Кон саундтракот за филмот „24 Hour Party people“ (Various artists)
Конечно, по толку години следење на филмот и колекционирање на саундтраци, в раце имам комплетно остварување и бисер во мојата колекција – музиката од филмот „24 часа шибај, играј и ниту за момент не застанувај“ *(слободен превод на авторот).
Новиот филм на Мајкл Винтерботом е приказна за манчестерската музичка сцена од крајот на 70-те и почетокот на 80-те години, со посебен акцент на издавачката куќа „Factory“, под чија закрила беа легендарните Џој дивижн, а воедно и приказна за оформувањето на клубот „Хациенда“, во кој често настапувале бенвови како Њу ордер и Хепи мандејс, зачетниците на денешната глобална денс сцена.
Токму такво богатство од звуци претставува и музиката од овој филм. Условно поделен на два дела, саундтракот е збир од теми коишто на прекрасен начин го доловуваат мадчестерското лудило во периодот пред 20 години, но и подоцна. Како инспирација за целата таа сцена послужил концертот на панк иконите Секс пистолс во 1976 година, по кој тргнала „Фектори машинеријата“, па затоа и првата тема која го отвора саундтракот е „Anarchy in the UK“. Потоа следи основната истоимена тема, која се провлекува низ целиот филм и не’ носи низ целото дејствие, секако, во изведба на Хепи мандејс. Покрај оваа денс трака, во првиот дел доминираат теми од панк и пост-панк периодот со бендови како The Buzzcocks, The Clash, повторно Joy division, Moby (со преработка на New dawn fades), како и симпатичните Durutti column.
Клупското лудило срамежливо започнува со темата Woodo Ray на бендот A Guy Called Gerald, за да продолжи со неколку теми од перјаниците Њу ордер и Хепи мандејс, изнијансирани со популистичките музики на 808 State и Маршал Џеферсон. Нормално, крајот означува љубов, љубов кон музиката, кон сцената, кон луѓето, кон светот – и затоа саундтракот се затвора со култната „Love will tearus apart (again)“.
Зошто е ова комплетно албумско остварување? Затоа што е приказна за еден од најзначајните периоди во историјата на музиката, и како звучен и историски документ, ја надополнува сликата на чии маргини израснале неколку генерации, кои скромно, но истовремено и моќно, го градеа својот светоглед.
Кога понеделникот е модар, уживај во тишината, уживај во музиката 😉
@Текстот е објавен во јунскиот број на „Урбан магазин“ 2002 година.