За да го одбележи 111 роденден на една од најзначајните жени-уметници во 20 век, „Унгарскиот национален музеј-галерија на убави уметности“ во 2018 година (07 јули – 04 ноември) ја приреди изложбата на селектирани дела од Фрида Кало, според написите, можеби најдобрата и најкомплетна досега на европско тло. Повеќето од изложените дела пристигнаа од Музејот „Долорес Олмедо“ во Мексико сити, а покрај нив имаше и објекти од Етнографскиот музеј во Будимпешта во контекст на животот на Фрида, алудирајќи на мексиканската историја, култура и традиција.
Сместен во замокот Будим на највпечатливата точка во градот, музејот не можете да го избегнете, а високо поставената огромна реклама на неговиот влез беше забележлива од голема далечина. За влез се чекаше по половина час и повеќе, но на крајот навистина вредеше, бидејќи оваа изложба на светките релевантни листи во 2018-та фигурираше во ТОП 10 настани кои требаше да се посетат, односно, изложбата беше „a place to be“.
Влезот од изложбата беше дизајниран во сензибилитетот на нејзиниот субјект. И разбирливо, во првиот, „неутрален“ дел, низ текст и фотографии можеше да се проследи целата нејзина животна приказна, која содржи многу врвови и падови.
Секоја просторија понатаму во која сликите беа изложени тематски си имаше свој наслов и своја боја. Во окер-жолтата просторија насловена „Почетоци“, се разбира, кураторите ни направија вовед враќајќи не’ во нејзините младешки денови, кога Фрида се подготвуваола да стане докторка. Меѓутоа, судбината сакала тешката сообраќајна несреќа која ја доживеала да го детерминира целиот нејзин понатамошен живот. Како последица од настанот, таа морала да лежи прикована за креветот со месеци, и токму тогаш почнала да црта и слика. Токму во тие тешки моменти и се откажала од желбата да стане докторка, и сликарството станало нејзина професија. На почетокот таа почнала да слика портрети од нејзините пријатели и помошници. За еден од нејзините први портрети и’ позирала нејзината добра пријателка Алисија Галант. Прекрасната млада дама елегантно седи и во раката грациозно држи цвеќе. Тешко е да се каже дали позадината е реален пејзаж или се работи за замислен свет надвор од прозорецот. Во секој случај, историчарите велат дека композицијата е инспирирана од традицијата на ренесансните сликари.
Portrait of Alicia Galant (1927)
Little Virginia (1929)
Portrait of Eva Frederick (1931)
Portrait of engineer Eduardo Morillo Safa (1944)
Portrait of Dona Rosita Morillo (1944)
Фрида имала само шест години кога и’ дијагностицирале полио. Таа закрепнала од болеста, но како последица, едната нога и’ останала покуса и таа поткривнувала. На 19 години се случила фаталната сообраќајка и оттогаш до крајот од животот таа постојано чувствувала болка. И’ биле извршени безброј операции, но ниту една не ја намалила болката. Едно време морала да носи челичен корсет за да и‘ го исправи ‘рбетот, и во тие моменти ја создава славната слика „Скршен ‘рбет“, зад чиј корсет го гледаме нејзиното голо тело, а белата ткаенина околу неа кажува дека е во очекување на медицински третман. Нејзините солзи и клинците заковани во телото се доказ дека трпи неподнослива болка. Оваа слика ја прикажува нејзината осаменост и изолација, па дури и позадината на сликата е гола и неплодна. Антологиски!
Кога Фрида ја посетила Калифорнија, таа била гостинка на вдовицата на хортикултурниот гениј Лутер Бурбанк, која на сликарката и’ ја покажала работата на нејзиниот сопруг, градината полна со необични хибридни растенија. На Фрида сето тоа навистина и’ се допаднало, и таа решила постхумно да наслика портрет на професорот. Во овој случај, не се работи за ренесанса, туку за автентична визија: професорот е половина човек, половина растение, држејќи огромен филадендрон во своите раце. Но, под корењата гледаме и човечки леш. Во истовреме, уметничката симболично ни го прикажува кругот на животот, потсетувајќи не’ на посветената хортикултурна работа на професорот, но животот, смртта и повторното раѓање ќе бидат постојаните мотиви и во остатокот од сликарската кариера на Кало. Всушност, Лутер Бурбанк навистина бил погребан во неговата градина под еден кедар, а Фрида тоа само умешно го доловила во едно од нејзините најпознати дела.
Portrait of Luther Burbank (1931)
Во црвената соба насловена „Mexicanidad“, или во превод, „Мексиканија“, не’ пречекаа „домашни специјалитети“. Фрида многу била горда на својата земја и на нејзината култура, традиција, митологија, и воопшто, на нејзините нативни мексикански претци. Таа често во јавноста носела традиционална мексиканска облека и ацтешки накит. Затоа, најрепрезентативна слика во овој дел, која на мене најмногу ми се допадна на целата изложба, па не можев да одолеам да не се сликам крај неа, е делото едноставно насловено „Автобус“, на кое се прикажани репрезентативни претставници од секојдневниот мексикански живот: домаќинка со корпа за на пазар, работник во работно одело, автохтона мајка која го дои своето бебе, мало дете кое гледа низ прозорецот, Американец кој држи ќесе полно со пари, и привлечна, млада интелектуална дама. Во позадината пејзажот е опуштен и хармоничен, но фабричките оџаци на левата страна оддаваат впечаток дека се работи за пренаселен град. Црвената зграда веројатно е бар, бидејќи името на влезот (La Risa) значи „смеење“.
The Bus (1929)
Смртта во Мексико се смета за премин кон нов живот. На Денот на мртвите кој се слави на гробишта, децата носат череп направен од чоколадо или од бонбони со нивните имиња на него. Уште од 16 век во мексиканската традиција постои портретирање на мртвите деца. Овие слики се викаат „Angelitos“, или, „Ангели“. Семејствата ги нарачувале овие слики со голема почит бидејќи верувале дека сеќавањето на починатото дете живеело подолго со нив. Мајката на ова младо момче била куќна помошничка на Фрида и Диего. Кога Дима, младото момче, се разболело, неговите родители одбивале да викнат доктор, но затоа го однеле кај исцелител кој, за жал, не можел да го спаси. На сликата Фрида дава референци и од ацтешката и од христијанската традиција: момчето лежи на килим направен од палмини лисја. Во рацете држи гладиоли, околу него има невен, а на перницата на која лежи има слика од Исус.
The Mask of Madness (1945)
Во портокаловиот галериски простор беа сместени двата славни автопортрети на мексиканската уметничка. Како што неодамна нагласи струмичкиот сликар Никола Пијанманов, „сликарката со опсесивно изразен автопортретизам“ зад себе остави многу дела во кои го поимаме нејзиниот живот во различни периоди од биствувањето на овој свет. Педантните хроничари велат дека Фрида зад себе оставила 150 слики, од кои 65 се автопортрети. „Се сликам себеси затоа што често сум сама и затоа што најдобро се знам себеси“, во една прилика ја образложила Кало својата автоопсесија.
Self-portrait with Red Beret (1932); Sketch for self-portrait – Time flies (painted on the verso of portrait of Virginia)
Таа на сликите се опкружува со животни и објекти од мексиканското минато, но тоа го правела и во реалниот живот. На славниот „Автопортрет со мал мајмун“ таа го насликала и нејзиното куче Ксолотл, именувано според ацтешката и мајанската култура, во кои песот со коса е придружник на мртвите на нивниот пат низ подземјето. На вториот славен портрет насловен „Мојата медицинска сестра и јас“, сликарката се прикажала како изнемоштено суштество кое за да закрепне, жедно цица од големите дојки на негувателката, претставена како типична мексиканска жена-мајка со големи гради, подготвена да и’ помогне на Фрида со својата драгоцена течност.
Self-portrait with small monkey (1945)
My nurse an I (1937)
Фрида била сосема добро едуцирана личност не само со современата литература, туку и со социјалните науки и мексиканската митологија. Во многу нејзини дела се присутни старите ацтечки карактери, феномени, амблеми, идоли, накит, па дури и елементи од архитектурата. Ацтеките имале многу различни богови. Од некои се очекувало да им донесат воени победи, од други пак богата жетва и просперитетен живот. Луѓето се обидувале да им удоволат градејќи им храмови, поднесувајќи жртви и создавајќи различен тип на стату(етк)и. Една од тие статуетки беше поставена токму крај сликата „Мојата медицинска сестра и јас“ , и го претставува „Стариот Бог“, а пронајдена е во градот Теотихуакан, кој се наоѓал североисточно од Мексико сити. Тоа бил метрополис со градби од камен, обоени со светли бои.
Untilted (heart, cactus and foetus); The Circle (1954)
The Sun and the Life (1947)
На сликата со портретот на Луча Марија, девојката од Теотихуакан, гледаме дел од таа архитектура, додека младата девојка седи во пустината напуштена и осамена. Во рацете држи модел од воен авион, а покриена е со шал. Небото е поделено на два дела: на левата страна ноќта ја симболизира Месечината и под неа е насликана пирамидата посветена на Месечината, додека на десната страна е дење, и под Сонцето е претставена пирамидата на Сонцето од Теотихуакан.
Portrait of the girl from Tehuacan, Lucha Maria, or the Sun and the Moon (1942)
Фрида Кало во текот на животот очајно се обидувала да има деца, но неколкупати неуспешно ја завршувала бременоста. Дел од нејзиниот опус е посветен токму и на таа болна тема.
Henry Ford Hospital (1932)
Without Hope (1945)
Во последните години од животот, Фрида сликала единствено мртва природа. Кога била многу болна и не можела да стане, креветот во нејзината соба го поставувале така за да може да ја гледа градината и зрелите и миризливи овошја во неа, како и птиците на околните гранки. На првата слика од овој серијал гледаме различен тип на овошја во една жива композиција, во која забележуваме и мексиканско знаме, но и папагал, како симбол на љубовта, додека на другата меѓу овошјето фигурира нејзиното куче. Still life with Parrot and Flag (1951)
Still Life (1942)
Фрида во животот имала една голема љубов, славниот муралист Диего Ривера. Тие во 1939 година се развеле, но набргу сфатиле дека не можат да живеат еден без друг и следната година повторно се венчале. За неговиот 58 роденден таа насликала двоен портрет. Датумот „1929“ индицира на годината на нивната прва венчавка. Тие си припаѓаат еден на друг и двете лица се стопуваат во еден лик. Месечината и сонцето ги симболизираат женскиот и машкиот симбол. Полжавите и школките означуваат плодност. Всушност, најголмиот галериски простор беше посветен токму на љубовта на Фрида и Диего, исполнет со фотографии и филмски исечоци од нивниот заеднички живот.
Diego and I (1944)
И на крајот, еден многу интересен оддел од поставката насловен „Фридаманиа“, или Фрида во популарната култура. Кон крајот на минатиот век се случи реоткривање на уметноста на мексиканската уметничка, и светот буквално полуде по нејзината уметност, создавајќи иконографија која се манифестираше на различни начини – од анимираниот филм (Лиза од „Симпсонови“ како Фрида), преку музиката (Ејми Вајнхаус како Фрида) и различните тетоважите, па се’ до присутноста на модните писти.
Секако, финалето е резервирано за оставање на пар зборови во книгата за впечатоци, и за купување на мали нешта во знак на сеќавање на посетата на изложбата, иако дел од истите веќе одамна се наоѓаа на домашните полици. Long live Frida!!!
***Бонус: не сакав во текот на текстот да го споменам филмот „Фрида“ на Џули Тејмoр од 2002 година за да не го одвлечам вниманието од нејзината уметност, но еве, на крајот неизбежно е да се заокружи оваа посвета на фантастичната мексиканска уметничка со исечок од популарното филмско остварување, во кое во насловната улога брилјира Салма Хајек. Во оваа сцена, за време на престојот во Париз, со славната фотографка Тина Модоти (Ешли Џад) изведуваат незаборавен танц 😉