Перцепцијата на Кишловски за европскиот филм

Деновиве уживам во книгата која ја добив во Варшава од организаторите на филмскиот фестивал „Millenium Docs Against Gravity“, откако им се пожалив дека не можам да најдам ДВДја од филмовите на Кишловски, иако ги има онлајн. Откако се самопрогласив за old-school, на рецепција пред одјавување од хотелот во кој престојував ме чекаше ова прекрасно издание, како убав сувенир и сеќавање на престојот во Варшава. Во него се собрани еден куп сеќавања и анегдоти за ликот и делото на Кшиштоф Кишловски од неговите пријатели, соработници и животни сопатници.

Слатко ме изнасмеа една анегдота која ја раскажал Вим Вендерс на Берлиналето 2006 година, во рамките на „Talent campus“ настанот. Тој се присетил на првото доделување на Европските филмски награди, каде прв пат го запознал Кишловски во живо. Еве го неговиот исказ во целост:

За прв пат во животот го сретнав Кшиштоф во 1988 година. Никогаш не го бев видел дотогаш. Морам да признаам, знаев само еден негов филм, „Краток филм за убивањето“. Тој стана  филмот што ја освои првата Европска филмска награда. Тоа беше прв пат да го правиме тоа. Кшиштоф ја освои наградата и кога излезе на сцената, првата и единствена реплика што ја слушнав дека ја кажа беше нешто како „се надевам дека Полска, всушност, е дел од Европа“, и потоа ја прими Европската филмска награда. И потоа си замина. Тоа остави длабок впечаток врз мене затоа што, одеднаш, целата таа награда доби поинаква димензија од претходно. Тоа не беше само награда; одеднаш, таа стана важна и неопходна.

И се среќававме за време на таа церемонија доста често… затоа што и Кшиштоф претходно ја има раскажано истата приказна, па дозволено ми е и јас да ја раскажам… Кшиштоф имаше инфекција на мочниот меур и мораше постојано да оди во тоалет. „Во тоалетот“, рече тој, „секогаш среќавав исти луѓе; секогаш таму беше Марчело Мастројани, кој мораше да оди во тоалет да запали цигара затоа што беше толку нервозен, а таму секогаш беше и Вим Вендерс, кој мораше постојано да ги мие рацете“. Тројцата се сретнавме повеќе пати и Кшиштоф заклучи дека тоа, во основа, е неговата претстава за европскиот филм: тројца момци постојано се среќаваат затоа што едниот мора да мокри, другиот да пуши, а третиот да ги мие рацете. И јас, после овој исказ на Кшиштоф, сметам дека тоа е одлична слика за европските филмови“.