До пред неколку години, кога ќе излезеше нов албум од работилницата на Соник јут, тие фигурираа на насловните страници на речиси секој релевантен музички магазин во светот. Меѓутоа, денес работите не стојат така. И со право. Не дека тие не прават веќе добри албуми, напротив. Разликата е во тоа што нивните последни изданија не ги покажаа формулата и начинот на кој овој голем бенд на алтернативниот и експерименталниот рок ќе замине во вечноста, а на фановите, на оние исклучиво посветените, им останува само мирно и спокојно да го апсорбираат секое нивно ново парче музика, кое е дел од придобивките на долгата дваесет-и-нешто-годишна сонична авантура.
Има неколку фори што ги користат музичките новинари при претставувањето на „Мареј стрит“. Првата е дека бендот од овој албум станал квинтет, односно, по долгогодишната соработка со нивниот пријател Џим О’Рурк, кој обично беше продуцент на нивните последни албуми, конечно, на овој албум, тој стана рамноправен член на бендот. Втората е дека името на албумот е, всушност, името на една вистинска њујоршка улица – жртва на терористичките напади од 11 септември минатата година. Симболичен гест, бидејќи таквата патетика не е присутна во темите на албумот. А токму темите се третата и вечна фора, бидејќи околу нив секогаш се кршеле копјата дали тие се доволно мелодични или не, па заклучокот отсекогаш бил или: Да, Соник јут се’ уште се најмоќниот и најбучниот бенд на планетава, и покрај толку нова музика која се појави во меѓувреме, или пак: Еј, заеби, ова е веќе видено (слушнато).
Како и да е, јас деновиве уживам во „Мареј стрит“, четириесетминутната типична соник-јутовска музика, збогатена со многу соло делници што зрачат со зрелост и хармонија. „The Empty Page“ е официјалниот прв сингл кој го отвора албумот, проследен со прекрасно видео. Следните шест теми, како и секогаш, рамноправно се распределени меѓу вокалните способности и авторските квалитети на Турстон, Ким и Ли. Има и малку зачинет попизам, кој овој пат се провлекува во темите „Plastic sun“ и „Sympathy for strawberry“. И тоа е сосема доволно. Крај на рецептот. Мммммм, вкусно е!!!
@Текстот е објавен во септемврискиот број на „Урбан магазин“ 2002 година.