Минатата, 2005 година, деби албумот „Меѓу четири ѕида“ на Дени те Чува беше едно од највозбудливите изданија на овие простори. Албумот е акустичен, што е прилично храбар потег, иако момците милуваат истиот бомбастично да го исвират на нивните живи свирки. Таков беше случајот со свирката на „Рок кафе 2“ во салата „Градски парк“, каде мелодичниот хард-кор квартет направи вистинско шоу: динамичен ритам, бројни фанови кои пеат од срце и на сиот глас, два светлечки факела за збогатување на декорот, и многу-многу енергија. Иако интервјуто го правиме без присуството на Јане (гитара) и Коста (бас), тука се Шон (вокал) и Кечо (тапани) за доловување на нивната приказна, визија, љубов и страст – кон МУЗИКАТА!
Момци, неминовно е на почетокот да се позанимаваме со историјата, но не онаа за партизаните и Германците, туку со вашиот, бендовски историјат. Колку искуство има во вас? Судејќи според материјалот, се движите во добра насока.
Шон: Музичкото искуство на сите четворица во бендот е големо. Мојот прв бенд во 1997 беше Сајдвок (Sidewalk). Следеше Фрагмент, па Дени те чува. Тоа се многу години музицирање. Кечо е еден од првите тапанари на Суперхикс, од 1993 до 1997 година, Јане дојде во втората фаза на Сајдвок, а и Коста свирел во многу бендови. Се’ на се’, тоа големо искуство сега ни користи да го правиме она што најдобро знаеме да го правиме.
Кечо: Се знаеме одамна, од свирките низ градов. Јас знаев за Фрагмент, но не и за новиот материјал што се подготвува. Шон ме викна, пробавме, добро исфункциониравме, и тоа е тоа. Се’ се случи спонтано.
Како дојде до реализација на деби албумот? Ви требаше ли многу време за негова подготовка?
Шон: Ние почнавме како трио во април 2004 година. За 2-3 месеци го подготвивме материјалот и го снимивме во живо во Универзална сала со маестро Ален Хаџи-Стефанов, а вокалите накнадно ги доснимивме во Џез ФМ. Материјалот потоа го миксавме во студиото „Жлуст“. Во февруари 2005 во бендот дојде Кечо и започнавме со подготовка на дисторзираната варијанта на материјалот. Промоцијата се случи два месеци подоцна во клубот „Вега“ во Скопје и така започна новата приказна на Дени те чува.
Кечо: Кај нас нема простори за акустична презентација на материјалот, евентуално некој театар, или киното „Фросина“… Затоа сите концерти ги изведуваме во електрична варијанта.
Сметам дека издавањето на акустичен албум овде, кај нас, е многу храбар потег, особено ако се работи за деби албум на бенд кој навистина знае да направи одлична „дисторзирана“ свирка.
Шон: Спонтаноста повторно беше пресудна. Кога се сретнавме со Јане и со Коста, имавме песни кои, фигуративно, ги чувавме во фиока и си ги свиревме за себе. Па си рековме: зошто ова да не го снимиме, ќе ризикуваме, па што биде нека биде. Сфативме дека и во акустичните песни има голема енергија, иако акустиката бара прецизност при свирењето, а особено при пеењето, бидејќи се забележува секоја грешка. Материјалот е снимен аналогно, на ленташ, и иако на моменти некои работи ни изгледаа климаво, толку ни беше чергата. И покрај лоцираните мали пропусти, не можевме да реагираме. Но мислам дека направивме добар албум, кој за нас беше големо искуство, и добивме фантастични реакции. Очекував и музичките критичари да го оценат, но скоро никој не го направи тоа, иако ние сакаме да знаеме што мислат, да ни кажат што е добро, а што лошо.
Како тече процесот на создавање на една песна во Дени те чува? Од каде потекнуваат идеите, кој е нивен носител?
Кечо: Работите ги имаме поделено, се знае кој за што треба повеќе да мисли. Најчесто Шон ги прави главните делници, мелодијата на вокалот и текстот…
Шон: Потоа на проба правиме прва, втора, трета варијанта… По еден месец, тој процес мутира, се’ додека не дојдеме до она што вистински го сакаме.
Кечо: Јас и Коста, на пример, работиме на ритам секцијата, вежбаме, мислиме како да ја „извозиме“ темата, итн.
Значи, се работи за колектив со јасна визија за иднината…
Шон: Имаме цел, имаме визија, знаеме што сакаме, само треба патот да го изодиме до крај. Знаеме што е бенд, ние четворицата дишеме како еден, што е многу важно. Како и во секој бенд, мора да постојат проблеми…
Кечо: Да, тешко е да се работи со луѓе, но важно е што имаме енергија и елан за работа. Сето тоа не’ движи напред.
Имате интересни текстови, кои зборуваат за осаменоста, љубовта, пријателството…
Кечо: Општо земено, секаде во светот се пишуваат текстови на овие, универзални теми.
Кој е задолжен за нив? Шон? Или учествуваат и другите?
Шон: Не пишувам само јас, сите пишуваме по нешто, се’ додека не бидеме задоволни како бенд, додека не ја постигнеме вистинската емоција. Најважно е што текстовите сме ги осетиле на своја кожа, и многу луѓе можат да се препознаат во нив. Тие се реални, искрени, без фиктивни моменти. Можеби некому му делуваат патетично, но во периодот во кој ги пишувавме навистина се чувствувавме токму така.
Би рекол дека вашата поезија е една мала енциклопедија за животот во еден урбан, сив град, кој или ве крева горе, или ве треска долу…
Шон: Јас во последно време градот го чувствувам како место за остварување на детските соништа. Иако е по малку грд, запознавам многу прекрасни луѓе, но сепак често пати се чувствувам осамено, некое чудно чувство кое не можам да го опишам…
Кечо: За мене овие денови градот е прилично сив и студен. Коцка! (се смее) Сепак, многу работи во меѓувреме се сменија: ако порано ни гостуваа само екс-ју бендови, сега можеме да видиме и големи светски имиња, а зачестија и свирките на домашните бендови, кои издаваат и албуми. Тоа е супер.
Шон: јас сепак се’ уште не знам дали се вртиме во круг или одиме напред.
Добро, за да не се вртите во круг, веројатно менаџерот секогаш ве турка напред…
Шон: На овие простори немаме потреба од „менаџер“. Се одлучивме и за сопствена издавачка куќа, „Нема лабаво“, затоа што сакаме да имаме контрола врз работата на бендот. Тоа ни е многу важно и тоа искрено му го препорачувам на секој бенд во Македонија. Знаете, кај нас, доколку издавачката куќа почувствува дека бендот не и’ носи пари, таа веднаш го откачува.
Момци, кој е вашиот следен чекор?
Шон: Дени те чува ќе ризикува да и’ се отвори на публиката. Претходно бевме затворени во мал круг, сега ќе ризикуваме да не’ видат многу повеќе луѓе. Од концерт на концерт имаме се’ повеќе публика која ги пее нашите песни, што е прекрасен фидбек. Малку луѓе знаат дека дебито достигна тираж од 700 примероци, што за наши услови е феномен. Наскоро ќе отпечатиме и трет тираж, како и маички и беџови, значи, комплетен merchandise.
Да, така доаѓаме и до муабетот за вашиот нов материјал. Текстовите на две песни од него се интегрален дел од ова интервју.
Кечо: Новиот албум се надоврзува на првиот, како текстуално, така и во однос на енергијата што ја нуди, со тоа што ќе биде електричен. Дисторзирани гитари, тапани… Три песни од првиот албум ќе бидат одново аранжирани и сместени на новиот, а останатите се свежи, нови теми.
Шон: Или, „Меѓу четири ѕида“ е албум кој би требало да го конзумираш сам, во соба, „меѓу четири ѕида“, а вториот ќе биде за журкање. Но, да почекаме да излезе, па ќе зборуваме и за него на долго и на широко.
Во меѓувреме го вежбате материјалот во Макотекс на минус 20, само со една греалка меѓу вас, и ви останува да концеретирате додека не се појави и второто чедо. Што е повозбудливо за вас, студискиот дел или живите настапи?
Шон: Секој наш концерт го свириме како да е последен. Јас лично се потам жива вода, од горе до долу, оставајќи го срцето на бина.
Кечо: Сите даваме се’ од себе, и таа енергија 100% се пренесува врз публиката, која ни враќа со иста мерка.
Првите 5-6 реда во публиката се прилично жестоки, супер е да се биде таму…
Шон: Е да, морам да споменам дека бендот има одлична екипа, 10-15 луѓе, кои се постојано со нас: сниматели, дизајнери, наши пријатели… Сите ни се многу драги и ги сметаме за дел од бендот.
Кечо: Си имаме и докторка, која многу си ја сакам.
Пред да ни раскажеш за неа, кажи ни за можностите да се свири во домашните „клубови“.
Кечо: Би можеле да свириме во клубови, но само ако сами си го организираме настапот. Но би можеле и бргу да се заситиме доколку толку често би настапувале…
Шон: Сепак, ние сме креативен бенд.
Кечо: Да, и затоа е најдобро да свириме 3-4 пати годишно. А докторката…
Ај друг пат за неа 🙂 Концерти низ Македонија?
Шон: Освен во Скопје, сме свиреле и во Тетово и во Куманово. И во двата града имаме фантастична публика која доаѓа да не’ гледа и во Скопје. Со новиот материјал ќе направиме целосна промоција низ Македонија, а во преговори сме и за пар свирки надвор. Значи, ќе се сконцетрираме на промоцијата која ќе биде двојно поголема од оваа.
Можеби сите овие планови ќе ги зачините и со видео-клип?
Кечо: Ќе биде (чука во дрво).
@Интервјуто е објавено во магазинот „Филтер“ бр.4 од март 2006 година, во рубриката „Акапела“