„Одисеите“ на Артур Кларк

Кога ќе се спомене жанрот „научна фантастика“, веројатно кај повеќемината „засегнати“ првата асоцијација што ќе им падне напамет е „2001: Одисеја во вселената“. Се разбира, сите патишта водат кон истоимениот филм на Стенли Кјубрик од 1968 година, но во овој тескт ќе му посветиме внимание на серијалот чиј автор го инспририраше филмот, а истовремено и популарноста на филмот придонесе серијалот да ги надмине меѓуѕвездените граници. Дами и господа, добредојдовте во илјадагодишниот свет (2001-3001) на маестро Артур Кларк.

Краткото интро вели дека славниот филм е снимен според првичната кратка приказна „The Sentinel“ на Артур Кларк од 1948 година, која потоа доби пораскошна верзија преточена во роман, за на крајот книжевниот серијал да заврши како кватрологија, со четири подеднакво возбудливи книги.

Кларк уште од рана возраст се заинтересирал за научно-фантастичната литература, обидувајќи се кратките приказни што ги творел во својата соба да ги објави во угледните жанровски списанија. По завршувањето на студиите, откако активно влегол во светот на науката, неговиот книжевен опус се менува од корен, бидејќи почнува своите НФ приказни да ги базира врз реални научни факти од физиката и астрономијата.

Одисејата околу создавањето на филмското дело од 1968 година започнува во моментот кога Артур Кларк ја напишал и ја објавил кратката приказна „Стражарот“, која на Кјубрик му изгледала како вистинска подлога за нешто дотогаш невидено во филмската историја. Соработката започнала веднаш, и само за неколку месеци сценариото било готово, а филмот на почетно ниво на реализација. Дури отпосле, откако остварувањето постигна голем планетарен успех, Кларк својата кратка приказна ја претвори во раскошен роман по кој лудуваа сите. На крилјата на успехот, подоцна се појавија „2010: втора Одисеја“ (1982), „2061: трета Одисеја“ (1987) и „3001: Конечна одисеја“ (1997).

Пред претставувањето книга по книга на неговата славна милениумска кватрологија, најпрво вовед со приказната како започнав, и на крајот, како го комплетирав ова вредно четирикнижје кое гордо ја краси домашната библиотека. Најпрво влегуваме во временска машина и се враќаме во 90-те години на минатиот век, кога одвреме-навреме знаев во петоците да тркнам под скопското Кале, каде крај Вардар се наоѓаше „бувјиот“ пазар на кој можеше да се купи „од пиле млеко“. Шетајќи низ живописната понуда најчесто распослана на шаторски крила на површината на големиот паркинг, се изненадив кога крај едни стари столни ламби го здогледав првиот дел од „Одисеите“. На прашањето „колку чини?“, продавачот од Шутка ми рече дека е 20 денари. Лудило! Каква вредност за ич пари, помислив. „Си ја читал?“, го прашав додека му подавав 20 денари. „Сум го гледал филмот, со мајмуните“, ми рече низ насмевка.

Уште долго време ми требаше да го комплетирам серијалот. Не се сеќавам како ми падна в раце „2010“, се чини сосема случајно, како и првенецот, но добро знам дека поминаа деценија ипол пред да ја купам и „конечната одисеја“ за кватрологијата да биде на едно место. „Третата одисеја“ беше особено тешка за пронаоѓање, бидејќи издавачите од соседството оригинално ја издале навреме, во 1987 година, кога излегол и оригиналот, а потоа очигледно немало јунак што ќе ја реиздаде. Се разбира, ова се изданија на српски јазик, благодарение на неуморниот Зоран Живковиќ задолжен за преводот на првите три одисеи, додека последната е во превод на Никола Матиќ. За жал, кај нас немаме традиција на превод на научна фантастика, но и генерално, немаме автентични, македонски писатели од овој жанр, освен чесни исклучоци што поминуваат незабележано. Се надеваме дека тоа во иднина ќе се поправи, бидејќи за иднината се работи (впрочем, како и во самиот жанр).

„Сушата траеше веќе десет милиони години, а владеењето на страшните рептили заврши одамна. Овде, на континентот кој некогаш ќе биде познат како Африка, борбата за опстанок достигна нов врв на суровост, а победникот се’ уште не беше на видик. На таа соголена и исушена земја само ситните, итрите и сурови суштества можеа да напредуваат, или барем да се надеваат дека ќе опстанат“.

На овој начин започнува првата одисеја, онаа од 2001 година, која по сите перипетии на човечкиот екипаж во вселената, на крајот завршува со епохалното патување низ ѕвездената капија, во пресрет на човековата преобразба при соочувањето со детето-ѕвезда. Кларк во прологот кон делото нагласува:

„Бариерата на растојанието се урива. Еден ден ќе сретнеме рамни на себе или своите господари меѓу ѕвездите. Се’ поголем број луѓе се прашува: Зошто до такви средби не дошло досега, со оглед на тоа дека се наоѓаме на прагот на откривањето на вселената? И навистина, зошто досега тоа не се случило? Оваа книга е еден можен одговор на тоа многу сложено прашање. Но ве молам да имате на ум: ова е само книжевно дело. Вистината, како и секогаш, ќе биде многу понеобична“.

Четиринаесет години подоцна Кларк на светот му го „подари“ продолжението едноставно насловено „2010: втора Одисеја“. Книгата е напишана на микрокомпјутерот „Archives III“ со софтверот „Wordstar“ и пратена е од Коломбо во Њујорк на диск со размер од пет инчи. Последните исправки се пратени преку земјините сателити „Paduka“ и „Intelsat“ над Индискиот океан.

Фантастичната замисла дека на Јупитеровата месечина „Европа“ можеби има живот, во океаните прекирени со мраз, кои во течна состојба ги одржуваат истите оние Јупитерови плимски сили што го загреваат „Ио“, прв ја изложи научникот Ричард С. Хогленд во часописот „Star and sky“ во јануари 1980 година. Оваа навистина храбра претпоставка сериозно ја сфатија повеќето астрономи и таа се покажа како вистинската инспирација за мисијата „Галилеј“, но и за втората Кларкова книга, која писателот на почетните страници ја посветува на двајца големи Руси кои се спомнуваат во книгата: генералот Алексеј Леонов – космонаут, уметник и херој на СССР, и академикот Андреј Сахаров – научник, хуманист и Нобеловец.

Екранизацијата на романот од страна на ко-сценаристот и режисер Питер Хајамс во 1984 година не наиде на добар прием кај гледачите, бидејќи приказната наликува на типично продолжение на успешен проект, а мора да признаеме и дека филмот, иако снимен 16 години подоцна од Кјубриковиот, технички е на многу понезавидно ниво од класикот од 1968 година. Дејството, сместено девет години по трагичната мисија на бродот „Дискавери“, ја следи заедничката советско-американска мисија чија цел е да го спаси напуштениот брод, да ја реши мистеријата за суперкомпјутерот „ХАЛ 9000“ и да открие што се случило со Дејв Боумен. Нивната мисија се претвора во тензична трка кога кинески вселенски брод пристигнува пред нив, откривајќи форми на живот на ледената месечина „Европа“.

Исто како што втората одисеја не е непосредно продолжение на „2001“, така ниту „2061: третата Одисеја“ не е линеарно продолжение на вториот дел. Всушност, сите три дела се варијација на иста тема во кои се јавуваат многу исти ликови и ситуации, но кои нужно не се случуваат во истиот универзум. Интересно, во воведот од книгата Кларк пишува дека третиот дел имал намера да го сработи кон крајот на 80-те, кога се очекувало претходно споменатата мисија „Галилеј“ да ги прати првите снимки од Јупитеровиот појас, но по несреќата со „Челинџер“ во 1986 година, работата се изјаловила и вселенското летало останало во хангарот. Затоа Кларк седнал зад комјутерот и благодарение на неговата имагинација, човекот повторно стигнува онаму кадешто отсекогаш посакувал да биде.

Дејството во третиот дел го следи сега веќе стогодишниот д-р Хејвуд Флојд, кој патува на Халеевата комета додека ги следи промените на планетата Јупитер, претворена во мало сонце. Под незјино влијание се менуваат орбитите на планетите и мистериите на самата вселена. Романот ги проширува филозофските и вселенските теми поставени во претходните продолженија, фокусирајќи се на спасувачка мисија и средбата на човештвото со вонземскиот монолит, кој овој пат „се насмевнува“ од привлечната „Европа“. Тука веќе станува јасно дека писателот ги користи истите алатки за проширување на темата, оставајќи отворен крај и со тоа навестувајќи го финалното продолжение, кое се случи дури по една декада.

И конечно, во најисчекуваниот СФ расплет на сите времиња, Артур Кларк во 1997 година мајсторски ја заокружува епската визија на својот измислен книжевен универзум. Годината е 3001, и оригиналниот црн монолит, откриен на Месечината пред еден милениум, е поставен на плоштадот пред древната зграда на Обединетите нации. Луѓето, кои во меѓувреме ги колонизирале јовијанските месечини Ганимед и Калисто, пронашле големи количини на кристализиран јаглен на некогашниот Јупитер, користејќи го за поврзување на вселенските лифтови со орбиталниот прстен. Одеднаш, Луциферовото светло почнува да бледнее, и Монолитот се буди за прв пат после илјада години.

Во едно интензивно супер-крешендо, романот ни раскажува за вонземјанската закана и повторното здружување на астронаутот Френк Пул, во меѓувреме оживеан и модифициран, со неговите стари познаници Боумен и ХАЛ, споени во еден ентитет наречен „Халман“, кои ќе ги искористи како тројански коњ во намера да ги осуети плановите на мистериозните креатори на Монолитот. После ваков развој на настаните, веројатно и самиот Кларк сфатил дека на вселенската опера треба да и’ стави крај. И така и се случи.

На 19 март 2008 година Кларк ја напушти оваа димензија и замина на безвременско патување низ вселенските простори. Тој е погребан на градските гробишта во Коломбо, главниот град на неговата втора татковина, Шри Ланка, во која престојуваше во последните четири децении од својот живот и каде претежно ги напиша книгите кои станаа дел на светското книжевно наследство. Според негови инструкции, погребот бил извршен без „никакви религиски обичаи“, а на надгробната плоча се изгравирани зборовите: „Овде лежи Артур Кларк. Тој никогаш не порасна, но никогаш и не престана да расте“. Овој неверојатен ум го задолжи светот со прекрасни дела полни со имагинација, и сметаше дека книжарниците и библиотеките се местата каде љубопитните би можеле да се соочат со неговиот светоглед, пронаоѓајќи ја неговата надеж дека човечката цивилизација, конечно, ќе почне да се движи кон вистинската цел – откривање и контакт со другите светови во инспиративната Галаксија.

И додека кон крајот на 60-те години беснееше виетнамската војна, а 60 години подоцна имаме неколку светски жаришта кои никако да згаснат, во свет константно исполнет со очај и страв, човештвото беше почестено што изнедри ум како оној на Артур Кларк, кој отсекогаш бил дел од оние што верувале во можноста на човекот, а против оние кои ја застапуваа тезата за неговиот пораз. Затоа многумина, меѓу кои и неговите колеги по перо Исак Асимов, Реј Бредбери и Карл Саган, со право сметаат дека Кларк е вистински гениј на нашето доба. Тој со своите дела даде огромен придонес кон расположението да се оствари сериозно човечко присуство надвор од границите на нашата планета. Никој не беше во состојба да пишува на толку убедлив начин за истражувањето на вселената во блиска иднина како него. Затоа оваа негова кватрологија и понатаму е камен-темелник на жанрот „научна фантастика“, која продолжува да инспирира и да поставува нови граници, до Јупитер – и зад него.