Тргнувајќи од славниот цитат на Маршал МекЛуан, „Медиумот е порака“, сценаристот и режисер Мартин МекДона во своето ново остварување „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“, земајќи ги токму билбордите како медиум на отворено кои со своите пораки можат да влијаат во поместувањето на нештата од мртвата точка, нè води на едно брилијантно патување со крајна цел, промена во свеста на луѓето околу горливите теми кои мораат да имаат сопствена завршница. Оваа поставка особено добива на тежина доколку „нештото“ е неколкумесечното неразрешено убиство на локалната тинејџерка, чија мајка сака да ги размрда локалните власти, но и комплетната заедница, со поставување на три пораки на билбордите крај патот по кој поретко се врви, на кои јасно се отчитува нејзината болка, и повеќе гнев, околу инертноста на полицијата. Сосема доволно за почеток на едно клопче кое од минута во минута мајсторски се одмотува, или, како во една од првите сцени, доколку бубачката на прозорот е свртена на грб и сè уште живурка, главната хероина ја превртува и и подарува понатамошен живот, како фина симболика која од микро на макро план ќе се провлекува до самиот крај на филмот.
За реализација на ваков тип на сценарио, во кој преовладуваат детално разработените психолошки карактеристики на ликовите, ви треба добар кастинг. Френсис МекДорманд, во паузите од филмовите на браќата Коен (таа е сопруга на Џоел) знае да го прикаже својот раскошен актерски талент во одбрани филмови како овој, во кој ја покажува сета моќ на една жена кога ќе науми да ја однесе работата до крај. Покрај неа интересна ролја остварува и стариот, добар Вуди Харелсон, кој по лудите улоги во 90-те години на минатиот век влегува во една фаза од својата кариера во која игра карактерни улоги, во случајов, како „првообвинетиот шериф“ кој завршува фатално, но чии писма ја предизвикуваат клучната промена кај карактерите. Ова е вистински школски пример за основа во драматургијата – прецизно воден внатрешен конфликт и промена кон добро или кон лошо на крајот од денот. Најподатлив лик за реализација на ова е Диксон, маестрално одигран од Сем Роквел, чија трансформација е достојна за почит, неретко водена од неговиот однос со мајката-вдовица, улога на Сенди Мартин. Сепак, иако спореден, за мене многу важен лик во филмот претставува синот, игран од Лукас Хеџис, кого го паметиме по исто така споредната, но многу важна улога во прекрасниот филм „Манчестер крај море“ (2016). Да не постоеше неговата рационалност и балансираност во реакциите, веројатно Милдред, ликот на МекДорманд, би отишол во сосема друга насока, на крајот веројатно завршувајќи фатално за многумина во малиот град, чија детерминираност ги става во калап речиси сите протагонисти кои колку и да сакаат да бидат нешто поинакво, самата околина тоа не им го дозволува.
Како заокружување на впечатокот, мора да се нагласи хуморот во овој филм, кој всушност, отсекогаш и бил силна страна во сценаријата на мартин МекДона. Колку ситуацијата да налага ментална сосредоточеност врз дејствието, авторот на ова дело успева во вистински момент да внесе ведрина со само една единствена реплика, па така неретко се смееме додека се води надреална расправа околу поставувањето на натписите на билбордите, додека свештеникот и одржува „буквица“ на Милдред – а оваа го тера каде што не треба на фраерски начин, споредувајќи ја црквата со мафијата, или пак додека гори полициската станица, а џуџето ја кани виновничката на вечера, чучнати и обајцата на тротоарот. А новиот полициски шеф, Афро-Американец, во претежно „расистички“ настроената средина, е врв на шлагот од тортата.
После сето претходно кажано/напишано, мора да се признае дека толку силна приказна и беше очекувана од мајстор како Мартин МекДона, доколку предвид ги земеме неговите две претходни остварувања, „Во Бриж“ (2009), номиниран за Оскар за сценарио, и „Седум психопати“ (2012), кој ја содржи славната реченица на стариот лисец Кристофер Вокен: „Во филмовите не смееш да убиваш животни, туку само жени“. Засега „…Мисури“ доби Златен глобус за најдобра драма, а доколку клишето „Глобусот е најдобар предвидувач на Оскарот“ одигра улога, тогаш не му бега и позлатената статуетка во март, иако тоа не би било новина за него, бидејќи МекДона со својот прв краток филм „Шестиот стрелач“ од 2004 успеа да влезе во оскаровскиот клуб, во категоријата „Најдобар краток филм“.
И на крај, поучени од фајлот: „Ебинг, Мисури“, веројатно е време за комплетно билбордизирање на Македонија, при што сите теми, размислувања и препукувања на социјалните мрежи може да се сублимираат во ефективни слогани кои би се поставиле низ целата држава, со цел политичарите да сфатат колку е часот, и дека мора да поработат на случајот долгата македонска транзиција да стане минато. Нормално, повторно народот ќе го плати сето тоа, но само да тргне работава.