Кон „Ден на разоткривање“ на Стивен Спилберг

Една од најсугестивните филмски кампањи досега долго го најавуваше новиот филм на легендарниот Спилберг, небаре е „Денот-Д“ за човештвото. И многумина поверуваа во тоа, бидејќи јунската премиера одлично се надоврзa на објавувањето на Пентагон на тајните НЛО фајлови. „Стариот пес“ и неговата холивудска екипа отсекогаш биле продолжена рака на системот кој провоцира, дислоцира, го пренасочува вниманието на друг колосек, истовремено давајќи нови насоки и параметри за размислување. Но, за жал, „Ден на разоткривање“ комплетно разочарува. Филм ко филм, нели, но разочарувањето лежи во фактот дека зад него стои токму мистер Стивен, кој во досегашната долга и плодна кариера ретко промашувал. Но ете, и тоа се случи. Старост-лудост!

„Филмската братија“ од 70-те години, која го смени правецот на Холивуд, веќе одамна делува индиспонирано. Повеќето режисери одамна не снимаат, дел од нив не се веќе меѓу живите, а од оние кои се меѓу нас, Копола вложи цело богатство во чуден филм околу кој се’ уште се кршат копјата („Мегалополис“), а Спилберг оди де горе, де долу со филмовите што ни ги пласира. Единствено во г-нот Мартин Скорсезе се’ уште тлее онаа вистинска љубов кон филмот како кон седма уметност, која, гледајќи ги неговите филмови, очигледно никогаш нема да згасне.

Спилберг во 70-те и 80-те години ги постави темелите на снимање на филмови кои потоа имаа масовна гледаност ширум светот. Сепак, „Ајкула“ и „Индијана Џонс“ не беа блокбастери заради блокбастери, туку нудеа квалитетни приказни притоа не навредувајќи ја интелигенцијата на гледачите. Сценаристот и режисер неретко влегуваше и во зоната на научната фантастика каде се чувствуваше комфорно и од каде ни „подаруваше“ незаборавни ремек-дела како „Е.Т“ и „Блиски средби од трет вид“, кои се гледливи и релевантни и ден-денес. Подоцна, за да се потсети на старата севда, одвреме-навреме му се навраќаше на жанрот преку филмови како „Вештачка интелигенција“ (недовршениот проект на Кјубрик), „Војна на световите“ и прекрасната адаптација на Филип Диковиот „Малцински извештај“. Оттаму и очекувањата за новиот филм беа големи.

За жал, во „Ден на разоткривање“ ни оддалеку не се наѕираат основните елементи препознатливи за потписот на Спилберг, кој отсекогаш знаел малку да не’ забавува, малку да не’ запознае со историјата, малку да не’ охрабри како припадници на оваа човечка генерација, која го поима светот преку подвижните слики на големото платно. Способноста на режисерот како да е сведена на минимум, и дури на моменти се чини како тој воопшто да не бил на сетот, а потоа и во постпродукција, туку тоа во негово име го правеле помошниците. Ритамот на филмот е дисфункционален, приказната се губи, па се враќа онаму каде што веќе одамна сме ја апсолвирале, и така во круг до недоглед. На сребрениот екран следиме некаква ванаби-акција со небулозни сцени кои тераат на подбивање, кое не го правите затоа што очекувате до крајот нешто да се поправи, бидејќи сепак се работи за Спилберг.

А таму, во последните десет минути, е набиено се’ што дотогаш навидум се градело. Филмот всушност се одвива во тие последни десет минути, и ништо повеќе. А замислата е едноставна: како би реагирало човештвото кога ќе дојде моментот на разоткривање, односно, на соопштување на информацијата дека одамна не сме сами!? И!? Па ништо ново. И ништо спектакуларно! Улогата на „свиркачот“ и на медиумите е константа, а реакцијата… реакцијата е благо депресивна. И разочарувачка. „Е.Т.“ и „Блиски средби“ имаа свој шмек, своја филмичност, свој шарм… за разлика од „Ден на разоткривање“, кој сосема ја банализира можноста од супериорен, нов, авангарден поглед кон оваа идеја која сите нас не’ „скокотка“ и на некој начин не’ очекува како неминовност, и со која во иднина можеби ќе треба да се соочиме.

Затоа, заклучокот е многу едноставен – Спилберг промашил да го искористи медиумот во кој царува веќе пет декади за да ја раскаже оваа приказна на поинаков начин, а не низ акциони клишеа кои здосадуваат зад првиот агол. Но добро, и ние како гледачи старееме и созреваме, конзумирајќи многу содржини и од другите платформи и медиуми поврзани со темата, не заборавајќи дека голем дел од визуелното наследство сме го стекнале токму од Спилберг, што значи, ништо не било за бадијала, констатација која се надеваме дека ќе важи и кога навистина ќе ни се појават „малите зелени“ на екраните и ќе ни го кажат легендарното „we come in peace“. Дотогаш ќе гледаме „Одисеја“, но за неа, во следниот осврт 😉