Кон музиката за филмот „Crouching Tiger, Hidden Dragon“ на Tan Dun

Филмскиот бисер од последнава година, „Притаен тигар, скриен змеј“ на Анг Ли е звучно надополнет со уште еден музички бисер, саундтракот за филмот, кој содржи 15 теми компонирани од Тан Дан. Режисерот Ли кој има сериозен холивудски бекграунд („Sense and sensibility“, „The Ice storm“) сними приказна која претставува хибрид на тајванската и кинеската култура напишана на мандарински јазик, а Тан Дан, фантастично координирано, го надополни делото со звуци што елегантно се надоврзуваат на мултикултурните обрасци и влијанија при создавањето како на филмското, така и на музичкото дело како две засебни, но сепак комплементарни целини.

Формулата за спојување на холивудската романса со кинеската арт драма на филмски начин, Дан ја употреби и на музички план, спојувајќи ја западната оркестарска музика со традиционалните кинески музички инструменти како равап, ерху и тар тапаните, вметнувајќи ја познатата азиска челистка Јо-Јо Ма како мост меѓу двата стила. Успешната стратегија е јасно видлива при гледањето (и слушањето) на филмот, кадешто темите како „Sorrow“, „Farewell“ и „Night fight“ одлично балансираат низ сцените испреплетени со егзитичното и препознатливото, доловувајќи ни ја културата на стара Кина преку универзални звуци и чувства. И уште поважно, музиката не се повторува во ниту една сцена како лајт мотив, така мудро избегнувајќи ја репетитивноста на основната тема и манипулацијата со перцепцијата на гледачот.

Посебна приказна е музиката во акционите сцени, која не го следи клишето на американските филмови кои се преоптоварени си суспенс музика. Додека воините летаат низ просторот наменет за меѓусебна борба, вибрантните кинески ритми, надополнети со лесна мелодија, ја формираат комплетната аудио-визуелна целина. Можеби единствен недостаток на овој саундтрак е последната тема „A Love before Time“, изведена на мандарински и англиски јазик од азиско-американската пејачка Ко Ко Ли, што претставува лош комерцијален компромис во, несомнено, автентичниот филм и саундтрак.

@Текстот е објавен во двобројот јули-август на „Урбан магазин“ 2001 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *