Кон „Контрола“ на Антон Корбијн
Очигледно Манчестер во последниве години е прилично интересна тема за филмаџиите. По одличниот „24 час луѓе за забава“ на Мајкл Винтерботом, во кој ја разголува музичката сцена на овој град од 80-те години на минатиот век, овој пат дојде редот и за едно биографско остварување. Долги години откако сопругата на пејачот и текстописец на Џој дивижн, Дебора Кертис, ги објави мемоарите поврзани со нејзиниот сопруг, харизматичниот Јан Кертис, оваа приказна под наслов „Контрола“ се појави и на големото платно.
Главен виновник за ваквиот развој на настаните е угледниот холандски рок-фотограф Антон Корбијн, кој сето ова го спакува во дебитантски производ достоен за почит. Едноставно, човекот целиот свој живот е фан на бендот, ја направи нивната прва фотографија за британските музички магазини, а потоа долги години ги работеше видео-спотовите за песните на Њу ордер, ден-продолжението на Џој дивижн, чии членови, отпрвин скептични, но потоа со полно срце, го прифатија филмот и беа дел од неговата премира во Кан.
„Ова е пристоен, класичен филм со актери, а не документарен филм, и се фокусира врз она што во својот ум го имал Јан Кертис: неговите демони наспроти неговата генијалност. Тој беше поет и голем уметник на сцената, што придонесе бендот за кратко време да стекне култен статус. Многумина очекуваа класичен долгометражен видеоспот, но се разочараа. Овој филм им го посветувам на вистинските фанови кои ќе се запознаат со случувањата во бендот поблиску од кога и да е“, изјави Корбијн на пресот, задоволен од крајниот продукт.
Јан Кертис се самоуби во мај 1980 година, под притисок на свежиот брак со Дебора, врската со една белгиска девојка која ја запознал на турнеја, и пред се’ поради се’ почестите напади на епилепсија, кои неретко се случувале и за време на свирките.
„Јан изврши самоубиство, тоа е дел од нашиот живот, и цело време се обудиваме да не се враќаме назад, затоа што е болно. Сега оваа наша лична приказна ја гледаме и на екранот, и е многу тешко. Тој е се’ уште во нашите срца“, со тага во очите изјави Бернард Самнер, еден од вечната манчестерска четворка, кој многу емотивно реагираше на прашањата на љубопитните по премиерата на филмот.
Во црно-белото остварување сместено во темниот Манчестер од 70-те, дебитира 27-годишниот Сем Рајли, кој ја напуштил актерската кариера за да успее со својот бенд 10.000 Things, но кога слушнал за аудицијата, се пријавил, иако не знаел многу за Кертис. Сепак, неговата изведба, според режисерот и екс-членовите на Џој дивижн, е маестрална. Во останатите ролји настапуваат Саманта Мортон како Дебора, Џое Андерсон како басистот Питер Хук, Хари Тредвеј како тапанарот Стивен Морис, и Џејмс Пирсон како Берни.
Песните на групата се реаранжирани за потребите на филмот, во кој актерите ги изведуваат во живо. Саундтракот е еден од најдобрите во последниве години, и содржи теми од Дејвид Боуви, Рокси мјузик, Секс пистолс… Официјалната кино премиера ќе се случи на 26 септември, повторно на француско тло.
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 29 мај 2007 година.