Базиран според романот „Белиот ѕид“ на Елизабет Холдинг, филмот на режисерскиот тандем МекГи-Зигел претставува верно пренесување на едно литературно део на големото платно, доследно почитувајќи ги жанровските правила. Во современите трилери се’ повеќе се внесуваат нови и непотребни елементи, кои само создаваат поголема конфузија при перципирањето на филмот. За разлика од нив, „Длабокиот крај“ претставува чист пример за тоа како треба да се водат чувствата на гледачот до крајот на филмот, така постигнувајќи задоволителен ефект, без премногу помпа и изнасиленост.
Уште од самиот почеток на филмот соочени сме со отуженоста на главната хероина Маргарет (Тилда Свинтон), која дури и во сопствената куќа пуши со отворен прозорец, како се’ уште да се наоѓа во тинејџ фазата. Таа е совесна мајка која се грижи за редот во куќата, школувањето на трите деца и за свекорот, додека нејзиниот маж е некаде далеку на океанот, во служба на армијата. Привидната хармонија се нарушува со нејзината посета на геј-клубот „Длабокиот крај“, во кој нејзиниот син Бо (Џонатан Такер) веќе одредено време излегува и се забавува со Дарби (Џош Лукас), сопственикот на клубот. Откако обајцата ќе имаат мала сообраќајна незгода, во која остануваат неповредени, една вечер Дарби ќе ја уцени Маргарет со 5 илјади долари да не го гледа веќе нејзиниот син. Но веќе следното утро таа ќе го пронајде мртвото тело на партнерот на нејзиниот син во езерото пред нејзината куќа, откако претходната ноќ Бо и дарби минуваат низ жолчна расправија. Како и старите добри ноар-хероини, таа ќе го сокрие телото кое подоцна ќе биде пронајдено, но на сцена ќе стапа уценувачите (Горан Вишњиќ и Питер Донат), меѓу кои, по правило, едниот покажува барем малку чувства и разбирање за погрешно обвинетата личност.
На трагата на Хичкок (романот е напишан во 1947 година), филмот ја користи ингениозноста на оние моменти во кои хероината навлегува во се’ подлабоки дупки, за на крајот, кога се мисли дека нема излез од проблемите, тие да се разрешат на еднакво ингениозен начин. Овој филм, на некој начин, е римејк на истоимениот наслов од 1949 година, со тоа што во оваа верзија главен двигател на проблемите е латентниот хомосексуализам на Бо, чии проблеми доведуваат до катарза. Маргарет во ниту еден момент не го споменува тој факт, ниту се обидува да разговара за него со својот син, и токму со играњето на таа карта режисерскиот тандем успева да не ја внесе приказната во зоната на клишето, кадешто таа би можела да се разводени.
За пристрасноста на гледачот е многу важна обоеноста на карактерот на главниот лик, кој скокајќи меѓу црно-бело-сивите тонови, сепак, на крајот, ни покажува дека таа е само обичен човек. За уверливоста во ова најзаслужна е андрогината Тилда Свинтон, која фантастично го доловува внатрешниот универзум на Маргарет. По сите излети во филмовите од арт-провиниенција („Орландо“, „Плажата“, „Воена зона“…), таа конечно прифаќа да игра во проект во кој ќе го докаже и своето долгогодишно театарско искуство, кое, за жал, не и’ донесе номинација за годинашниот Оскар, иако повеќе ја заслужува од некои имиња меѓу финалистките.
„Длабокиот крај“ е уште еден пример во кој низ прекрасна фотографија и интелигентна режија се прикажува мирољубивата околина во која, навидум, владеат општествениот ред и хармонија, но доколку, само за момент, се појави мала турбуленција, тоа исто опкружување може да биде толку деструктивно и разурнувачко, што ниту еден од протагонистите не може да го запре уништувањето. Кога машината на смртта еднаш ќе тргне, без исклучоци, ги вовлекува сите внатре, во хаосот. Затоа овој филм кој на моменти се чини бавен, сепак го задржува вниманието на гледачот до крај.
@Текстот е објавен во мартовскиот број на „Урбан магазин“ 2002 година.