Изабел Ипер, интервју/омаж

Триесетминутната средба со фестивалската ѕвезда Изабел Ипер на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола предизвика голем интерес кај публиката, која имаше можност да се сретне со една од најдобрите европски актерки на својата генерација. Ипер со својот настап покажа и докажа како треба да се однесува една наградувана актерка од француска провиниенција: одговараше кратко и јасно, со дозирана иронија што можеби ќе ви се допадне, а можеби и не, зависи од тоа колку лично го сфаќате нејзиното гостување на фестивалот што го следите со години. Ипер ги изедначи филмските улоги со кои се прослави со сликата за сопственото јавно или приватно јас, така потврдувајќи ја изреката дека „Уметноста го имитира животот“ и обратно. Триесет минути мастерклас замногумина беа премалку за ексклузивна средба со една ѕвезда од таков калибар, но ние имавме можност за уште една средба, уште еден поправен испит на кој се покажа дека Изабел Ипер е таква каква што се претстави и пред
поширокиот аудиториум, со прецизна и отсечна мисла, без непотребни филозофирања при перципирањето на филмската уметност и токму затоа интервјуто можеби ќе ви се чини кратко, но тоа е есенцијално и без непотребни разглобувања на нештата што веќе ги знаеме. За она другото што сакавме да го извлечеме од Ипер, за тајните на нејзината професија, сепак таа остана дискретна и ние тоа максимално го почитувавме .

Она по што Изабел Ипер се издвојува од другите актерки се улогите што ги одбира, како да се скроени и пишувани само за неа, од романтичната Мадам Бовари, па сè до ексцентричната Пијанистка. Затоа, на почетокот од интервјуто нè интересираше, ако велат дека дел од секоја улога останува и понатаму да живее во актерот, на кој начин Ипер ги одбира улогите, дали според чувствата што треба да ги долови или, пак, според она што претставува предизвик за неа да го одигра како актерка? Сепак, зајакот лежи во третата грмушка.
Изабел Ипер: Повеќето од улогите ги одбирам поради режисерот. Тоа е главната причина поради која го правам изборот на филмот што ќе го снимам, да работам со режисерот кому му верувам. Сето друго е споредно. Не, секако се шегувам, мора да ми се допадне сценариото, мора да ми се допадне и улогата, а сепак најважна улога во сето тоа има режисерот.

Иако ја немам гледано комплетната филмографија на Изабел Ипер, бев искрен и споменав дека, според мене, нејзините соработки со режисерите Клод Шаброл и Михаел Ханеке му даваат нова димензија на европскиот современ филм. Ја прашав каков е нивниот пристап при подготвувањето на филмот додека заедно се подготвуваат за снимање? Колку режисерите имаат удел во градењето на карактерите што треба да ги игра Ипер, колку ја насочуваат во тој процес или, пак, едноставно, тие се исклучиво нејзина сопствена креација?
Ипер: Тие не мораат да ми асистираат, тоа е заемна креација. Секако, тоа го правам јас и тоа е претежно моја креација на улогите, независно од режисерот. Никогаш на односот режисер-актер/ка не сум гледала како на давање асистенција или очекување на некаква поддршка. Добриот режисер само ви ги дава клучевите при истражувањето на вашата имагинација и вашата слобода при истражувањето на карактерот.

Кога веќе се фативме за односот актерка-режисер, овој блок од разговорот го заокруживме со една навидум романтична идеја што можеби ја насетував, но за Ипер тоа не беше она што го замислував јас. Имено, ја прашав колку можеме да го подобриме светот кон подобро, навлегувајќи во најтемните човекови состојби на постоење преку филмовите што ги снима Ипер и улогите што ги толкува во нив? Дали токму тоа претставува постојан предизвик за филмаџиите и актерите, по снимањето на филмот, дека светот се сменил кон подобро во главата на гледачите?
Ипер: Не се работи за романтика, туку за реализам. Ме прашувате што е тоа што најмногу ме привлекува да снимам еден филм? Да, тоа е улогата, мојот дел од работата. Не сум многу заинтересирана за идејата што ја носи филмот… мислам, секако дека сум заинтересирана, но на крајот снимањето на еден филм е сепак бизнис за режисерот. Сметам дека кога се снима еден филм, всушност се снимаат неколку филмови паралелно: режисерот снима свој филм, актерот свој… но на крајот секогаш испаѓа дека тоа е филм на режисерот. Како и да е, секој влегува во филмот со своја фантазија.

Изабел Ипер, која е родена на 16 март 1955 година во Париз, многу рано ќе го сврти вниманието кон себе, станувајќи еден вид тинејџерска ѕвезда. Отпрвин ќе работи во театар, а интересно е дека првата награда за глума ќе ја добие уште на Конзерваториумот Версај. Подоцна ќе го посетува и Националниот конзерваториум за драмски уметности во Париз, а своето филмско деби ќе го има во 1971 година во „Фаустин и убавото лето“ на режисерката Нина Компанез. Сето натаму е историја, од која можеме да потенцираме дека најплодни соработки таа оствари со францускиот режисер Клод Шаброл, со кој сними шест филма, што ѝ донесоа и неколку награди, како и со австрискиот маг Михаел Ханеке, со кого Ипер исто така сними незаборавни и наградувани остварувања.

Се чини како Ипер да ја поседува тајната формула како секогаш да го привлечете вниманието на гледачот врз себе. Примерот со наградуваниот филм „Љубов“ на Ханеке е доказ за тоа, каде што Жан Луј Трентинањ и Емануел Рива се главните протагонисти, но Ипер со епизодната улога сепак присвојува простор за себе. Тоа како да покажува дека не е важно дали таа игра главна или споредна улога.
Ипер: „Љубов“ го снимив поради Михаел Ханеке, бидејќи ме замоли да го сторам тоа. Знаев дека не се работи за централна улога, но со Ханеке имаме заедничка историја и мислам дека тоа пресуди.

Изабел Ипер е идеална како лик со непредвидливи постапки, како карактер со неодреден внатрешен свет, со притаени емоции. Првата главна улога што ја игра во филмот „Плетачка на тантели“ од 1977 година на швајцарскиот режисер Клод Горета, веќе ќе ја покаже нејзината особеност во доловување на сложените психолошки карактери. Во него таа игра нежна и едноставна девојка, која откако ќе биде напуштена од нејзиното момче, ќе доживее психичко растројство. Во филмот, пак, од 1978 година „Виолет Нозиер“ на Клод Шаброл, со кого ќе има исклучително плодна соработка, Изабел Ипер ќе игра сосема поинаков лик. Навидум невина девојка, посветена на родителите, која во ноќите се претвора во проститутка, за да го убие својот татко на крајот. Овој филм ѝ ја донесе и „Златната палма“ во Кан и, се разбира, како и претходниот, номинација за „Цезар“.

Во 1980 година таа го оствари и своето американско деби во амбициозниот филм „Вратата на рајот“ на Мајкл Чимино („Ловец на елени“). Сепак, поради неуспехот на
филмот, таа долги години го избегнуваше американскиот филм, за да му се врати накратко во деведесеттите, а и во последниве години, остварувајќи неколку забележливи улоги, интересно, во комедии, како контрапункт на она што го работи во Европа. Токму затоа, со оглед што нејзината кариера е претежно европска, но го има искусено и американскиот филм, нè интересираше што е суштинската разлика токму меѓу овие два филмски света, според Ипер?
Ипер: Мислам дека нема есенцијална разлика меѓу американскиот и европскиот филм, како што нема, да речеме, со корејскиот филм, бидејќи соработував со режисерот Хонг Санг-соо во филмот „Во друга земја“. Различноста најмногу е изразена во културата и националноста, тоа ја прави различноста.

Изабел Ипер е актерка со најголем број, 14 национални номинации за „Цезар“, а досега освоила само еден, оној за филмот „Церемонија“ на Шаброл. Интересно, таа има освоено многу повеќе награди на трите главни „А“ фестивали, оние во Берлин, Кан и Венеција, отколку на домашна почва, во рамките на француската кинематографија. Но, никој не е пророк дома, нели?! Инаку, Ипер не е присутна само на големите фестивали. Битола е само една од егзотичните фестивалски станици на кои таа застанува и ужива. Иако токму фестивалите понекогаш знаат да бидат многу здодевни, сепак нејзиниот авантуристички дух смета дека тие се навистина потребни за филмската индустрија, што постојано се преиспитува себеси.
Ипер: Тие се мал дел од мојата агенда. Да, сакам да откривам нови места. На пример, фестивали како овој секогаш се добра можност да се зборува за филмовите, филмот да се почувствува жив… ни требаат вакви случувања да го одржиме филмот во живот и затоа сметам дека е добро да постојат филмски фестивали насекаде низ светот.

https://www.youtube.com/watch?v=ptUR0ykAcFU

Иако филмот, па и театарот, се нејзината најголема животна пасија, таа сепак наоѓа време и за љубовта кон фотографирањето, но и кон музиката. Малкумина знаат дека таа во 2001 година сними музички албум со француската рок-ѕвезда Жан Луј Мурат, насловен „Дешулие“. За крај на разговорот со мадам Ипер, ја прашавме дали со тие уметности со кои повремено се занимава во слободното време, како еден вид баланс, ги надополнува
емотивните празнини на ексцентричните улоги што ги толкува?
Ипер: Мислам дека се работи за различни, одвоени интереси. Мислам, од една страна се интересирам и љубопитна сум, можеби не секогаш, а сепак морам да правам нешто, но не сум преокупирана со нив. Тоа е како со сите, се работи за еден вид задоволство при занимавањето со фотографијата и музиката, но тоа дефинитивно нема врска со актерството. Можам да бидам само актерка, без да се интересирам за какви било други уметности.

Изабел Ипер е актерка чијшто опсег сè уште е неисцртан, таа е лик на екстреми, која без предрасуди и без задршка умее да се впушти во такви животни авантури од кои застанува здивот, се вели во текстот во фестивалскиот каталог посветен на оваа раскошна француска актерка. Изабел Ипер може да биде сè и повторно да се одушевувате на нејзината невиност и едноставност, како што се случи и за време на интервјуто со неа. Таа сосема заслужено ја доби „Сребрената мечка“ за извонреден уметнички придонес кон светскиот филм, потоа наградата „Станиславски“ за посветеноста на принципите на
овој метод, а секако, ја има и највисоката француска награда „Легија на честа“. Но, авантурата продолжува, не само затоа што Изабел Ипер го сака предизвикот туку затоа што публиката сака да ги гледа нејзините филмови. А тоа, секако, е најголемата потврда за нејзиното траење. 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *