Книжевен портрет во македонскиот КИЦ во Загреб

Синоќа во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб се случи магична книжевна вечер, судејќи според вниманието со кое беше проследен настанот, а потоа и со реакциите и насмевките на публиката, составена од Хрвати и Македонци, како што и вечерта се зборуваше на обата јазика.

Со Жане би сакале да им се заблагодариме на присуството на професорката Деспина, на професорот и преведувач Ивица Баковиќ, на писателите Маринко Кошчец и Владимир Илиевски, на Бруно Богдан… како и на младите ученици и студенти, жедни и желни за современа македонска литература.

Особена благодарност до директорката Мими Ѓоргоска Илиевска, која на центарот му даде видливост и силни содржини како рамноправен дел во богатата културна понуда на Загреб, како и на модераторката Патриција Хорват, која со инспиративните прашања и начинот на водење, вечерта ја направи незаборавна.

По настанот, македонскиот КИЦ во Загреб ги сподели впечатоците со следниот текст:

„Во пријатна и инспиративна атмосфера, пред бројна публика составена од љубители на книжевноста, писатели, студенти, професори и претставници на културниот живот во Хрватска, синоќа во македонскиот КИЦ се одржа книжевна вечер посветена на современата македонска книжевност, односно на двајцата македонски автори, Снежана Младеновска Анѓелков и Игор Анѓелков. Нивното творештво, препознаено и од книжевната критика и од читателската публика, претставува вреден придонес за современата македонска книжевност и за нејзината видливост надвор од националните граници.

Особено радува фактот што двајцата автори во различни периоди престојуваа на книжевни резиденции во Хрватска, во Пазин и Сплит, каде што создаваа делови од своите најнови дела. Токму ваквите книжевни и културни врски претставуваат мост меѓу двете земји и сведочат за блискоста и плодната соработка меѓу македонската и хрватската културна средина.

Синоќа имавме можност непосредно да се запознаеме со нивните книжевни патишта, творечки искуства и актуелни изданија преку разговорот што го водеше ценетата преведувачка, книжевна промоторка и уметничка директорка на фестивалот „Причигин“, Патриција Хорват. Нејзината долгогодишна посветеност на книжевноста, преведувањето и културната размена претставува драгоцен придонес во поврзувањето на авторите и читателите од различни јазични и културни средини.

„Преку книжевноста, уметноста, музиката, филмот и другите облици на творештво се градат трајни пријателства, се премостуваат границите и се создава простор за меѓусебно разбирање и почитување. Токму затоа секој ваков настан претставува значаен придонес за продлабочувањето на културните врски меѓу Македонија и Хрватска, како и за промоцијата на современите македонски автори на меѓународната сцена“, истакна директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.

Настанот беше реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам во рамките на годишната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб.

И на крајот, како што треба, особено ни е драго што и медиумите ја пренесоа веста за прекрасната книжевна вечер во Загреб: