Откако сте решиле со автомобил да ја посетите „дежелата“ и таму да поминете седум прекрасни денови секојдневно посетувајќи разни места, тогаш не е лошо тоа задоволство да потрае уште толку со добар план и организација. Островот Шолта е следната и крајна дестинација за вистински летен одмор, но попатно вреди да се посети уште нешто: Плитвичките езера!
Јас и’ припаѓам на онаа генерација „помеѓу“, која не успеа да биде дел од целосна екскурзија низ поранешна Југославија, бидејќи земјата во тие години почна да се распаѓа. А од претходните генерации знаеме дека при таквите неколкудневни излети крајна дестинација на северот беше Постоинска јама, а при спуштањето надолу се шетало низ магичните Плитвички езера. Таа слика во која „горниот господин“ не штедел кога сипувал убавина на земјата е останата во колективната свест на многумина од поранешната држава, за во меѓувреме Плитвице да станат светска атракција, бидејќи при посетата на Националниот парк, јас не видов човек од балканските простори. Само ретко, тук-таму, незабележливо ќе чуев словенечки или хрватски, кои за момент ги надгласуваа доминантните посетители од азискиот континент со апарати во рацете.
Во рамките на Националниот парк постојат три хотела кои многу однапред се букирани, и покрај високата цена за престој. Затоа во опција влегуваат сите блиски населени места, бидејќи и онака пристигнавме таму со автомобил. Домаќинката Маријана (Нена) во блискиот Смољанац беше максимално љубезна и ни изнајми пристојна соба (и онака цел ден ќе бидеме на езерата), и на крајот, секако, тоа „солено“ го наплати. Нејсе. При утринското кафе-пиење на терасата со отворен поглед кон целата околина, таа ни кажа за вилата на Тито и Јованка која се наоѓа од другата на страна на прекрасниот мост пред нас, која беше затскриена зад ридот, и во која редовно отседнувал поранешниот легендарен пар, правејќи забави за високите државни званичници. Благодарение на Нена ја избегнавме и турканицата за билети, бидејќи не’ советуваше тоа да го сториме уште рано наутро, кога ќе отвори билетарата, а не потоа, кога редот е навистина огромен. И навистина, следното утро веќе во 07 часот бев меѓу првите, а кога по појадокот дојдовме во паркот, редицата беше огромна, и претпоставката беше дека се чекаше два до три часа за посакуваната влезница. Времето е малку врнуцкаво, боите веројатно не се толку интензивни, но можеби и подобро, бидејќи ја избегнуваме непријатната летна жега.
Плитвичките езера се најстариот (1949) и најголемиот национален парк во Хрватска. Со својата особена убавина ова подрачје отсекогаш ги привлекувало вљубениците во природата, а УНЕСКО во 1979 година ги стави езерата на Пописот на светско наследство. Паркот е сместен во Горска Хрватска и зафаќа површина нешто помала од 300 км2. Паркот во најголем дел е прекриен со шумска вегетација, помал дел со тревници, а туристички најинтересниот и најатрактивниот дел од паркот – езерата, заземаат околу 1% од просторот.
Езерскиот состав чини 16 именувани и неколку помали, каскадно наредени езера. Езерскиот состав е поделен на Горни (12) и Долни езера (4), кои завршуваат со импозантни водопади, по кои почнува текот на реката Корана. Националниот парк на посетителите им нуди осум програми за посета на езерата, четири планинарски стази, а за посетителите е отворен во текот на целата година. Тоа ни го спомена и Нена, која рече дека би било убаво да додјеме некогаш и во зима, кога дел од езерата се замрзнати, и сето тоа наликувало на вистинска бајка.
Секако, во висока, топ сезона, очекувањата беа дека ќе има многу посетители, и затоа треба внимателно да се минува низ патеките крај езерата, кои на многу места не содржат ракофат, но за среќа, сето тоа функцинора совршено, сите посетители се придржуваат до мерките и начинот на движење, истовремено воодушевувајќи се на глетките, кои зад секој следен агол се се’ повоодушевувачки.
За љубителите на животните, заштитените езера се преполни со жив свет, кој во комбинација со живописните дрвја, зеленилото и прекрасните бои, прави за момент да ви застане здивот од убавина. Затоа, добар совет е да не брзате, иако реката од луѓе неминовно ќе ве тера да грабите напред. Не! Едноставно застанете, напијте се од убавината, и потоа продолжете до следниот агол, до следната божествена слика пред вас.
Некаде на половина пат Ве очекува пријатен момент, префрлање на нивоата на езерата со помош на малку постари, но добро сочувани и функционални бродови. Но додека истите да дојдат, на големата платформа пред импровизираното езерско пристаниште, време е да се здивне, да се касне нешто од бутките, и секако, да се освежите со течност.
На крајот, некаде пред стемнување, го комплетирате плитвичкиот круг можеби малку заморени, но полни со радост и спокој. А природата не дозволува да си заминете туку-така, таа за финале ви го подарува можеби најубавиот поглед во паркот, пред самото заминување од него.
@2017