„Герника“ на Пикасо

Во септември 1981 година, по неколкудецениско отсуство, „Герника“ (Guernica), една од најпрепознатливите слики на Пабло Пикасо, беше вратена во Шпанија. Насликана во 1937 година, по бомбардирањето на малото истоимено баскиско гратче од страна на нацистичките и фашистичките авиони, кои го поддржувале режимот на генералот Франко, Пикасо го создал ова незаборавно дело кое стана силен антивоен симбол во светската историја.

Сликата е директна реакција на трагичниот настан од 26 април 1937 година, за време на Шпанската граѓанска војна, кога Герника била речиси целосно срамнета со земја, а стотици невини цивили ги загубиле животите. Пикасо, кој живеел во Париз, дознал за ужасот преку фотографии во весниците и веднаш почнал да работи на сликата за шпанскиот павилјон на „Светската изложба“ во Париз.

Неговиот кубизам бил совршено средство за изразување на суровоста и страдањето на луѓето, лицата и животните се деформирани, распарчени и претставени во карактеристични форми за правецот, а уметникот свесно одлучил да не користи живи бои. Сликата е направена исклучиво во нијанси на црна, бела и сива боја, што го засилува чувството на тага и хаос, а истовремено потсетува на црно-белите новински фотографии преку кои светот дознал за трагедијата.

Пикасо не сакал да дава додатни објаснувања за неговите слики и симболите на нив, но низ разни разговори и интервјуа низ годините, ликовните критичари издвоиле неколку главни моменти на сликата кои се носители на емоцијата кај посетителот, кога ќе застане пред ова грандиозно дело:

Бикот: Се наоѓа во горниот лев агол. Вообичаено се толкува како симбол на суровоста на фашизмот, а самиот Пикасо изјавил дека тој ја претставува бруталноста и темнината.

Ранетиот коњ: Во центарот на сликата, кој вреска во агонија, го претставува шпанскиот народ кој страда под диктатурата на режимот на генерал Франко.

Мајката со мртвото дете: Најпотресниот мотив, на левата страна, кој го симболизира страдањето на невините цивили во гратчето Герника.

Скршениот меч и цветот: Во раката на паднатиот војник на дното има скршен меч (симбол на пораз), но веднаш до него никнува мал цвет, кој дава трошка надеж за мир и преродување.

Сијалицата во форма на око: Се наоѓа на горниот дел од сликата, и го симболизира „окото на Бога“ кое гледа сè, но и технолошкиот напредок (авионите, бомбите) кои се користат за уништување.

Постои една анегдота од периодот на Втората светска војна, кога Париз бил окупиран од нацистите. Еден офицер на Гестапо влегол во студиото на Пикасо, ја видел репродукцијата на „Герника“ и го прашал уметникот: „Дали вие го направивте ова?“, на што Пикасо одговорил: „Не, вие го направивте тоа!“.

Пикасо забранил „Герника“ да биде пренесена во Шпанија сè додека во земјата владее диктатура. Поради тоа, сликата со децении се чувала во Њујоршкиот „Музеј на современа уметност“ (МоМА). Дури по смртта на Франко и обновувањето на демократијата, на 10 септември 1981 година „Герника“ конечно е вратена во нејзината татковина. Денес таа е изложена во музејот „Кралица Софија“ (Reina Sofia) во Мадрид.