Во далечната 1993 година тогашните ФДУ-пулени Дарко Митревски, Александар Поповски и Срѓан Јаниќијевиќ добија прекрасна шанса да го снимат своето филмско деби во рамките на тазе независна Македонија. „Светло сиво“ беше прв експериментален проект од таков вид во домашната кинематографија, омнибус составен од три кратки филмови, секој од нив прикажувајќи го посебниот сензибилитет на потпишаниот автор. Речиси дваесет години подоцна сме сведоци на сличен проект, но сепак далеку покомплексен од претходникот, бидејќи „Скопје ремикс“ е омнибус составен од девет приказни, десет режисери, и она најспецифичното и најсублиминалното, сите тие раскажуваат стории за еден единствен град – Скопје.
Понесени од свежината на идејата на филмовите „Paris, je t’aime“ и „New York, I love you“, во кои десетина светски режисери снимија мали елегични оди за познатите светски метрополи, и македонските филмаџии од помладата генерација решија да ѝ оддадат почит на нашата метропола, создавајќи кратки филмски парчиња, кои може да функционираат и одделно (некои од сценаријата и се пишувани надвор од проектот), но сепак, нивната главна моќ е кога се консумираат заедно, во целина. Кога на сето ова ќе се додаде и фактот дека повеќето од авторите во својата филмографија и не можат да се пофалат со доволно снимени наслови, тогаш целиот овој потфат добива додатна тежина.
„Скопје ремикс“ претставува филмски витраж, во кој филмаџиите раскажуваат за можните реални или фиктивни минати, сегашни и идни проекции во и за овој град. Свесни дека ваквиот концепт колку може да ослободи, толку може и да ограничи, филмските автори, секој засебно, го реализираат својот краток филм, за потоа, во завршната монтажа, целата идеја да гравитира околу главниот лик, секако, градот Скопје. Спојните точки како премин од една во друга приказна ги пронаоѓаме во кровните пејзажи на урбаната џунгла во различни периоди од денот и во различни годишни времиња, надополнети со џингловите на култното скопско радио Канал 103, како генератор на авангардни идеи веќе дваесет години наназад. Но она што претставува вистинско богатство е еклектичниот микс од кој е составен филмот, па така, градот го гледаме низ призмата на жанровите драма, трилер, анимација, мјузикл, научна фантастика… некои од нив вистински мали бисери, кои ги содржат сите занаетски салтанати на филмската уметност.
Омнибусот го отвора ефектниот краток филм „Скопски љубовџии“ на Ѓорче Ставревски, кој нè соочува со старата шармерска болка на градот – швалерајот. Следува спотовски решеното парче „Bruce Lee is a pussy“ на Бојан Трифуновски и Синиша Ефтимов, кој изобилува со филмски референци и кој сака да ја наметне идејата дека еден град без свој суперхерој не е вистински град. „Поган Паган“ на Срѓан Јаниќијевиќ е филмско продолжение на неговиот истоимен бенд, во кој двата истоимени анимирани главни лика, малолетните братче и сестричка, се обидуваат да го преживеат урбаниот пекол возејќи се низ прилично насилна видеоигра. Интересно, појавата на ‘скопскиот Енди Ворхол’ суптилно провејува и низ неколку други филмови, со што од Јаниќијевиќ исто така прави сврзивно ткиво низ целиот проект. „Среќни краеви“ на Јане Алтипармаков е елегична приказна за љубовта и, секако, неговата наклоност кон музиката, која е главна причина и за промените во животот на младиот Ром од Шутка во делот „Мангава (Сакам) диско панк“ на Саша Станишиќ, кратката пародија со алмодоваровски шмек. Љубовта и музиката се теми што преовладуваат и во мјузиклот „Боите на љубовта“ на Борјан Зафировски, кој, за поуверлив впечаток, во главната улога го зема најпотентниот македонски музичар Сашко Костов. Моторџискиот „Фотофиниш“ на Огнен Димитровски, пак, на едно место ги спојува Камка и Милан Тоциновски како интересен актерски експеримент, додека „Опера“ на Даријан Пејовски е одлична посвета на германскиот експресионизам и американскиот филм-ноар, со еден импресивен фелиниевски драмски момент пред и зад сцената на МОБ. И на крајот, според мене, најефектниот дел во целиот омнибус е „Свиркачот“ на Вардан Тозија, чие дејствие се случува во иднина, во 2063 година, секако, во некое ново Скопје. Оваа мала посвета на култните „Бразил“ на Тери Гилијам и „М“ на Фриц Ланг зборува за нескршливиот дух на Скопје како живо битие, кое неговите жители не дозволуваат тукутака да биде скршен, што впрочем е и појдовната точка при реализацијата на целиот овој долгометражен филм. Заразната свирка „Скопје, радост ти ќе бидеш“ уште долго потоа одѕвонува во умот.
Сè на сè, „Скопје ремикс“ е филм за кој со задоволство ќе одвоите два ипол часа од вашиот живот, бидејќи нуди задоволство на различни нивоа и со различен интензитет. Нормално, некои од филмовите повеќе ќе ви се допаднат, а некои помалку, но крајниот ефект е едно лудо возење низ скопскиот асфалт и низ неговите темни и мрачни ќошиња, што на крајот посакувате проекцијата да трае барем уште половина час повеќе. Радува и огромната доза на хумор во текот на целиот филм, со што ‘скопските педерчиња’ докажаа дека имаат талент и неизмерно го сакаат својот град. По „Скопје ремикс“, Скопје дефинитивно е поубаво место за живеење бидејќи си доби свој уметнички манифест, кој покажува дека градот на плеќи го носат неговите деца-уметници, кои не дозволуваат „некои таму“ толку лесно да го менуваат неговиот ритам, лик и начин на живот.
Да живее слободно и креативно СКОПЈЕ!
(Објавено во „Нова Македонија“ и во книгата „ФИЛМ.МКД“)