„Вечните адолесценти“ од Њујорк, Соник јут, го издадоа своето 13-то по ред студиско остварување, посветено на „духовите и цвеќињата“ од нивниот матичен град. Албумот содржи девет теми во траење од 42 минути, што претставува можност за консумирање на материјалот во еден здив. Песните се компонирани во период од август до октомври минатата година, а снимени се во студиото на нивниот стар пријател Џим О’Рурк од октомври минатата до март оваа година. Албумот во музичките продавници се појави на 16 мај, а само по еден месец, критиките во музичките магазини се и повеќе од позитивни, што покажува дека „соничната“ работилница се’ уште има убави изненадувања низ специфични звуци за своите фанови ширум светот.
По минатогодишниот експериментален двоен албум „Збогум 20-ти век“ (Goodbye 20th century), на кој групата на препознатлив начин преработи теми од неколку авангардни композитори, овој пат Соник јут се враќаат на корените, на нивните први изданија (EVOL, Daydream nation…) кога нивната формула за успех гласеше: да се направи што помелодична песна со прикриен, вулкански хаос во поттекстот. Официјалниот сингл „Free city rhymes“, кој го отвора новиот албум, како и останатите осум теми, на крајно мелодичен начин ги отсликуваат новите, зрели визии на Трстон Мур, Ли Раналдо, Ким Гордон и Стив Шели, и тие се автентичен доказ како треба да се однесува и да звучи бенд кој дваесет години претставува носител на алтернативната музичка култура. Препорачливо е да се пушти тонот до крај!
@Текстот е објавен во дневниот весник „ВЕСТ“ на 13 јули 2000 година.