Како и 2004-та, и 2007-та година беше онаа по која ќе се паметат многу квалитетни моменти во домашната кинематографија, бидејќи своја македонска и светска премиера доживеаја неколку домашни остварувања, кои со своето шаренило ја збогатија филмската карта на Македонија. Започнуваме со куриозитетот насловен „Прва македонска догма“, за кој директен виновник со својот непресушен ентузијазам беше авторката Анета Лешниковска.Црпејќи инспирацијата од Ротердам како свој втор дом, веднаш во соседството на копенхашкото седиште на контроверзното Догма-движење, Лешниковска се распосла низ скопските улици снимајќи филм во кој на автентичен начин сакаше да го прикаже актуелниот момент со младите во оваа земја без иднина, држава во вечна транзиција. Првото интервју со Лешниковска го направивме во „Филмополис“ број 125, далеку пред „Боли ли?“ да биде готов, и претставува фин влез во интервјуто по повод скопската премиера на филмот следната година. Токму затоа и горе во насловот фигурира уште една бројка, бидејќи второто исто така богато и интересно интервју го емитувавме во „Филмополис“ број 161. Инаку, конечно од овој филм па натаму на крајот, по интервјуата со филмаџиите, започнува и серијалот со рецензии за филмовите, по моето неколкугодишно отсуство од печатените медиуми. Уживајте.
– Анета, на почетокот наједноставното, но воедно и најсложеното прашање: што претставува за вас филмот?
Анета Лешниковска: Филмот отсекогаш за мене бил еден вид контакт меѓу реалното и иреалното во еден простор каде што седи група луѓе, кои, не знаејќи, се договориле да делат едно нешто. Потоа излегуваат оттаму и веќе не се заедно. Како надоврзување на ова, ќе ви раскажам една приказна. Пред неколку години во Ротердам дојде Питер Гринавеј и имаше предавање за иднината на филмот. Тој кажа еден интересен податок, велејќи дека она што страшно го фрустрирало сите овие години е кога одел да гледа филм во кино, кој од почеток до крај е исечкан и изрежиран од некого, и на публиката ѝ е презентиран како таков. И стопати да отидеш да го гледаш филмот, стопати ќе го видиш истото, на ист начин, низ фрагменти, онака како што го гледа режисерот, наметнувајќи ѝ на публиката како да гледа на работите, и тоа е тоа. Потоа, по година-две, се појави догмата како таква. Кога излезе првиот догма-филм, колегите кај мене на факултет се чудеа, а за мене беше интересно што некој се осмелил нешто што само по себе е дефинирано естетски, да го скрши тоа и да рече не е ништо битно од сето тоа, не е битно светлото, битно е она што имаш да го кажеш и како ќе го кажеш.
– Очигледно Догма-движењето како експериментален поглед кон филмот ве инспирираше и ви ја даде понатамошната насока на движење низ авантурата прогласена за Седма уметност. Колку во тоа имаше удел холандската филмска академија, тамошните професори и колегите со кои соработувате?
А.Л. Во моментот кога почнав да се занимавам со филм на Академијата која е еден вид школа за експериментален пристап кон уметноста, каде што има оддел за аудиовизуелен дизајн и каде се занимаваш со филм, видео и мултимедијални проекти, значи не те ограничува на едно нешто, разликата во системот на образование е што овде те стимулираат да станеш независен, и она што го учиш е еден вид теорија со многу, многу практика. Тоа за мене беше и најголемата придобивка од школувањето во Холандија.
– Што стои во вашето си-ви пред да влезете во светот на „Боли ли“?
А.Л. Зад себе имам неколку кратки филмови, еден од нив носи наслов „Еве, си отидов за малку“, кој доби награда на Рокет клип фестивалот, и е еден вид ремикс, филм што е направен и монтиран според постојна филмска музика. Потоа привлеков внимание и си отворив простор за работа на други проекти, кои беа поддржани од одредени фондации во Холандија за да се работи на нив.
– Дојдовме до моментот со секси наслов – „завет на девственост“. Каква е процедурата тој да се помине и да се влезе во друштво на вистински великани на современата кинематографија?
А.Л. Јас отидов во Зентропа во Копенхаген преку контактите што ги имав и со неколку пријатели-актери во Македонија снимивме видео во кое си кажаа кои се, што се и што имаме намера да правиме, и со тоа отидов во Зентропа и им кажав дека сакам да ми дадат дозвола да го направам првиот догма-филм. Тие ги изгледаа тие материјали што беа аматерски направени и ме прашаа каде е Македонија, а јас им реков „зарем е битно каде е“, тие се изнасмеаја и ми дозволија да го снимам филмот, со тоа што влеговме како 73-ти на листата на догма-филмови снимени дотогаш. Увидов дека не треба да чекаш некој да те викне, не треба да бараш идеално сценарио, туку да тргнеш и да работиш доколку веруваш во идејата што ја имаш.
– Колку успеавте во овој период да ја заокружите финансиската конструкција на филмот, со оглед на фактот дека за ваков експериментален филм ретко кој се дрзнува да го одврзе ќесето?
А.Л. Проектот е копродукција, со тоа што и тоа флуктуира, како и сè друго. Јас инсистирам да се знае и да се разбере дека ова, сепак, е македонски проект. Во него е најбитно дека централна тема е за и од младите во Македонија, и станува збор за еден вид манипулација со и во филмот. Македонија сама по себе е догмаџиска земја, така што грев е да не снимиш ваков филм тука. На публиката не сакаме да ѝ прикажеме приказна како ние филмаџиите правиме филм, туку поентата е да направиме филм за Балканците од гледна точка на Балканците. Актерите во овој проект се коавтори во најбуквална смисла на зборот, бидејќи самото сценарио се базира врз нивните животи и кои се тие самите. Затоа ова е и еден вид документарец.
– Бидејќи станува збор за исклучителен work in progress, имате ли претстава како сето тоа ќе изгледа на крајот? Да не имаме потоа насловни страници во данските весници „Догмата најдена мртва во Македонија“?
А.Л. Да, ние сакаме да ја убиеме догмата, ние сакаме таа да умре. The king is dead, long live the king! Затоа што работава е – те боли или не те боли, дали те боли и како те боли, кога те боли и колку те боли!?
– А боли ли?
А.Л. Па понекогаш боли, да. Но, еден познат филмаџија рече: Ќе се видиме во кино, некои работи треба да се видат, а не да се зборува за нив.
По точно 36 емисии, повторно истата соговорничка, но овој пат со светска и скопска премиера зад себе и со еден куп импресии и планови за филмот и за својата кариера. Првиот следен пасус е мојата студиска најава за прилогот, додека вториот е мојот воведен од пред почетокот на разговорот.
По минатогодишното неколкумесечно снимање низ улиците на Скопје, и по официјалната светска премиера на Филмскиот фестивал во Ротердам во јануари оваа година, каде што беше во конкуренција за Златен тигар, „Боли ли?“ конечно и пред македонската публика, во присуство на екипата и авторката на филмот. Освен во Ротердам, филмот учествуваше и на Интернационалниот филмски фестивал во Бермуда, каде што ја доби Специјалната награда од жирито на чело со легендарниот актер Ричард Драјфус. По македонската премиера, филмот продолжува со фестивалски живот во Турција, Белгија, Словачка, Тајван, Јужна Африка…
Пријатно беше да се присуствува на премиерата на првиот балкански догма-филм „Боли ли?“ во киното „Фросина“. Без црвен килим и други формалности, публиката наиде на топол прием и, пред сè, проекција на еден храбар филм, кој ветува добра иднина за нејзиниот автор. Иако актерите во филмот имаа ангажмани во нивните театарски куќи и речиси сите дојдоа кон крајот на проекцијата, сепак, свеченоста и искрените аплаузи од публиката не изостанаа.
Анета Лешниковска: Ти беше еден од првите кој беше запознаен со тоа како течат работите околу овој проект, и еве, конечно имаме можност да ѝ го прикажеме и на македонската публика. Дома е најтремаџиски и најтешко, но она што ми е најважно е дека луѓето со кои работевме, ќе имаат можност да им го покажат филмот на своите пријатели и да презентираат што тоа тие сработиле заедно со мене. Тоа е најбитниот момент за мене сега. И не се водам според тоа како другите ги водат работите, за мене е битно ние овде да покажеме дека и македонската публика е исто толку битна колку и публиката во Ротердам или во Буенос Аирес. Затоа не сакав прво да прошетам по сите фестивали па да дојдам туку, туку еве, да бидеме присутни уште на почетокот од животот на овој филм, а не наесен, или потоа.
– После толку поминато време, губење нерви и решавање невозможни ситуации, како сте задоволни од крајниот продукт?
А.Л. Бидејќи во догмата нема наснимување на постпродукциски ефекти, филување, војс-овер и сл., ние моравме она соголеното да го ставиме внатре. И бидејќи филмот беше нискобуџетен, имавме и нискобуџетни можности за негова реализација. Она што беше интересно при самиот процес е што се водевме од приказната и во секој случај од самите актери. Секако, на крајот сум задоволна од крајниот продукт.
– Колку и во која мера филмот и неговата авторка ги испочитува догма-правилата на кои се заколна?
А.Л. Тука сме 100 проценти чисти. Во контакт сме со весникот „Политикен“, кој направи огромен артикл за првата балканска догма, со тој новинар сум во контакт и се трудиме на Ларс фон Трир наесен да му приредиме изненадување, да му го дадеме првото ДВД од филмот по повод десетгодишниот јубилеј на Догма-движењето, и тоа ќе биде еден вид оддолжување кон нив. Сите други обврски во однос на тоа дали правилата се испочитувани, тие се остварени, се гледа и од самиот филм.
– Ми се чини како да слушнав музика во одредени сцени? Зарем тоа не е строго забрането?
А.Л. Мал куриозитет е дека на почетокот и на крајот од филмот има една нумера што ја употребивме, од бендот „Амбер“ од Данска. Тоа беше музика што ја слушнав и ми се допадна, и обидувајќи се да најдам контакти, гледам на каверот на цедето, вокал Билјана Стојковска. Излезе дека е родена во Данска, но татко ѝ е од Охрид итн., и таа музика според догма-правилата мораш да ја имаш на самото место таму каде што си. Е сега јас не можев нив да ги донесам од Данска во Скопје зашто ние немавме ниту за храна за екипата, а камоли некој специјално да лета од таму до овде. Мислев како да го решам проблемот и на крај го земав цедето со мене во ранец, направив фотки дека е присутно на сет и можеше да се користи во филмот. Така што тоа ти е Македонче, знаеш како е, снајди се.
– Колку за време на снимањето се придржувавте до зададеното сценарио, а колку импровизиравте, доколку знаеме дека при снимањето на догма-филм неретко камерите работат и кога се мисли дека се исклучени?
А.Л. Сценариото беше зададено како една црвена нишка и луѓето со кои соработував на него подоцна излегоа од проектот. Но секој од актерите имаше слобода во него да внесе од својата реалност во приказната, и така и беше, и она што беше битно во тој процес е да ја задржам основната идеја како таква за да не почнеме да правиме пет-шест различни паралелни филмови. Предизвикот беше тој, бидејќи актерите претходно не работеле на овој начин. Јас требаше доволно да ги олабавам за да можат да дадат сè од себе дури и во моментите кога мислеа дека не се снима, а се снимаше, да бидат доволно отворени и да не се чувствуваат употребено.
– Каква приказна ни носите од светската премиера на филмот во Ротердам?
А.Л. Ротердам за мене е исто што и Скопје. Тоа е место каде што додека студирав, нè носеа да ги гледаме актуелните филмови во светската кинематографија. По икс време, кога влегов во таа сала и директорката на фестивалот те претставува, а ти пред тоа си ја гледал само како гледач од седиштето, беше возбудливо и интересно. Имав среќа да успеам моментот да го споделам и со четворица актери од филмот, кои беа на фестивалот заедно со мене, така што случувањето во Ротердам во тие денови е прилично благодатно. Тој е значаен како и Берлин, Венеција, Кан, но е во функција на и за филмаџиите.
– Дали иднината на филмот е веќе предвидена?
А.Л. Филмот по Скопје, од 3 до 9 мај оди во Барселона, потоа и за Тајван, Брисел итн. До крајот на годината ќе учествуваме на вкупно 14 фестивали со „Боли ли?“, ќе финишираме на еден фестивал во Талин, Естонија, наречен „Блек најт“, кој беше и првиот што нè покани да го презентираме проектот кога беше во зародиш. Се обидувам да најдам и дистрибутери за да можеме да ја заокружиме финансиската конструкција и да ги вратиме долговите што ги има филмот, да се плати актерската екипа и сите што помогнаа. Знам дека е тешко тоа да се најде, но јас постојано го промовирам филмот, како и Македонија, каде и да одиме. Во моментов работам и на новото сценарио, кое се надевам ќе биде готово до крајот на годината, и со Господ напред, се надевам дека ќе го реализирам во текот на 2008 година.
https://www.youtube.com/watch?v=dYJLApcWhb4
(Интервјуата се направени во филмскиот магазин „Филмополис“ бр. 125 и 161, а транскриптот и воведниот текст се објавени во книгата „ФИЛМ.МКД“)