Анимираниот филм во светски рамки е одамна апсолвирана и етаблирана тема. Македонската кинематографија, пак, има веќе полвековна традиција во овој жанр, благодарение на Дарко Марковиќ и неговата иницијатива за отворање на „Студиото за анимиран филм“ во рамките на „Вардар филм“. Учејќи од најдобриот во регионот, Марковиќ специјализирал анимиран филм во Загреб под директно менторство на Душан Вукотиќ, легендарниот југословенски аниматор кој во 1962 година го освои Оскарот за најдобар краток анимиран филм за остварувањето „Сурогат“. Познатиот Дар-Мар има освоено преку 30 значајни домашни и светски награди за своите анимирани филмови и карикатури, меѓу кои се култните дела како „Граница“, „Стоп“, „Бело топче“ и „Циркус“.

Во последнава декада се појави нова генерација на автори која со своите филмови е добар претставник на македонската кинематографија на светските фестивали. Пет куси анимирани остварувања од нив се на програмата на третата јулска сесија во рамките на проектот „Македонски филм. На големо платно“ на Агенцијата за филм. Терминот и местото се стандардни: Синеплекс, понеделник, 19 часот. Се разбира, бесплатно!

„Девојката што паѓа“ (2016) е дебитантски анимиран филм на режисерот Владимир Лукаш. Филмот трае десет минути, изработен е во катаут стоп анимација, а инспириран е од истоимениот славен расказ на Дино Буцати. Тој го следи буквалниот и метафоричен пад на една млада девојка, а фокусот е на рамнодушноста на општеството и нејзините сограѓани. Преку ова патување надолу, авторот прави го коментира отуѓувањето на модерниот човек, губењето на емпатијата и секојдневниот општествен колапс. Меѓународната премиера ја доживеа на филмскиот фестивал во Сараево, а беше награден на „Поградец филм фуд фестивал“ во Албанија и на фестивалот „Анимакс“ во Скопје.

„Образец Б16“ (2017) на Иван Ивановски е осумминутен анимиран филм за човек кој го добива најмалото парче од колачот. Заглавен во бирократскиот лавиринт, тој поминува низ голем број апсурдни ситуации и, следејќи ги веќе утврдените и однапред одредени чекори, некако завршува онаму од кадешто почнал.

„Неми филмови“ (2025) на Крсте Господиновски е снимен според истоимениот расказ од истоимената збирка на Димитар Димоски. Тоа е приказна за мало кино сместено на крајот од ерата на немиот филм, кадешто поранешната филмска ѕвезда одлучува да прикажува исклучиво неми филмови. Неговиот син расте мирно во овој илузорен свет, сè додека едно необично откритие не ги потресе неговите верувања, нарушувајќи ја веќе кревката врска со неговиот татко. Филмот во изминатата година освои десетина награди на фестивалите ширум светот.

„Кружно патување на марето“ (2015) на Жарко Иванов се прикажа на преку 50 фестивали на сите светски меридијани. Освои награди за најдобра анимација во Унгарија, Кина, САД… како и на неколку домашни фестивали. Филмот ја раскажува приказната за младата краварка која за прв пат оди во кино, во легендарното на браќата Манаки во Битола. Работен е по сценарио на Жарко Иванов и Александар Прокопиев, а главен аниматор е Александар Зафировски.

„Хансел и Гретел“ (2009) е еден од првите анимирани филмови на кои Гоце Цветановски долго работеше. Ова е креативна за разработка на приказната за вештерството наспроти храброст, темна фантастична приказна сместена во универзумот на класичната бајка од браќата Грим. Деценија ипол подоцна авторот го реализираше и првиот македонски долгометражен проект „Јон Вардар против Галаксијата“.
