унија преку Турција, но на крајот секогаш е измамена, ограбена и оставена сама на себе. Сонот да стигне до ветената земја Австрија, каде ја чека мајка и’, останува само пуста желба. За да се соочи со безизлезноста, таа во меѓувреме ја развива својата уметност. Создава прекрасни скулптури во чии маченички лица ја препознаваме нејзината судбина. Сораја веќе неколку години е во брак со насилник кој кога не му е денот, ја тепа својата малолетна сопруга. Таа ги документира и раните добиени притоа. И не се жали. Се враќа на уметничкиот процес создавајќи прекрасни слики полни со боја, онаа што недостасува во нејзиниот маченички живот. Но во очите и’ препознаваме дека таа има волја и енергија да го сруши светот, само доколку посака. И на крајот, очигледно, успева во тоа.

Не сум љубител на кретивни документарци снимени со телефон, но „Лисица под розево небо“ толку лесно плива низ филмското платно во затемнетиот кино храм, што на тој факт воопшто не му придавате значење. Овој филм е толку мајсторски направен што оди чекор понатаму од традиционалното раскажување на приказни. Бегалските сториии во последниве години ги преокупираа филмаџиите кои на темата и’ приоѓаа од различни аспекти, но главната протагонистка, во соработка со Мердад Оскојеи, успеале да пронајдат автентичен начин како да го опишат светот во кој живееме, помагајќи ни истиот подобро да го разбереме.

Одеднаш телефонските снимки не служат за креирање на самољубиви селфи портрети, туку претставуваат моќно оружје за соголување на емоционалната и психолошката состојба на една тинејџерка, соочена со неправедноста на историјата. Потоа, се разбира, следи моќта на уметноста. Низ анимации во кои доминираат ликови на животни, филмот навлегува длабоко во емоционалната психологија на човечките суштества, прикажувајќи ја фрагилноста на овој тажен и прекрасен свет во кој сите ние бараме место под сонцето. Оттаму доаѓа и совршениот наслов на филмот, во кој нашата хероина мора да биде мудра како лисица за да преживее, притоа не фрлајќи ги розевите очила под светлината на ноќната месечина, затоа што човекот мора да продолжи да сонува за да остане прибран и силен. За да остане свој.

Легендарниот германски режисер Вим Вендерс на последното Берлинале изјави дека филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин. „Ниту еден филм не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат“. На неодамнешното отворање на канскиот фестивал, пак, престедателот на жирито, корејскиот режисер Парк Чан-вук изјави дека филмската уметност не може да се одвои од политиката и современата реалност во која се создава филмот.

Документарниот филм на тандемот Акалаги-Оскојеи совршено се вклопува во перцепцијата на двајцата ценети филмаџии. Тој поставува многу прашања трагајќи по не баш лесни одговори, истовремено обидувајќи се да ја осознае комплексната политичка ситуација во која се наоѓа не само главната хероина во филмот, туку и многумина во моментов ширум светот. Токму во тоа лежи моќта на подвижните слики – секогаш да ја преиспитуваат ситуацијата во која се наоѓа поединецот, следствено на тоа и на човештвото, преку истовремено преиспитување и на медиумот со кој се создава едно уметничко дело. Останува тајна дали намерата на Сораја била телефонските снимки еден ден да се претворат во филм, но се радувам што правилната одлука да ја сподели својата приказна со светот на крајот комплетно го смени нејзиниот живот.

Враќајќи се на почетокот од текстот, сфаќаме дека Достоевски бил во право, потсетувајќи не’ дека зад бомбастичните наслови во медиумите секогаш стојат вистински луѓе со нивните животни искуства кои се борат да го зачуваат минималното човечко достоинство во овој луд и неправеден свет, полн со прекрасни бои.
@Линк кон оригиналната објава на страницата на ФИПРЕСЦИ:
