Во пресрет на излегувањето на „Филмски град“, мојата петта книга, се потсетив на книжевните почетоци од средината на 90-те, кога желбата да се објави книга, како и кај секој почетник, беше голема. И тогаш следеа натчовечки напори напишаните раскази да се претворат во самиздат, чии корици станаа рентген снимките на сега покојната ми баба Мина, која сесрдно ми ги отстапи нејзините колена ли, граден кош ли, бубрези ли, сеедно.
На крајот испаднаа 10 примероци рачно направени, внатре чукани на машина, а потоа умножени на фотокопир. Авторот, секако, поради тешкотиите да ги сподели своите „тајни“ со јавноста, се потпиша со псевдоним, a „четворката“ е неговиот таен број
Примероците ги однесов во „Табернакул“ на продажба. Иако чудни, ги примија. По неколку години, кога преуредуваа, ми се јавија да дојдам и да ги повлечам примероците. Ми вратија седум. Никогаш не дознав во чии раце завршија тие фамозни три примероци. Се надевам дека читателите на истите се инспирираа од напишаното, можеби во меѓувреме направиле и свои самиздати, којзнае!? На мене ми остана уште еден драгоцен примерок, останатите шест по повлекувањето, секако, отидоа кај пријателите.
Подоцна 12-те раскази, дотерани и финализирани, заедно со уште толку, завршија во мојата прва официјална книга, „Кротки приказни“ (ИЛИ-ИЛИ, 2006).
Да живеат самиздатите!!!
Сосема изненадувачки, по овој напис на социјалните мрежи се јави Милан Дамјановски, во чија библиотека завршил еден од трите продадени примероци. Еве ја преписката со него:
Милан Дамјановски: Кога ја видов “корицата”, ме заинтригира и сфатив дека имам нешто слично. Секогаш се прашував кој е авторот. Побарав и открив дека ми ја подариле за 24 роденден, мислам дека „виновникот“ е Александар Донев.
Јас: Милан – ЦАР, ова е изненадувачко и прекрасно заокружување на приказнава.
Милан: Сега уште остана мистеријата за двете други копии.
Јас: На мене ова ми е сосема доволно.
Милан: Скопје – секогаш знае да изненади со своите архиви.
Јас: Милан, како ревносен чувар на ова богатство, заслужуваш еден примерок од новата книга „Филмски град“ со посвета.
Милан: Фала, ама сакам да добијам посвета и од Ангел Горски 😉
Јас: Ко ќе го најдам, ќе го прашам 😉
@ФБ статус од 18 април 2018 година