Пријатно бев изненаден кога пред некој ден холивудската академија за филм ги објави насловите кои влегоа во потесниот, претпоследен круг за документарен филм во трка за Оскарите, бидејќи меѓу нив се најде и последното остварување на Тод Хајнс посветено на моите музички херои Велвет андерграунд. Но, откако го изгледав филмот и кога подобро размислив, нема сомнение дека се’ што сними досега Тод Хајнс, а е поврзани со музиката, претставува вистинско ремек дело. Се сеќаваме на филмот „Velvet goldmine“ од 1998 година, во кој ни ги претставува многуте трансформации на камелеонот Дејвид Боуви, како и на „I’m not there“ девет години подоцна, во кој тоа го прави со Боб Дилан, игран од седум различни актер(к)и. Сепак, овој пат Хајнс го зема доку-жанрот за да ни ја раскаже приказната за, според многумина, најзначајниот бенд во современата музичка историја. Меѓу нив сум и јас, и безобразно ќе ја искористам оваа можност низ текстот да си ја претставам мојата колекција на плочи од њујоршките легенди 😉
Низ супериорна арт естетика, во која филмот го следите претежно на два екрана, лев и десен, Хајнс реализирал вистинско парче уметност низ кое хронолошки ни ја раскажува приказната за една од највлијателните групи на сите времиња. Негови соговорници се двајцата живи членови на бендот, Велшанецот Џон Кејл и тапанарката Мо Такер, но низ документарниот филм провејуваат и гласовите на покојните Лу Рид и Стерлинг Морисон, за комплетирање на сликата за бендот.
Приказната во филмот претежно ја води Џон Кејл, кој како класичен музичар на виола влегува во бенд со отворени можности, за сето тоа подоцна да стане вистинска историја. Едноставно, во тој момент се нашле на вистинска фреквенција со Лу Рид, чија поезија е нешто сосема ново и различно од сето тогаш постоечко на американската музичка сцена. Урбаната ангажираност во неговата поетика, надополнета со аурата на еден Бодлер и останатите поети од 19 век, намирисува на Дилан, но сепак е својствена и автентична. Сепак, и на Дилан и на Рид заеднички духовен татко им е Ален Гинзберг, кој е дел од почетокот на филмот.
Секако, добар дел од централната минутажа е посветена на мецената Енди Ворхол, поп-гуруто кој ги направил Велветите видливи, давајќи им простор во култната „Фектори“, каде настапите биле еден вид психоделично бегство од реалноста во која започнала војната во Виетнам, а децата на цвеќето сакале со цветчиња во косата да го запрат светското лудило. Низ еден куп архивски материјал во најголем дел претсвен преку филмовите на Енди, бидејќи камерата постојано снимала, филмот на Хајнс како да не’ втурнува 50 години назад во времето, кога се случувале највозбудливите работи на њујоршката уметничка сцена во 20 век.
Тука е и приказната за „фам фатал“, Германката со неверојатен глас, Нико, која му дава печат на првиот, „банана“ албум, пеејќи неколку песни потпишани од Лу Рид по наговор на Ворхол. И генерално, филмот на Хајнс до детал разработува многу митови кои кружеле околу бендот, сепак, не навлегувајќи толку длабоко во интимата на протагониститие, задржувајќи го нивото во кое уметноста го има последниот збор, односно, после се’, тоа е таа која останува да се конзумира и памети во историјата.
Филм, пари, забави, Њујорк во втората половина на 60-те бил центарот на светот, вистинско A place to be. Тој го одредувал вкусот во многу нешта, и сите сакале да бидат барем 5 минути славни. Саундтрак на целата таа луда сцена била токму музиката на Велветите, тотално различна од она што доаѓало од западниот брег на САД. Звукот не само што бил нов, туку и радикално поинаков. И тој пристап ги хипнотизирал сите кои имале среќа да присуствуваат на нивните концерти. Меѓу нив бил и Џонатан Ричман, кој изјавува дека тие се неговите татко и мајка, и дека токму Велветите го дефинирале неговиот живот како музичар.
За жал, на секоја ваква неверојатна музичка приказна еден ден и’ доаѓа крајот. Поради „его-Рид“ моментите, Кејл фигурира само на првите два албума на бендот, меѓутоа, тој е дипломат и во документарецот мудро избегнува да каже поконкретни зборови за разидувањето со пајташот. Во прашање биле „креативни разлики“, нели. Како и да е, и на Лу Рид му збоктисува ВУ приказната, и после концертот во „Макс Канзас сити“ ги испраќа Велветите во историјата. Тоа парче музика го имам и јас во мојата ЛП колекција (види погоре) 😉
Се’ на се’, документарниот филм на Тод Хајнс е вистинско задоволство за луѓето кои долго време ги држи фасцинацијата од бендот кој смени многу работи во музичката историја, но истовремено тој е и вистинска лектира за новите генерации, барем за момент да ѕирнат во револуционерните 60-ти, кога „Господ одел по Земјата“. Овој осврт го заокружив со фотки од двете лајв плочи во колекцијата, од кои оној вториот е еден од најеротските воопшто.
И доколку не ве испровоцирав со краткиов осврт, тогаш ми останува тоа да го сторам со трејлерот од филмот, а ако и тоа не упали, тогаш, Вие не сте ВУ фан, и искрено жалам поради тоа 😉