Едно од можните бегства од секојдневното лудило е гледањето на вториот дел на „Треинспотинг“ во кино. Впрочем, како и постојаното бегство на ликовите од себеси и од другите и во обете остварувања. Никој не веруваше дека еден ден Дени Бојл ќе сними продолжение на култниот филм од пред 20 години, што тогаш го гледавме по неколку пати во ноќниот термин, од 23 часот, во киното „Центар“. Се согласувам со одредени коментари дека продолжението може да им биде интересно исклучиво на фановите на оригиналот, иако вториот дел изобилува со флешбекови, како алка кон дејството пред 20 години и еден вид појаснување за новата генерација филмофили. Рентон (Јуен Мекгрегор) е стандардно добар, Спад (Јуен Бремнер) како да сака да се карикира себеси од пред 20 години, Сик бој (Џони Ли Милер) од себе не може да го отфрли проклетството на, во меѓувреме, големиот успех со „Шерлок“, па постојано како да го следите маниризмот на игра токму од популарната телевизиска серија, додека со ликот на Бегби (Роберт Карлајл) се отишло во крајност и речиси половина од филмот сме заморени од неговата потреба за одмазда, што никако да се случи. Интересен детаљ е појавувањето на авторот на книгите, Ирвин Велш, во една мала улога како локален мафијаш во чијшто магацин има „од пиле млеко“. Иако е наведено дека токму според неговиот роман „Порно“ од 2002 година е снимен вториот дел, сепак сето тоа е приспособено за потребите на приказната за четворицата лудаци од Единбург, кои ако во деведесеттите си играа со хероинот, овој пат се обидуваат да се приспособат на доблестите и маните на 21 век, во кој нивниот град станал неодминлива туристичка
дестинација, во која Словенките на излез од аеродромот ви делат летоци, а Бугарките (Анжела Неделкова како Вероника Ковач) се дел од сексуалното подземје, кадешто уцената е дел од големата игра. Како и да е, како и во секое поп-остварување, така и со „Треинспотинг 2“, и покрај интересните сцени како реминисценција на една возбудлива декада што почна со гранџот, а финишираше со стравот од милениумската бубачка, пораката можеме да ја сублимираме во еден слоган, соодветен за возраста на ликовите во филмот: ИЗБЕРИ ЖИВОТ! Зашто, веќе не им држи газот.
„Choose life
Choose Facebook, Twitter, Instagram and hope that someone, somewhere cares
Choose looking up old flames, wishing you’d done it all differently
And choose watching history repeat itself
Choose your future
Choose reality TV, slut shaming, revenge porn
Choose a zero hour contract, a two hour journey to work
And choose the same for your kids, only worse,
and smother the pain with an unknown dose
of an unknown drug made in somebody’s kitchen
And then… take a deep breath
You’re an addict, so be addicted
Just be addicted to something else
Choose the ones you love
Choose your future
Choose life“