Кон „Границите на контрола“ на Џим Џармуш
Најтешката работа во процесот на реализација на еден авторски филм е барањето пари по разни канали. Тоа уште на почетокот на кариерата го констатираше американскиот инди-режисер Џим Џармуш, кој, и покрај завидната филмографија, се’ уште мака мачи кога станува збор за заокружување на финансиската конструкција на секое негово следно дело. Но, вака-така, човекот се снаоѓа! Во новиот филм во игра влегоа Јапонците, кои пред 20 години го поддржаа и „Мистериозниот воз“, а нешто слично како и Вуди Ален со „Вики Кристина Барселона“, и Џармуш реши да снима во потентната Шпанија, но сликајќи ја од сосема поинаков агол.
По прекрасните „Кафе и цигари“ (2003) и „Скршени цвеќиња“ (2005), четиригодишниот пост Џармуш го искористи за консолидирање на мислите и враќање на филмот кој датира од 1999 година. „Песјо куче: Патот на самурајот“ е одлично урбано остварување во кое се мешаат западната мисла и источната продуховеност, филм во кој Форест Витекер ја оствари најдобарата ролја во неговата богата кариера. Негов најдобар пријател во филмот е францускиот продавач на сладолед игран од Исак де Банкол, кој иако зборува само француски, сепак, афро-американскиот самурај совршено го разбира.
Во „Границите на контрола“ токму де Банкол го игра тивкиот осаменик, како еден вид спротивна инкарнација на Песјото куче. Тој добива мисија да убие човек во Шпанија. Поминувајќи низ секојдневните ритуали во кои во истото кафуле се сретнува со различни луѓе со кои разменува кибрит-пораки, постојано практикувајќи и јога за да не излезе од колосек, осамениот волк полека, но сигурно ќе ја приведе зададената цел кон крајот. Впрочем, како и самиот Џармуш, кај кого доследноста и континуитетот се главните квалитети во неговата био-филмографија.
Токму тука, на крајот од патувањето, лежи целата филозофија на овој филм. Едноставното и на моменти здодевното следење на репетитивните настани на крајот резултираат со големо „БУМ“, во кое се наоѓа и одговорот на прашањето од насловот на филмот: До каде одат границите на контролата? Во преносна смисла прашањето, всушност, би гласело: Која е црвената линија што еден независен филмски автор не смее да ја премине? „Ти си индивидуалец кој не може сам против сите“, му вреска корпоративниот бизнисмен (Бил Мареј) на осамениот волк. Но силата и желбата за промена отсекогаш лежела кај поединецот. Затоа, само напред Џармуше, и понатаму биди и остани само свој, наспроти сите останати холивудски клошари!
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 22 декември 2009 година.