Блок кратки филмови

Во понеделник, на 16 ноември, продолжува проектот „Македонски филм. На големо платно“ со проекција на четири кратки играни филмови. Местото на средба е салата 5 во „Синеплекс“, терминот е 19 часот, а влезот е слободен.

Северен пол, Марија Апчевска

Овој 15-минутен филм е интимна драма за созревањето и се фокусира на внатрешната изолација на шеснаесетгодишната Марго. Дејството ја следи нејзината борба со притисокот од врсниците и желбата да се вклопи во околината, дури и по цена да избрза со својата интимност. Покрај номинацијата за „Златна палма“ во Кан, филмот беше номиниран и за Европските филмски награди, а освои гран-при награда на фестивалот ZINEBI во Билбао.

Проблемот на Тина, Радован Петровиќ

Приказната ја следи Тина, срамежлива и интровертна 22-годишна девојка со ниска самодоверба, која по првиот сексуален однос се сомнева дека има сексуално пренослива болест. Поради тоа, таа решава да оди на својот прв гинеколошки преглед, но целото искуство брзо се претвора во непријатна и трауматична ситуација.

Вера, Верица Недевска

Младата девојка Ника се наоѓа во очајна потреба од пари и пред тешка животна дилема дали да го роди бебето кое го носи или да ја прекине бременоста. На нејзиниот прв работен ден во домот за стари лица, таа ја запознава Вера, некогашна славна, но денес заборавена актерка која сака да умре и е подготвена да плати за тоа. Нивната необична средба отвора длабоки морални прашања за еутаназијата, вредноста на животот и преземањето лична одговорност.

Избор, Марко Црногорски

Приказната следи млада мајка и нејзиното мало дете кои се соочуваат со суровата реалност кога нов закон ја забранува нејзината веќе закажана постапка за абортус. Во очај да ја избегне долгата и сложена бирократска постапка за добивање посебна дозвола, таа се одлучува за нелегален зафат. Навлегувајќи во тајното подземје, настаните добиваат трагичен пресврт и ги истакнуваат тешките последици од рестриктивните закони врз репродуктивните права на жените.