Според многумина, носители на највозбудливата музичка слика во изминатата деценија беа бендовите што доаѓаа од бристолската сцена. Трип-хопот како нов израз, за релативно кратко време се искачи на пиедесталот како врвно естетско доживување, бидејќи ги содржи музичката иновативност, меѓусебното проникнување на различните музички стилови и, пред се’, целосниот артистички пристап не само во рамките на сцената, туку и воопшто, во секојдневниот живот, како начин на размислување, дишење и живеење.
Ваквите референци на носителите на овој музички жанр, Масив атак, им осигураа култен статус и ја продолжија приказната за еден од највлијателните бендови на денешноцата, иако во нивната 16-годишна кариера објавија само четири албуми. Нивната позиција не е доведена во прашање ниту по објавивањето на последниот албум на почетокот од оваа година, „100-th Window“, иако зад него стои само “-D како one man верзија на некогашното трио. И покрај мрачните ноти и поделеното мислење на критичарите, албумот помина и повеќе од задоволително, што го натера музичарот успешното враќање (или подобро – задржување) на сцената да го претвори во голема светска турнеја, на чија карта се најде и главниот град на Хрватска, Загреб.
По настапот на фестивалот „Пепси Зигет“ во Будимпешта, десетчлената екипа за „масовен напад врз чувствата“ требаше да слета во прекрасниот амфитеатар во Пула на 14 август, но организаторот реши концертот да го помести осум дена порано во загрепскиот спортско-рекреативен центар „Шалата“. Цената на влезницата беше според светски стандарди (33 евра), но и доживувањето што бендот ни го приреди ги оправда вложените средства: концертната продукција беше на високот ниво, светлосните ефекти скромни – но крајно функционални, а огромниот виде-ѕид со понудената содржина на испреплетени бинарни кодови, хемиски елементи и актуелни глобални вести, цело време ги напаѓаше мозочните ќелии на фановите, доведувајќи ги до еклектичен оргазам. „Сакавме околу сцената да направиме амбиент во кој же ни биде прекрасно да свириме, а на публиката ќе и’ биде убаво додека ја слуша нашата музика. Има тука многу интерактивни и експериментални елементи, така што ќе ни биде мило да дојдете, беше фрлената јадица на 3-D во едно хрватско печатено интервју. На неа се фатија, по слободна проценка, околу 4000 луѓе, меѓу кои и 30-тина момци и девојки од Македонија.
Настанот го отвори риечкиот бенд Urban and four со полчасовна свирка на нивните најпознати теми сместени во пост-рок милјето. Како што најави и нивниот лидер, кој поради имиџот и настапот на сцената, очигледно е под големо влијание на Мајкл Стајп од R.E.M, тие се тука само да ја загреат публиката и дека и самите се нетрпеливи да ги погледнат големите магови на современата музика. По уште едно полчасовно подготвување на сцената, време во кое од звучниците тивко вибрираа звуците од новиот албум ан Масив атак, конечно се појави 3-D кој ни посака добредојде и ни ги претстави врвните музичари со кои ќе настапува, екипа составена од тапанар, басист, гитарист и програмер. Магијата почна.
За време на двочасовното патување, вклучувајќи го и бисот, додека телото постојано играше лево-десно-горе-долу, Масив атак отсвиреа дваесетина песни, меѓу кои и големите хитови од 90-те Teardrop, Karmakoma, Unfinished sympathy… со тоа што темите кои на студиските албуми ги исполнуваат црномурната Шара Нелсон, Елизабет Фрејзер (Кокто твинс) и Трејси Торн (Евритин бат д грл), овој пат имаа соодветни замени во исто така црно-белата поделеност на вокалистките.
Овој концерт беше пријатно изненадување поради три битни моменти. Прво, очекував музичкиот дел од темите да биде претставен преку матрица, но 3-D убаво сконтал дека живата свирка е она вистинското. Второ, придружувањето на турнејата на вториот член на Масив атак, Деди-Џи, како и гостувањето на незаменливиот voice-master Хорас Енди само ја дополни автентичноста на изведбата. И трето, бендот се прошета низ репертоарот на сите четири досегашни албуми: Blue lines (1991), Protection (1994), Mezzanine (1998) и 100 Window (2003), што претставуваше заокружување на сликата за нивната звучна виртуозност. И конечно, сите бевме сведоци како треба да функционира еден современ музички проект (а не бенд со точно поделени улоги: лидер, па сето останато надолу), кој претставува концепт за иднината на светската музичка сцена.
На крајот, останува онаа тажна клише-констатација дека треба и мора да ги погледнеме Масив атак и во нашиот град, доколку промоторите покажат поширок светоглед и не мислат само на сопствениот џеб. Но, за да не завршиме на овој начин, со конструктивна критика, една мала и слатка препорака: слушајте ја музиката на овој бенд бидејќи ќе ги направи вашите мисли побистри, посветли и похрабри!
@Текстот е објавен во „Антена“ на 15 август 2003 година.